Благовести
 
 
 
 
 

Благовести (06.04.2017 15:00)

Само да се потсетиме: сигурно по толку време веќе ви е јасно дека на Онаа Која е почесна од херувимите и безмерно пославна од серафимите не Ѝ требаше од ангел, па макар бил тоа и архангел Гаврил, да ја дознава вистината за воплотувањето на Синот Божји од Светиот Дух во Неа. Така, тоа што денес архангелот го благовести веќе беше договорено и восогласено помеѓу Бог и Приснодева Марија во Нејзиното срце, пред кој било друг да знае. Денес, во Светата Литургија на Црквата само се остварува, се посведочува и се обзнанува – заради наша поука и заради наше спасение.

Слично, но бескрајно посовршено од она на коешто постојано ве потсетувам. Сакате нешто душеполезно во животот да ви се оствари? Земете си благослов од духовниот отец и измолете го претходно во молитва. Но, ако го имате дарот на умно-срдечната молитва, ем ќе знаете што душеполезно да измолите, ем сигурно ќе ви се оствари – прашање е само на време. Бог ги слуша Своите чеда. Наемниците ќе си го добијат само наемот, а робовите ќе се ослободат од стравот. И толку.

Сакам да споделам нешто друго со вас денес. Забележувам дека некои атеисти и иноверни, од целата Православна вера, свесно, а повеќе и несвесно (читај, демонот преку нив), најчесто го напаѓаат и им пречи токму тој момент – моментот на бессеменото зачнување. Ги напаѓаат можноста за совршенство (обожение) на човекот, создаден според икона и подобие Божјо, и совршената љубов Божја до крајното смирение да стане човек. Дури и тајната на егзистенцијата на Бог во Троица, во три Личности – на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, им е многукратно поблиска отколку бессеменото зачнување на Синот Божји од Светиот Дух и Дева Марија. И размислував, зошто е тоа така?

Простата логика кажува дека ако има Бог, тогаш сѐ е можно! Зарем не им е доволно да го негираат постоењето на Бог, за сѐ друго да стане беспредметно за дискусија? Но, како ќе го препознаевме духот на антихристот, ако сам не се издадеше? „По ова познавајте Го Божјиот Дух, и духот на лагата: секој дух, што признава дека Исус Христос дошол во плот, од Бог е. А секој дух, што не признава дека во плот дошол Исус Христос, не е од Бог; тоа е духот на антихристот, за кого сте слушале дека иде, па и сега е веќе во светот“ (1. Јован 4, 2–3).

Но, дали само по ова го препознаваме одвратниот дух на антихристот? Не. Воплотувањето на Синот Божји има и свои последици; духот на антихристот го препознаваме и по тоа што ги негира последиците од Воплотувањето. Разликуваме грубо и суптилно негирање на тие последици.

Грубо негирање е кога некој ја негира Црквата – која е Тело Христово, нејзините Свети Тајни, светата тајна Свештенство – посебно епископскиот чин, светителите Божји, светите храмови, чесниот Крст Христов, светите икони (овде препознаваме и посуптилни негирања, оправдувани со начинот на кој верниот народ наводно погрешно ги почитувал иконите – особено ги препознаваме по погрешно одбраното време за напад), светите Догми, светите Канони, светите Вселенски Собори итн.

Суптилното негирање на последиците на Воплотувањето се случува повеќе несвесно, од незнаење, поради непросветленост на умот и под демонско влијание, и многу е поопасно, затоа што потешко се препознава, а тоа се случува кога Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква ја делиме на повеќе национални цркви, кога влегуваме во световните шеми на поделба (било глобални, било национални, било партиски), кога не ги чувствуваме сите луѓе како наши ближни, без оглед на нивната расна, национална и верска припадност, и кога не работиме на нивното единство (кога не го љубиме ближниот како жива икона Христова), кога не го разбираме целиот свет како осветен храм Божји, кога не го разбираме секое наше работно место како олтар Божји, кога не го разбираме својот живот како непрестајна Литургија Божја, кога не гледаме на своето тело како Тело Христово и храм Божји (особено кога свештенството им дава предност на други свети предмети при благословување, а не на својата рака – која е, сепак, непосредно Тело Христово), кога духовниците ги насочуваат своите духовни чеда кон себе, а не кон својот епископ и кон Богочовекот Христос, кога епископот ги насочува верните кон себе, а не кон Бог, кога не го восогласуваме начинот на нашиот живот со душевната или духовната состојба во која се наоѓаме, кога го релативизираме послушанието, кога го негираме посебното позитивно дејство на Исусовата молитва, кога враќаме зло за зло итн.

Посебно би го нагласил несфаќањето и негирањето на новите личносни односи, кои се воспоставуваат после Воплотувањето на Синот Божји – на пример, Богочовекот Христос не е само Син Божји, туку е и Син на Пресвета Богородица и Секогаш Дева Марија, со сите последици што од тоа за Него произлегуваат, а една од нив е послушанието кон Својата Мајка.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум