„Тие ги имаат Мојсеј и Пророците; нив нека ги слушаат“
 
 
 
 
 

„Тие ги имаат Мојсеј и Пророците; нив нека ги слушаат“ (27.10.2018 09:53)

Духовниот развој на личноста не е магиски чин (ако каснете од плодот, ќе станете како богови – види: 1 Мој. 3, 5), туку тоа е процес на растење и созревање, во послушание. Самиот Авраам ни го потврдува ова со зборовите: „штом Мојсеј и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат“ (види: Лука 16, 19–31).

            Денешните Пророци се нашите духовни отци, во Црквата, кои слободно и љубовно ги одбираме, за преку нив смирено да ја чуеме Божјата волја. Дури и кога – поради своите човечки слабости, тие би ни дале некој погрешен совет, Бог – поради нашата доверба, во Него, преку нив – сѐ на крајот ќе претвори во наша духовна полза.

            Послушанието е подвиг на ставање на умот во процес на исцеление, без што никој не може да го очисти своето срце – и да Го види Бог. Послушанието е премин од противприроден во природен начин на живот.

Послушанието е процес на исцеление од невроза и од растројство на личноста, и превенција од религиозна невроза и од религиозно растројство на личноста. Само да ве потсетам дека кога зборуваме за религиозна невроза или растројство, веќе зборуваме за демонизираност.

Послушанието е активирање на примарната функција на умот – соединување на нашата создадена енергија со несоздадената Божја енергија преку молитвата, како и пренасочување на неговата секундарна функција кон исполнување на Божјите заповеди – што исто така, се случува во заедница и содејство со несоздадената енергија Божја.

Послушанието е восогласување на начинот на нашиот живот со степенот од духовниот раст на кој се наоѓаме, како и со местото и улогата што ги имаме во Црквата и во општествениот живот. А ова восогласување, ретко кој го прави.  

            Послушанието е  духовен прием на вистинското Предание на Светите Отци.

 Послушанието е процес на Божествено преобразување, растење и созревање до достоинството на дете Божјо.

Послушанието е сѐ во Црквата Божја.

Послушанието, кон човек, завршува со добивањето на дарот Божји на умно-срдечната молитва. „Вие сте скапо платени: не станувајте робови на луѓе“ (1 Кор. 7, 23).

Е, сега... духовниот отец разбира дека секое негово чедо, од разни причини – да не навлегувам во тоа, ќе го слуша колку сака – особено во тешките моменти од животот. Исто како што, освен еден, сите останати Апостоли не Му беа послушни на Богочовекот Христос до самото Негово Распнување.

Но, од истиот пример знаеме дека вистинските ученици го пројавуваат во себе и плодот на покајанието, а вистинскиот духовниот отец секогаш ја задржува својата љубов за нив; дури и за оние кои, евентуално, нема да се покајат.

Пресвета Богородица, дај ни да сфатиме што е тоа целосрдечно послушание и помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум