„Дојдете при Мене сите изморени и обременети, и Јас ќе ве успокојам“
 
 
 
 
 

„Дојдете при Мене сите изморени и обременети, и Јас ќе ве успокојам“ (15.09.2018 09:19)

Некои велат дека целта ги оправдува средствата. Нормално, за православниот христијанин тоа не важи, ако сака да остане христијанин, воопшто. Не е возможно – на лош начин и користејќи  лоши средства, да постигнеш добра цел.

Христос вели: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јован 14, 6). Со други зборови, ни вели дека Тој е и начинот, и средствата, и целта. Значи, и начинот мора да биде добар, и средствата кои се користат треба да се добри, ако сакаме да оствариме добра цел.

Прашањето е: како преку поистоветување, односно преку идентификување со држава, нација или партија, некој сака што било вредно да сочува? Преку поистоветување, односно преку идентификување со појавите од овој свет или преку поистоветување со минливото, човек го губи својот христијански идентитет; а кога веќе го губи христијанскиот идентитет, тогаш ја губи и Божјата несоздадена благодат... и сѐ... што сака да сочува.

Од една страна, не е можно човек да има подвоена идентификација: и христијанска – која единствено не е од овој свет, и која било друга – која е од овој свет. Не е возможно да им служиме и на Бог и на мамон (види: Матеј 6, 24). Од друга страна, пак, христијанскиот идентитет, антиномично – како и сѐ во Црквата, ги зајакнува и ги преобразува и личниот и националниот идентитет. Ако Бог е со нас, тогаш – кој ќе е против нас?

Поистоветувањето со овоземните појави и губењето на христијанскиот идентитет се лошиот начин. Користењето на говорот на омраза, кој произлегува од лошите мисли и лошите чувства, и користењето на лошите дела – се лошите средства, а отпаѓањето од Богочовекот Христос, поделбите и поразот се лошата цел.

Токму лошите средства што се користат ги покажуваат и лошиот начин и лошата цел.

Не препознаваш дека користиш лоши средства? Провери се со Новиот Завет на нашиот Господ – Богочовекот Исус Христос. Барем тоа е лесно.

           Дали ги љубиш непријателите свои? Не ги љубиш! Ги мразиш.

           Дали се молиш за оние што те навредуваат и гонат? Сигурно не! Им посакуваш сè најлошо.

           Дали на злото враќаш со зло? Враќаш – и тоа несразмерно!

           Дали на сите им стана сѐ, само некого за Христос да придобиеш? Најочигледно – не!

           Дали им стана слуга на сите? Не си станал слуга никому, освен на својата суета!

           Дали кога ќе ти побараат нешто, даваш дупло од побараното? Не даваш ништо, а ако можеш и земаш!

           Гледаш и самиот дека одговорите се – не!? Ти правиш сѐ спротивно од евангелските критериуми!

          Тоа што е речено: нема поголема љубов отколку човек да ја положи душата своја (животот свој) за ближниот свој (види: Јован 15, 13), не го толкувај како што ти одговара. Како прво, и непријателот е нашиот ближен, ако не и најближен. А, како второ, не вели Христос да ја положиш душата на непријателот, туку – твојата душа. Едноставно, секаде каде што ќе забележиш користење на злото како средство, знај дека тоа не е христијански, туку е демонски чин.

          Нашата цел не е различна, различни се средствата што ги користиме. Нема воскресение без крст, без саможртвена љубов. И, ако ова не го разбирате, драги браќа и сестри, навистина ми е жал.

Митрополит Струмички Наум