Божествена Литургија на Педесетница во манастирот во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија на Педесетница во манастирот во Водоча (31.05.2015 13:33)

Духовност и душевност

 

Ајде да се потсетиме уште еднаш на некои душевни и духовни појави и да ги дообјасниме за да можеме поубаво да ги поврземе и запаметиме, оти ќе ни користат во самоиспитувањето.

Како што постои природен начин на живот, кој според светите Отци е поделен на три нивоа од духовниот развој: очистување на срцето од страстите, просветлување на умот и боговподобување (обожение), така постои и противприроден начин на живот што се одвива во три надолни нивоа на душевно и ментално разболување: валкање на нашето срце од исполнување на страстите (без оглед дали со мисла, со збор или на дело), затемнување на умот – од прифатени демонски помисли во срцето и од гревови на дело што ни станале навика, и демонизирање – опседнатост од духовите на злото од поднебесјето поради трајна своеволна определба кон гревот (зборуваме во случај кога не постои физиолошка основа за психичката болест).  

Трите надолни нивоа на душевно разболување, кои претходно ги објаснивме со наша –  христијанска терминологија, модерната психологија ги нарекува: неврози, растројства на личноста (порано – психопати, социопати) и психози. Кога се во прашање психозите, а посебно во случај кога не постои физиолошка основа за психичката болест, модерната психологија не ја зема предвид и не знае да ја разликува демонизираноста како причина за таквата душевна состојба на клиентот. Сѐ што научно успеала да разликува и прифати од тој домен се од неа таканаречените автоматски помисли, за кои сепак не знае како да се надминат.

Да се потсетиме на уште едно духовно правило и потоа да направиме уште една интересна споредба. Се сеќавате на петте контролни точки – како правилно се надминува едно искушение на првиот степен од духовниот развој. Тоа беа: прифаќање, благодарење, самоосудување, непокажување и молитва (процес на преобразување). И во модерната психологија, од Elisabeth Kübler-Ross („On Death and Dying” – 1969), се забележани пет стадиуми во случај на загуба (искушение) низ кои поминува одредена индивидуа што води противприроден начин на живот. Со мое дообјаснување, тоа се: одбивање (неприфаќање), гнев, самосожалување (што би било, кога би било), депресија (очајание) и прифаќање (помирување со „судбината“). Во периодот пред да се случи конечната загуба, во третиот стадиум, наместо самосожалување се случува таканаречено тргување со „Повисоката моќ“ – на пример: ако оздравам, ти ветувам тоа и тоа...

Овие пет стадиуми низ кои поминува индивидуата од противприродниот начин на живот (душевност) се сушта спротивност од петте контролни точки низ кои поминува христијанскиот подвижник кој води природен начин на живот (духовност), зашто од опит знаеме дека првиот – затворен во својата создадена и падната природа, е ограничен да помине само низ процес на потиснување, а вториот – заради благодатна и личносна заедница со Бог поминува низ процес на преобразување. Сега секој сам нека се преиспита низ каков процес поминува за време на едно искушение.

Каква врска има сето ова, погоре реченото, со светата Педесетница? Очигледна – нема природен начин на живот (духовност) надвор од Црквата на Светиот Дух Господ.

 

Митрополит Струмички Наум