Недела на света Марија Египетска
 
 
 
 
 

Недела на света Марија Египетска (01.04.2017 15:00)

Свети Василиј Велики вели: „Жена не сум познал, а девствен не сум“. Секако, изречените зборови се од смирение и за наша поука, а не дека свети Василиј не бил девствен и со тело, и со душа. Дај Боже, да ја имаме неговата недевственост! Но, во Неделата на света Марија Египетска, кога многу добро го знаеме нејзиното чудесно житие, само по себе ни се наметнува едно друго прашање – спротивно на претходното тврдење. Имено, дали е возможно да се каже дека жена или маж познав, а девствен или девствена сум“? Нормално, никој тоа од смиреноумие за себе не би го изјавил, но како можност, прашањето останува.

Мислам дека ако правилно ги протолкуваме зборовите на свети Василиј Велики, истовремено ќе го добиеме и одговорот на второто прашање.

Што Светите Отци подразбираат под поимот девственост? Очигледно е од самите зборови – „жена не сум познал, а девствен не сум“, дека за нив девственоста е, пред сѐ, духовен поим и духовна состојба, а не телесна. Некој подвижник може да рече дека „жена не сум познал“ и автоматски да се смета за телесно девствен, но за Светите Отци таквата девственост не е доволна за некој да се нарече и свет.

Да не должам многу со цитати и објаснувања, девственоста за Светите Отци е, пред сѐ, девственост на умот. Според нив, секое отклонување на умот од Бог е блуд.

Кога веќе ги знаеме степените на духовниот развој по кој треба да растеме и созреваме, а тоа беа: очистување на срцето од страстите, просветлување на умот – со дарот на аскетската умно-срдечна молитва, и обожението – со дарот на непрестајната или благодатната умно-срдечна молитва, можеме полесно да одредиме од кој момент почнува девственоста – според Светите Отци, и во кој момент таа се восовршува.

Девственоста почнува со просветлувањето на умот, односно со дарот на аскетската умно-срдечна молитва. Просветлувањето на умот не е само состојба во која благодатта го покажува местото на срцето, а умот кога сака се моли во него и таму суштински се преобразува и просветлува. Просветленоста на умот е севкупна духовна состојба, во која човекот што и да мисли, што и да говори и што и да дела (па дури и во сон), сето тоа го прави, со дарувано од Бога внимание, да биде во слава Божја.

Овој степен од духовниот развој, не само што е почеток на духовната девственост, туку се возобновува и телесно изгубената девственост. Показател за тоа е слободниот влез на умот пред олтарот на срцето и неговото невидливо свештенодејство таму. Зошто го спомнувам ова? Зашто, според Светите Отци, умно-срдечната молитва е критериум, како и внатрешно духовно покритие за свештеничкиот чин. 

Девственоста, и телесна и духовна, се восовршува со обожението на човекот и со Божијот дар на непрестајната умно-срдечна молитва. Ако се потсетиме, сега, на житието на света Марија Египетска, во кое ги препознаваме сите елементи на обожението, слободно, во нејзино име, можеме да кажеме (зашто таа никогаш не би го рекла тоа за себе) – маж сум познала, а девствена сум. Таа не би го рекла тоа, но ние сме должни да го почитуваме и возгласуваме неискажливиот покајнички подвиг на чедата Божји и да се угледаме на нив.

Пресвета Богородице, по молитвите на Твојата девственичка Марија Египетска, избави нѐ од секаков блуд и спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум