Во суштината на нештата
 
 
 
 
 

Во суштината на нештата (14.04.2017 15:00)

Благодатното учество во спасителните за нас настани од животот на Богочовекот Христос, кое Црквата литургиски ни го овозможува во својот годишен циклус на чествувања, не треба да се ограничи само на неговата надворешна пројава и традиционално значење, што многу кратко трае, туку треба да се открива и доживува и во неговата внатрешна суштина и димензија, која трае вечно.

Така, на пример, за да може вистински да учествуваме во и да ги доживееме деновите од Страсната Седмица, посебно Великиот Петок, Великата Сабота и Воскресението Христово, односно за да може вистински да учествуваме во и да ги доживееме Христовото Распнување, Христовото Погребение и Христовото Воскресение, потребно е и во својот личен православен духовен живот да ги поминуваме трите внатрешни духовни состојби: распнувањето на умот, погребението на умот и воскресението на умот.

            Го истакнуваме умот како критериум за нашата духовна состојба затоа што и падот и исцелението на човекот започнуваат од него. Паднатиот ум е горд, расеан преку страстите по светот и затемнет. Таквиот ум придонесува мислите и чувствата да ни избегаат од контрола, пореметените мисли и чувства да се одразат на нашите зборови и дела, а нашата севкупна душевна состојба да биде оценета, најблаго речено, како религиозна невроза. Исцелениот ум е смирен, собран преку молитвата во Бог и просветлен.

Првата молитвена состојба на умот се случува кога човекот, во дух на покајание  поради својата оддалеченост и несличност со Христос, потпомогнат од својата волја и желба, го собира својот ум во зборовите на молитвата: „Господи Исусе Христе, помилуј ме (нè)“. Чистата молитва и големите внатрешни духовни страдања се предвесник на крајот од оваа молитвена состојба и премин во друга. Умот го приковуваме на крстот од зборовите на молитвата и не му даваме да скита и да се расејува, привлечен од светот и неговите страсти. Овој подвиг бара голем напор и ова е распнување, или Велик Петок за умот – карактеристичен за првиот степен од духовниот развој, очистување на срцето од страстите.

            Втората молитвена состојба на умот се случува кога човекот, во дух на покајание, потпомогнат од својата волја и желба, го собира својот ум во зборовите на молитвата, но овојпат внатре во своето доволно очистено од страстите и затоа отворено срце, во кое се соединува со благодатта на Крштението, со Бог. Оваа молитва, која се нарекува и аскетска умно-срдечна молитва, е посебен дар Божји. Чистата молитва и надворешната беспричинска омраза, како и прогон од луѓето – демонските слуги, се предвесник на крајот и од оваа молитвена состојба и премин во друга. Умот, собран во зборовите на молитвата, го погребуваме во длабочините на нашето срце и тој станува мртов во однос на световните грижи и привлечности. Тоа е погребение, или Велика Сабота за умот. Човекот кој ќе ја достигне оваа состојба, оттогаш па натаму, престојува во непоматена внатрешна радост и светлина. Оваа состојба се нарекува и просветлување на умот.

Третата? Ајде да почнеме како што е благословениот од Бог ред, од првата: кои се предусловите што ни овозможуваат нам, христијаните, да го распнуваме нашиот ум на Крстот Христов? Нема никакви други освен: чувањето на чистотата на Православната вера и целосрдечно послушание кон духовниот отец во исполнувањето на заповедите Христови, односно: восогласување на начинот на нашиот живот со нашата душевна состојба (религиозна невроза), како и со местото и улогата што моментално ги имаме во Црквата. На овој начин го запираме валкањето на енергијата на умот, го ставаме умот во процес на исцеление и во тој процес ја чистиме (преобразуваме) сè повеќе и повеќе неговата енергија, а со тоа и нашето срце – односно местото каде што се наоѓа суштината на умот. Зашто секој грев преку енергијата на умот влегува во нашето срце и го валка, исто како што и секое исполнување на Божјите заповеди, како благодат Божја, преку енергијата на умот влегува во нашето срце и го чисти (преобразува).

Степенот на нашиот духовен развој, односно дали се наоѓаме на ниво на очистување на нашето срце од страстите со усна или умствена молитва, на ниво на просветлување на нашиот ум со дарот на аскетската умно-срдечна молитва или на ниво на обожение со дарот на непрестајната или благодатната умно-срдечна молитва – како предуслов за „грабнување на умот“, се одредува од квалитетот на нашата молитва. Од квалитетот на нашата молитва зависи и доживувањето на воскресението на нашиот ум, како и доживувањето на Воскресението Христово во нашите души и срца на сите степени од духовниот развој. Суштински различно е доживувањето на Воскресението Христово во состојба на душевност.

Едно е кратката и празна еуфорија на религиозните невротичари; друго е тивката радост, утеха и надеж – пропратена со молитва, на оние кои се во послушание; а трето е воскресната светлина на просветлените.

Христос Воскресе!

 

Митрополит Струмички Наум