Надумна тајна
 
 
 
 
 

Надумна тајна (05.01.2019 19:51)

Гледам необична и преславна тајна,
небото станува пештера.
Дева го заменува херувимскиот престол.
Јаслите се сместувалиште во кои се положи
Несместливиот Христос Бог...

Нам, во Црквата, во благодатта на Светиот Дух ни е дадено, одново и одново, да стануваме учесници и заедничари во оваа надумна тајна на воплотувањето Божјо. Божик е празник на богочовечка радост. Предвечниот Бог, од преголема љубов кон човекот станува еден од нас и ја преминува непреодната бездна помеѓу созданието и Создателот. Бог станува човек, и му дава на човекот можност да стане бог. На Божик, одново и одново, ни се открива Христос, Кој на земјата донесе мир и меѓу луѓето блага волја. Во ближниот свој сега можеме да Го видиме Бог, и Бог станува наш брат и пријател.

Дојдете сите вие што велите дека сте Христови, а сакате да владеете над луѓето, и видете Го Христос, Кој доаѓа смирено како слуга, бидејќи не дојде да господари над нас, туку да послужи за нашето спасение. Дојдете сите, кои дрско ја наметнувате својата „вистина и ја повредувате слободата на ближниот, и видете го раѓањето на апсолутната Вистина, безгласно, безболно и нечујно во темна пештера. Ве преколнувам дојдете, браќа и сестри, излезете од вашите топли домови и богати семејни вечери, налик на витлеемските – таму не е Богомладенецот Христос, и тоа не е христијанство. Тој седи гладен и премрзнат со оние што собираат картон и пластичен отпад за да се стоплат.

Во Него ни е дадено целиот свет да го чувствуваме како свое семејство. Тоа е Црквата, и тоа е христијанство. Дојдете да ја видите оваа чудесна прегратка Божја, која го прегрнува сето човештво во лицето на тројцата мудреци, и навестува уште поголема и жртвена прегратка, раширена и прикована на Крст, која од смрт избавува.

Можеме да се наречеме христијани, само ако останеме Христови. Не е Христос околу огновите, далеку од Црквата, покрај ракија и мрсни јадења. Христос е во Црквата, и Црквата е во Него.

Не смееме и не можеме да празнуваме Рождество Христово – без Христос.

Оваа необична и преславна тајна на Раѓањето Христово, како што вели свети Јован Дамаскин, нѐ воведува во уште подлабока и надумна тајна, која се остварува на личен и љубовен план помеѓу Бог и човекот, а тоа е кога човековото срце станува сместувалиште на Несместливиот, налик на утробата на Богородица и налик на витлеемската пештера.

Бог, по Својата милост и по молитвите на Богородица, да ни подари таков Божик на сите нас.

Христос се роди!

Викарен Епископ Јаков Полјански