Цветници
 
 
 
 
 

Цветници (08.04.2017 15:00)

Историјата на овој свет заврши со Распнувањето на Богочовекот Христос и доаѓањето на Царството Небесно. Овој свет Го отфрли Богочовекот Христос и самиот себе се осуди на пропаст, а историјата само монотоно се повторува: од едните Христос е повторно и повторно предаван, од другите е повторно и повторно распнуван, а во третите е повторно и повторно предаван и распнуван. Предавниците се секогаш фарисејското свештенство, распнувачите и убијците се секогаш световната држава, а Богочовекот Христос се Неговите верни (Црквата) кои правилно растат по степените на духовниот развој. Нема ништо ново во овој свет.

Затоа и постојано ви повторувам: во глобалниот театар на илузијата во којшто живееме многу страни немаме, или ќе бидеме со Христос или со другата страна – световната, во која, патем речено, разликуваме две еднакво опасни групи – онаа, свештеничко-фарисејската, што Го предаде на чело со Јуда, и онаа што Го осуди и распна. Нашата заблуда е што барајќи ја сигурноста во овој свет и „овоземното царство“, најчесто се определуваме за онаа група од првата опција, маскираната во побожен лик, која, всушност, Го предаде; затоа што сме потполно исти како нив – немајќи внатрешно духовно покритие: прво – за името христијанин, а второ – за свештеничките чинови што ги носиме. Атеистите најчесто за другата – која Го осуди и распна.

 На која од овие две световни страни и да сме, со Христос не сме – да не се лажеме себеси! Бидете мудри како змии (види: Матеј 10, 16); значи, изложете го целото тело на удар освен главата, односно, ако треба, изгубете сѐ – само и само да си ја сочувате верата, и затоа не влегувајте во световните шеми (партиски, национални, глобални) – каде што автоматски ја губите. Оваа проблематика еден ден ќе ја поврзам со одрекување од Богочовекот Христос, со покајание и исповест, и со повторно помазување со светото Миро како акт на враќање и присоединување кон Православната Црква. Кој има уши да чуе – нека чуе!

Не само мудри како змии, туку треба да бидеме и незлобливи како гулаби. На тој начин победило и се ширело христијанството во првите три века, затоа што никому не враќало зло за зло. За ова ќе ви објаснам на Велик Четврток – со Господ напред!

На кој начин ја бараме сигурноста и безбедноста во овој свет и „овоземното царство“, а се одрекуваме од Царството Небесно и истовремено од Богочовекот Христос? Прво, кај нас – денешните христијани и нашето свештенство постои едно суптилно тежнеење (свесно или неосвестено), внатре во нас, почнувајќи од себе и од нашето најтесно семејство, па сѐ до најшироката заедница, да создадеме некакво „земно царство“, во кое ќе ги задоволиме сите наши страсти – за славољубие, среброљубие и сластољубие, не гледајќи дека со тоа се откажуваме од Царството Небесно; а тоа е толку очигледно. Со други зборови, сакаме да имаме личен мир, секогаш да се чувствуваме добро, сите наши потреби да се задоволени, а да не ни се случува никакво страдање или недостаток што сето тоа ќе го поремети.

 И второ, кога нашата безбедност, односно задоволувањето на животните потреби ги темелиме на нешто што е надвор од Бог, а не на Него. На пример, кога нашата сигурност првенствено и суштински ја темелиме на државата, нацијата, партијата, на семејството или на некои други видови самочовечко, овосветско – најчесто бизнис групирање, како и кога се чувствуваме безбедни и задоволни само поради човечката власт, имотот и парите што ги поседуваме. Секое такво егоцентрично втемелување на нашата обезбеденост, како што и порано сум рекол, е одрекување од Крстот Христов, од Богочовекот Христос, а последователно, и од Царството Небесно.

Но, забораваме дека поради нашата душевна оболеност тоа не е можно, и дека секое зло што ни се случува е само последица на отсуство на благодатта Божја од која самите сме се одрекле. Многупати сум повторил дека е добро кога сме во прелест (лажна состојба на умот и емоциите) барем да знаеме дека сме во прелест, а не да мислиме дека пребиваме во вистината.

            Не забележуваме ли дека колку повеќе се трудиме да го оствариме, толку повеќе тоа „земно царство“ е сѐ подалеку и подалеку од нас, и толку повеќе таквото тежнеење духовно нѐ разнебитува? Не можеме да им служиме на двајца господари, на Бог и на мамон – на парите (види: Матеј 6, 24). Зарем не гледаме што се случува околу нас? Целиот свет е во криза на сите нивоа, почнувајќи од личното – од самите себе, па до пошироката заедница – државата, и на крај, завршувајќи со глобалното општество. Барајќи го „земното царство“, ние остануваме без благодатта на Небесното.

            Време е да си признаеме дека од оваа суптилна страст, барање на „земното царство“ и сигурноста втемелена надвор од Бог, страдаме сите – кој помалку, кој повеќе, дека ги изневеривме сопственото предназначение и заветите од Светото Крштение, и дека си ги продадовме душите на како и да се нарече оваа световна врева околу нас – која просто нѐ вшмука, и на ѓаволот. Нашите лични фејсбук профили и профилите на разните христијански фејсбук групи и страници, последните две години, се полни со тежнеења кон „земното царство“ (тоа лесно се забележува) и заземање погрешна страна – световната. Затоа и вриштат од непокајание и меѓусебна поделба. Мала криза, и се случи неверојатно предавство на нашиот христијански идентитет. Што ли ќе биде при поголема – при директен прогон и мачеништво? Ако и ние, христијаните, не сме веќе никаков пример за сведоштво на покајание, љубов и единство, тогаш кој? И, ако навистина го бараме Царството Небесно, тогаш зошто веќе го немаме откриено во нашето срце, преку умно-срдечната молитва, и по толку многу години „христијански духовен живот“?

Единствено добро, од сето ова, е што самите се откривме – до проѕирност, и самите видовме кој сме и што сме – кој видел, де. Јас не се чудам зошто номиналните христијани и останатите го прават она што им е ним својствено, но многу ми е чудно кога оние што за себе тврдат и се прикажуваат како вистински христијани, теолози и свештеници – без оглед на рангот, го прават она што им е несвојствено, и покрај толкуте многу мои опомени. Вистината на гордите им звучи препотентно; исти се како и безбожниците на кои Христовите зборови им звучат, исто така, препотентно: „Јас сум патот, вистината и животот“ (Јован 14, 6), или „Јас сум светлина на светот, кој врви по Мене, нема да оди во темнина, а ќе има светлина во животот“ (Јован 8, 12), или „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. И секој, што живее и верува во Мене, нема да умре довека“ (Јован 11, 25–26). 

            Јасно ли е сега зошто истите луѓе што Го внесуваат и дочекуваат во слава Богочовекот Исус Христос во Ерусалим, по само неколку денови на најразлични начини Го предадоа и се одрекоа од Него? Од истата причина како и ние денес – поради тежнеењето кон „земното царство“ и сигурноста надвор од Бог, со таа разлика што за нив има некакво оправдување – тие чекале овоземен цар, и затоа ќе добијат втора шанса, а за нас, православните христијани, нема никакво оправдување – ние треба да го очекуваме и да копнееме по доаѓањето на Царството Небесно со воскреснатиот Богочовек Исус Христос, во слава. Запамтете добро, за нас, денешните псевдохристијани, без вистинско и длабоко покајание (преумување), втора шанса нема.

            Господи Исусе Христе, преку Богородица, помилуј нас!

Митрополит Струмички Наум