Сето тоа... не сум го запазил од младини
 
 
 
 
 

Сето тоа... не сум го запазил од младини (26.08.2017 08:50)

Во денешното евангелско четиво (види: Матеј 19, 16−26) можеме да видиме како се одвива актот на самооправдување и какви се последиците од него.

           Слободно можеме да заклучиме дека Христос последното барање му го постави на младичот („Ако сакаш да бидеш совршен, оди, и раздели го својот имот на сиромаси, па дојди и врви по Мене!“) не толку поради тоа што навистина очекуваше од него да го исполни повикот за совршенство, туку само за да му покаже дека ги нема исполнето ниту претходните заповеди што тој тврдеше дека ги запазил, како и да му покаже од кои точно страсти боледува.

            Дека младичот навистина не ги исполнил заповедите што Богочовекот Христос му ги посочи и дека не го поминал патот на очистување од страстите и просветлување на умот – кој го поминуваме преку исполнување на заповедите – покажува и фактот што тој не Го препозна Него како Господ, ниту на почетокот од разговорот ниту потоа. Доколку навистина ги имаше исполнето заповедите, младичот ќе го беше поминал патот на очистување, ќе беше просветлен и, како и во многубројни други примери во Евангелието, ќе Го препознаеше Господ во учителот (како што тој Го нарече) Исус, и ќе тргнеше по Него.

            Страста што Самиот Господ ја посочува како пречка за очистување и отворање на срцето на младичот е среброљубието: „Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој, раздели го на сиромаси и ќе имаш сокровиште на небото, па дојди и врви по Мене!“ Но, како што знаеме, младичот си отиде нажален, затоа што беше многу богат, затоа што беше заробен и затемнет од страста среброљубие.

Затоа, неговите зборови „што ми е уште потребно за да имам живот вечен“, не се ништо друго освен потврда на самооправдувањето и показател на високото мислење за самиот себе, пример за ’мнение‘. Тоа мнение и му попречи на младичот да ги забележи прекорот и опомената (со Кого разговара), упатени кон него уште на почетокот од разговорот, што се кријат во, по малку, грубите Христови зборови: „Зошто Ме нарекуваш благ? Никој не е благ освен единиот Бог“. Поради таа прелест на мнение и поради страста среброљубие младичот и си оди нажален, мислејќи дека сè направил како што треба, а – ете, останува неразбран, незабележан и непризнат.

            Вакво нешто се случува и со нас секогаш кога на некој прекор од нашиот духовен отец реагираме со истиот грев на самооправдување како младичот – односно секогаш кога се противиме на прекорот од нашиот духовен отец и наместо да го изговориме зборот „прости“, се самооправдуваме, кажувајќи ја причината поради која нештото се случило. А сè што се бара од нас во тој момент, без разлика дали она што духовниот отец го вели нам ни изгледа или навистина е неточно, е да одговориме со послушание, со зборот „прости“ – со смирено прифаќање на неговиот прекор, а со тоа и на Божјата очистувачка несоздадена енергија.

Суштината на подвигот на очистување на срцето од страстите се состои во зборот „прости“, во смиреното прифаќање на словото на духовниот отец упатено кон нас, што значи – во послушанието, за да се покори нашиот горд ум, во барање на Божјата, а не на човечката правда. Секогаш кога нема да одговориме со зборот „прости“, треба да знаеме дека ако ништо друго, робови сме на страста славољубие, на високото мислење за самите себеси, на мнението.

Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!

            Митрополит Струмички Наум