Давање и кога се нема доволно за себе – основа за Божјо чудо
 
 
 
 
 

Давање и кога се нема доволно за себе – основа за Божјо чудо (29.07.2017 09:45)

„И кога излезе Исус, виде многу свет; и се смили над нив и ги излекува нивните болни. А на стемнување се приближија до Него учениците Негови и рекоа: ’Овде е местово пусто, а и доцна е веќе; пушти го народот да отиде по селата и да си купи храна‘. Но Исус им рече: ’Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!‘ А тие Му рекоа: ’Ние имаме само пет лебови и две риби‘. Он им рече: ’Донесете Ми ги тука!‘ И како му заповеда на народот да седне по тревата, ги зеде петте лебови и двете риби, погледна кон небото, ги благослови и како ги прекрши, ги даде лебовите на учениците, а учениците – на народот. И јадеа сите и се наситија; и кренаа дванаесет кошеви полни со останати парчиња. А оние што јадеа, беа околу пет илјади души, освен жените и децата. И веднаш ги покани Исус учениците Свои да влезат во кораб и да минат на другата страна пред Него, дури да го распушти народот“ (Матеј 14, 14–21).

Навидум евангелска случка за која нема ништо да се каже, освен да се прославува Богочовекот Исус Христос и за ова Негово чудо направено за нас и нашето спасение. Но, дали? Сепак, да се обидеме да го пронајдеме нејзиното подлабоко значење:

            Важно е да се има волја за добро дело и послушност, останатото е Божја работа. Апостолите ја гледаат потребата на народот, сакаат да помогнат, но свесни се дека се немоќни и се обраќаат кон Господ, подготвени да го послушаат Неговото слово.

            Давање и кога се нема; тогаш се случува Божјото чудо – и сите добиваат колку што треба и нам ни останува (добиваме) повеќе отколку што сме дале. Гледаме дека Апостолите ја предлагаат за помош сопствената храна, што и за нив самите не е доволна. Ова е клучниот момент – давање и кога се нема доволно ни за себе.

            Хиерархиски ред и поредок. Учениците ги забележуваат потребите на народот и се обраќаат кон Господ подготвени да послушаат – тоа е битно, иако користат и нудат своја логика за решавање на проблемот. Господ му заповеда на народот да седне – затоа што сите ќе дојдат на ред да добијат, и народот Го слуша. Господ го прави чудото, а потребите на народот ги задоволува преку Своите ученици.

                Забележуваме совршен литургиски поредок при ова чудо и совршена икона на светата Литургија, како и на светата Црква. Истите зборови се користат и денес на светата Литургија во канонот на Евхаристијата (Благодарењето). И откако го зеде лебот... благодари, го благослови, го освети, го прекрши, им го даде на Своите свети ученици и апостоли...

            И да се потсетиме, нема храм, нема посебни сосуди, нема посебни одежди, нема црпење на авторитет однадвор, нема грижа дали некоја трошка паднала на земја – затоа што сѐ е храм и сѐ е свето; има само љубов за ближниот, има несомнена вера, има послушание до посветеност и има Божји благослов. Просто, има Бог и има луѓе во слободна и љубовна, лично-соборна заедница и со Него и меѓусебно – има сѐ. Има Црква.

            И ги излекува нивните болни – почетокот е и крај. Вистинско исцеление ни носи само учеството во светата Литургија на Црквата и причестувањето со нејзините Свети Тајни.

Истото се случува и со оние – духовно сиромашните (како мене), кои се обидуваат да го толкуваат Евангелието: ја гледаат потребата на народот, гледаат дека се немоќни да му помогнат, се обраќаат кон Господ и со надеж дека ќе бидат помогнати, почнуваат невешто да ги запишуваат првите зборови на толкувањето. И потоа, одеднаш сѐ станува лесно – мислите се редат една по друга, текстот се појавува во својата почетна верзија, така што и самите се чудат што се случува. Сфаќаат дека нема ништо нивно, освен волјата за добро дело и послушноста кон Господ, и кон делото што им е дадено од Него – па ни тоа.

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум