Педесетница (07.06.2009)




Вознесение во Педесетница
Деца, сигурно се сеќавате кога при толкувањето на евангелието за жената Самарјанка ви реков дека водата што Богочовекот Христос ни ја дава, и која имајќи ја никогаш нема да ожедниме, е благодатта на Светиот Дух во нашето срце. Оваа благодат во нас може да стане и извор на благодат која нè води во живот вечен доколку го очистиме и го отвориме нашето срце. И дека потекувањето на благодатта, односно добивањето и пронаоѓањето на вода жива, пројавено како умносрдечна молитва, е дар Божји.
Денес, кога повторно учествуваме во светата Педесетница, истата потврда ја добивме од Самиот Богочовек Исус Христос и од Неговото Евангелие: „Кој е жеден, нека дојде при Мене да пие! Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода”. А ова го рече за Духот, Кого ќе Го примат оние што веруваат во Него; оти Светиот Дух уште не им беше даден, бидејќи Исус уште не беше прославен.
Последнава евангелска реченица ме инспирира да кажам збор-два за Вознесението на Богочовекот Христос и за симнувањето на Светиот Дух Господ на Апостолите, за овој двоеден настан во севкупниот Домострој на Бог и Отецот за нашето спасение.
Ако Синот Божји не се симнеше на земјата меѓу нас, ниту ние ќе можевме во Малиот Вход на светата Литургија на Црквата да се вознесеме и да застанеме пред престолот Божји. Ако Он не се крстеше, ниту ние ќе можевме да умреме за гревот и да бидеме живи за Бог во Него. Ако Он не ја проповедаше Својата Блага Вест за Царството Божјо, ниту ние ќе можевме на светата Литургија на Црквата да го читаме и проповедаме Неговиот Нов Завет. Ако Он не се жртвуваше на Крстот за нас и наше спасение, ниту ние ќе можевме во Големиот Вход од светата Литургија да се принесеме самите себе и целиот наш живот на светиот Престол Божји преку даровите што ги принесуваме на него. Ако Он не се вознесеше и не седнеше оддесно на Отецот, ниту Светиот Дух Господ ќе се симнеше на Апостолите, а преку нив и преку светите Отци и на нас до денес, во Црквата. Ниту пак Второто Христово Пришествие и Страшниот Суд ќе беа веќе и уште не. А ако пак Светиот Дух не се симнеше на нас, никакво значење немаше да има за нас сето она што Богочовекот Христос го направи за нашето спасение. Дел од човечката природа во својата целост неразделно, неслиено, неразлучно и непроменливо соединета со Божествената природа во едната Ипостас Христова ќе се прославеше до седење оддесно на Отецот, исто како и Богородица и секогаш Дева Марија, Која Својата лична Педесетница ја доживеа во моментот на Воплотувањето на Синот Божји, и тоа ќе беше сè.
Но, ова е само теологизирање, претпоставка, колку да го видиме значењето на симнувањето на Светиот Дух. И навистина, Светиот Дух Господ се симна на светите Апостоли и во собранието на Црквата, и во светата Литургија на Црквата ни овозможи и секој пат повторно ни овозможува да станеме учесници во севкупниот Светотроичен Домострој на нашето спасение. Но, симнувањето на Светиот Дух покрај своето светотаинско и соборно-лично значење за нас, има и длабоко лично-соборно, односно внатрешно значење за нас. Без лично да Го примиме во Црквата Светиот Дух, ниту срцето наше ќе станеше наш духовен центар, ниту ќе знаевме за местото на срцето, ниту исцелениот наш ум – односно, енергијата на нашиот ум соединета со својата суштина во срцето – ќе можеше молитвено да се просветлува престојувајќи во благодатта на Светиот Дух, ниту ќе можевме да Му служиме на Бог на олтарот од нашето срце, ниту ќе можевме целата Црква да ја видиме собрана во нашето срце, ниту ќе можевме да ја видиме несоздадената светлина Божја, ниту од нашата утроба (срце) ќе потечеа реки од вода жива, та да можат и нашите ближни да ја угасат својата жед.
И како вообичаено после Христовата проповед настана во народот расправија за Него. А некои од нив сакаа да Го фатат, но никој не стави рака врз Него. Дојдоа, пак, слугите кај првосвештениците и фарисеите и овие им рекоа: „3ошто не Го доведовте?” А слугите одговорија: „Никогаш човек не говорел така како Овој Човек”. Тогаш им одговорија фарисеите: „Да не се прелажавте и вие? Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него? Но овој народ, што не го знае Законот, е проклет”.
Гледате ли деца како првосвештениците и фарисеите самите за себе сведочат дека својот ум го хранеле само со празно знење, но не и своето срце со добри дела: Поверувал ли некој од началниците и фарисеите во Него? Но овој народ, што не го знае Законот, е проклет”. Се сеќавате сега дека во беседата „Скаменето срце“ ви нагласив колку е опасно ако го храниме само умот, односно разумот, и тоа со читање и со концентрирање на знаење. И дека оваа грешка ја прават многумина денес. И дека знаењето од тој тип носи гордост, прелест и разградува. И дека е подобро повеќе да обрнеме внимание на хранењето на срцето со добри дела, затоа што преку тоа ќе го храниме и умот со вистинско знаење. И, овој пат би додал, дека е подобро човек да не знае ништо, а да живее според својата совест, отколку да мисли дека знае нешто. Празното знаење, прелеста, нè одделува од Богочовекот Христос.
И пак им рече Исус, велејќи: „Јас сум Светлината на светот; кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот”. А врват по Него оние кои ги исполнуваат Неговите заповеди. Оние кои своето срце и својот ум ги хранат со добри дела, во послушание на својот духовен отец. Оние кои не мислат за себе дека се подобри од кој било друг. Оние кои вината за сè ја гледаат само во себе. И врват по Него оние кои начинот на својот подвиг го восогласиле со степенот од духовната возраст на кој се наоѓаат. Сите тие ќе имаат светлина во животот.
Митрополит Струмички Наум
(според записот на сестрите)




