Божикна литија во Струмица
 
 
 
 
 

Божикна литија во Струмица (06.01.2019 19:07)

 

Денес, на Бадник, се одржа Божикна литија низ улиците на градот Струмица. Децата на целиот град му ја објавија радосната вест за Христовото раѓање.

            Литијата започна од црквата „Свети Григориј Палама и свети Димитриј“, па се движеше кон градскиот плоштад, низ улиците, сè до манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ во Струмица. Во манастирот ги пречека викарниот Епископ г. Јаков Полјански, кој им подари пакетчиња, икончиња и сликовници.

Во оваа прилика, тој им го пренесе благословот и поздравот од Митрополитот Струмички г. Наум и им се обрати со следните зборови:

„Убаво е да ја запаметите и да се сеќавате на атмосферата што ја гледате во вашите детски срца. Христос се раѓа, одново и одново, во секое човечко срце, но како што ќе растете и зреете, ќе видите дека овој свет не е ист со светот од каде што доаѓа Христос, не е ист со Царството Божјо во кое нема грев и злоба.

Затоа, сакам да запаметите и да се сеќавате на сето она што го чувствуваат вашите детски срца, кои наликуваат на пештерата во Витлеем, каде што се роди Христос. Вие го видовте Неговото раѓање и ни го објавивте нам. Затоа, не дозволувајте во тие ваши мали, но во исто време големи пештерички да влезе нешто друго освен Христос, не дозволувајте да ве допре злото на овој свет, не дозволувајте да ве допре гревот.

А знаете ли како нема да дозволите? Со тоа што другарчето што е до вас, ближниот, ќе го гледате така како што ги гледате браќата и сестрите дома, ќе го гледате како себеси. Така, нема да се шегувате со оние што се понемоќни меѓу вас, туку ќе ги заштитувате од оние што со нив се подбиваат. Така, целиот ваш живот, и како возрасни луѓе, ќе останете сведоци Христови – а тоа значи да се биде христијанин.

Сè додека сме живи да останеме сведоци на Неговото славно раѓање, Неговото славно воплотување и на Неговото воскресение.

Христос се роди!“

 

   

                           

                                                        

         

 

Владиката Јаков, исто така, ја најави и ги покани децата и нивните родители на промоција на книгата за деца „Светилници на светот“, со житија на македонски светители, збогатена со илустрации од учениците од струмичките училишта. Промоцијата ќе се одржи во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, во Струмица, на 10 јануари, во 18 часот. Истовремено ќе се одржи и изложба на детските цртежи изработени за книгата.