Божествена Литургија во Водоча
 
 
 
 
 

Божествена Литургија во Водоча (28.08.2015 00:01)

 

Четвртото или оддесно на десното место

 

Се сеќавате на мајката на Заведеевите синови (светиот апостол и богослов Јован и светиот апостол Јаков), која заедно со нив Го молеше Богочовекот Христос: „Заповедај овие мои два сина да седнат при Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево во Твоето царство!“ Исус одговори и им рече: „Не знаете што барате...“ (Матеј 20, 21-22). Навистина не знае што бара некој што превидува дека ако неговото барање се оствари, треба да седне пред Божјата Мајка и Божјиот Крстител. „...Да се седи од Мојата десна или лева страна, тоа не зависи од Мене; таму ќе седнат оние за кои е приготвено од Мојот Отец” (Матеј 20, 23). Значи, тоа не зависи ниту од Бог, туку од самите тие што ќе го остварат, слободно и љубовно, од Бог поставениот критериум за единство и заедница со Него.

И што гледаме ние денес на храмовиот иконостас – икона на Царството Небесно: кој седи од десната и од левата страна Христова? Не седи ниту апостол – па бил тој Петар или Павле, ниту некој свет архиереј, односно не седи претставник на надворешното свештенство; седат никој друг, туку првите и совршените носители на внатрешното, вистинско новозаветно, есхатолошко (вечно) и царско свештенство – Пресвета Богородица и Секогашдева Марија и свети Јован Крстител. Само преку носителите на ова свештенство во Црквата, а преку нив и во светот и во неговата историја, дејствува единствената непрестајна Литургија, односно Очевиот Домострој на нашето спасение, преку Синот во Светиот Дух Господ.

Сега, јас барем, не гледам некоја разлика по чест, како што гледам разлика во послушание, помеѓу првото и второто (десното) место, бидејќи Христос во Нејзиниот скут седи; но помеѓу второто и третото (левото) гледам – дека второто е поголемо по чест и од херувимското и неспорделиво пославно и од серафимското. Иако со напишаново е можно да соблазнам некој од читателите (кој не знае), сигурен сум дека нема да навредам никого од спомнатите овде – напротив. А четвртото место сѐ уште е отворено...  

Митрополит Струмички Наум