Избор
 
 
 
 
 

Избор (11.12.2016 19:13)

Богочовекот Исус Христос ги победи ѓаволот, гревот и смртта – и тоа ги победи за нас, и наместо нас, и го обезбеди нашето вечно благобитие. Ѓаволот, неговите демони, неговиот слуга – антихристот, гревот и смртта се поразени. Наше е само слободно, со вера и на дело, да избереме дали ќе учествуваме во победата на Богочовекот или во поразот на ѓаволот, и никакви други победи или порази не постојат на овој свет, и никаков друг суштински избор немаме. И секој избор на ова се сведува.

Значи, или ќе бидеме со Христос и Неговата Црква или со ѓаволот и со двете подеднакво опасни групи луѓе со кои тој раководи – онаа, навидум побожната, што Го предаде исто како Јуда, и онаа што Го осуди и распна. За жал, и многу христијани, поради потпирањето  (свесно или несвесно) на сигурноста од овој свет се определуваат за припадност на една од овие две световни групи и се одрекуваат од Богочовекот Христос. Отпаѓањето од Богочовекот Христос ги внесува сите нив во светот на гревот и илузијата.

Ѓаволот, полека но сигурно, го гради апокалиптичниот свет на илузијата. За таа цел најчесто ги користи таканаречените јавни личности или селебрити, како медиуми или преносители на неговата илузија, на пример: првосвештениците, филмските, музичките или спортските ѕвезди, политичарите, големите бизнисмени итн. – кои станаа урнек според кој целиот свет се раководи. Колку поголема слава или позиција има јавната личност во овој свет, толку е поголема веројатноста демонот да ја користи како свој медиум.

Улогата на медиумот е да дејствува директно на страстите (славољубие, среброљубие и сластољубие), да ги разбуди страстите, да нѐ убеди да ги задоволиме и од нашиот живот да направи што поголема илузија. Состојбата на илузија, пак, од своја страна, уште повеќе ги буди страстите во човекот и затоа е така лесно приемчива и општоприфатена од безличните маси. Целиот свет живее во помала или поголема мера на илузија. Вистината е тесниот пат на трезвеноумието, по кој малкумина врват.

Клучно, за нас христијаните, е дека секој што нема да го восогласи својот живот со степенот од духовниот развој на кој се наоѓа, како и со местото и улогата што ги има во Црквата, отстапува од Божјата благодат и како таков многу лесно паѓа во грев, а со тоа и во илузија, и станува медиум на демонот – кој преку него делува и внатре во Црквата.

Три посебно опасни илузии имаат прифатено христијаните, во текот на својата историјата, кои суштински ги одделуваат од Вистината, од Црквата: поистоветувањето со државата, поистоветувањето со нацијата и поистоветувањето со политичките партии – наместо да задржат само пастирски пристап кон наведените општествени феномени. Едно е поистоветувањето, а суштински друго е пастирскиот пристап. Пастирскиот пристап не ги негира посочените општествени феномени, туку ги исправа и исцелува нивните девијации, а поистоветувањето е прифаќање и учество во нивните девијации и е голем грев.

Нашиот проблем е што за разбивање на илузијата мора да се појави Вистината, односно носител на Вистината, односно личност – партиципиент во Вистината, која со својата појава во сила ја разбива илузијата и носи трезвеност и покајание меѓу луѓето, а таквите се реткост. Но, таму каде што ќе се појави Вистината, илузијата исчезнува како темнината од светлината, се случува духовното прогледување, како и можност за здобивање со плодовите на Светиот Дух, а тие се: „љубовта [и кон непријателите], радоста, мирот, трпението, добрината, милоста, верата, кротоста, воздржливоста...“ (Гал. 5, 22–23), како и единството и заемното помагање. Ги препознаваме ли овие плодови во себе денес, во овој момент?

Господи Исусе Христе, заради Богородица, и по молитвите на светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици – кои Тебе Те избраа, помилуј нѐ!

Митрополит Струмички Наум