Пастирски пристап или поистоветување?
 
 
 
 
 

Пастирски пристап или поистоветување? (08.07.2017 11:48)

„И кога пристигна на другата страна во земјата Гергесинска, Го сретнаа двајца бесни, излегле од гробиштата; беа толку лоши што не смееше никој да мине по тој пат. И ете, извикаа и рекоа: ’Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји? Зар си дошол тука предвреме да нѐ мачиш?‘ А далеку од нив пасеше голем број свињи. И бесовите Го молеа и говореа: ’Ако нѐ изгониш, позволи ни да отидеме во свињине!‘ И Он им рече: ’Отидете!‘ И тие излегоа и отидоа во свињите. И одеднаш сите свињи се сурнаа низ стрмнината во морето и се издавија во водата.“ (Матеј 8, 28–32).

Кога симболиката на оваа беседа би ја преточиле во толкување на политичката сцена на нашата земја во последниве 25 години – а се работи за верен опис, тоа би било многу тврда храна за мнозина што би читале. Затоа, ќе се воздржиме од таков остар зафат и ќе приложиме на педагошката трпеза мека храна, погодна за болните и немоќните духовно – за да можат да се исцелат и да зајакнат. Секако, тие ќе бидат нахранети со вистинска храна-лек, а лекот, сепак, малку горчи.

Се сеќавате што ви објаснував пред две-три недели: „Најлошо е кога мислиме дека на Бог Му служиме, а во суштина му служиме на демонот. Тоа се нарекува прелест. Тоа се случува затоа што начинот на нашиот живот не е восогласен со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме. Оттука произлегува и нашето острастено поистоветување (за разлика од пастирскиот пристап) со овосветските шеми на организирање надвор од Црквата: државата, нацијата и партијата.

 

Нашиот пастирски пристап кон државата, нацијата и партијата – нив ги преобразува и зајакнува, додека пак, нас нѐ осветува, а поистоветувањето со нив – нас нѐ заслепува, а нив ги уништува. Кој ќе ни биде крив после?!“

 

Што е пастирски пристап, а што поистоветување, еве, на пример, кога е во прашање партијата? Накратко: пастирски пристап е кога црковните, духовните, Богочовечките вредности ги пренесуваме во партијата, а поистоветување е спротивно од претходното – кога партиските вредности (вредностите на лидерот на партијата) безрасудно и безрезервно ги прифаќаме како свои. Истото важи и за државата и за нацијата.

 

Прашањето што се поставува сега е многу едноставно. Што ќе ни е Богочовекот Христос и целиот Божји Домострој на нашето спасение во Светиот Дух Господ, ако некоја партија или партиски лидер нам треба да ни ги одредува вредностите и критериумите според кои ќе мислиме и ќе живееме? Нели е малку малоумно да се поистоветуваме со овосветските вредности, кои на крајот, сепак, се сведуваат на задоволување на гревовните страсти за човечка слава и власт, за пари и имот, за телесни наслади, а истовремено да се нарекуваме христијани?

Јасно ни е на сите дека двете работи не одат заедно. Затоа, бидејќи отсега па натаму, вие што ќе прочитате, ќе знаете што е правилно, а што не е, отворено ви кажувам дека ако продолжите да се поистоветувате со овосветските шеми на организирање надвор од Црквата, не можете и да се причестувате со Светите Тајни на Телото и Крвта Христови.

За да можеме да имаме пастирски пристап кон луѓето, треба и самите да се наоѓаме на степен на просветлување на умот со дарот на умно-срдечната молитва или барем да сме во подвиг на очистување на срцето од страстите преку послушание – најдобро кај вистински духовен отец, кој, меѓу другото, го препознаваме и по тоа што нема самиот да ни кажува за која партија да гласаме.

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум