Прелест на срцето
 
 
 
 
 

Прелест на срцето (28.07.2018 18:08)

Има лажна состојба (прелест) на умот, но има и прелест на срцето. Едната прелест станува поради прифаќање и усвојување на лажни мисли, а другата од лажни чувства. Оттука произлегува и прелеста во нашиот говор, како и во нашите дела.

Прелеста е повреда на човековиот ум, како и на човековото срце, со лага. Прелеста е состојба во која, помалку или повеќе, најчесто несвесно, се наоѓаме сите ние – без исклучок. Освестувањето на овој факт е најдобра заштита од прелеста.

Најголема прелест е кога некој се смета себеси за ослободен од прелеста.

Двете состојби на прелест заемно се поврзани и се надополнуваат. Поделбата е формална, но ни помага попрецизно да ги разликуваме едната од другата.

За да се подослободиш од прелеста на срцето, не создавај при молитвата лажни чувства: дека Бог ти се лути или дека е задоволен од тебе – и чувството на очај, и чувството на еуфорија го прекинуваат православниот духовен подвиг, а посебно молитвата.

Бог само нѐ љуби, и ние, исто така, треба Него – преку себепринесување, но само на подолуопишаниот начин:

„Од сите чувства на срцето, само едно, во неговата состојба на пад, може да биде употребено во невидливото Богослужење: тагата поради гревовите, поради гревовноста, поради падот и својата пропаст – наречено плач, покајание, скрушеност на духот“. Со еден збор – плачот поради изгубената заедница со Богочовекот Исус Христос.

Покајанието, плачот и смирението се знаци за правилноста на духовниот подвиг. Нивното отсуство е знак за прелест и бесплодност.

Свртеноста кон надвор и решавањето на световните проблеми со запалена крв, пред просветлувањето на умот и дарот на аскетската умно-срдечната молитва, го руши покајанието. Ваквата состојба се нарекува поистоветување со човечките стихии, за разлика од пастирскиот пристап.

Постои свесно и несвесно опрелестување. Откако ќе прочитате – станува свесно. Кој е дотолку глуп свесно да се опрелестува?

Затоа што „оној што мисли за себе дека е бестрасен, никогаш нема да се очисти од страстите. Оној кој за себе мисли дека е исполнет со благодат, никогаш нема да добие благодат. Оној кој мисли дека е свет, никогаш нема да достигне светост“.

Митрополит Струмички Наум