Лажните лозари
 
 
 
 
 

Лажните лозари (02.09.2017 09:15)

Пораката од денешното евангелие (види: Матеј 21, 33–42) најдиректно се однесува на денешните лозари, односно на новозаветното свештенство: епископите, презвитерите и ѓаконите; како и на денешното лозје – новозаветниот народ Божји, Црквата.  

            Толкувањето, пак, на ова евангелско четиво од аскетско-исихастички аспект ни ги открива причините поради кои се убивани испратените слуги – пророците, и Синот, Христос. Во врска со тоа се наметнуваат две прашања: прво, кој или каков плод требаше да Му принесат лозарите (свештенството) на Бог? И второ, каков плод тие, всушност, произведуваат сакајќи истиот да го задржат за себе, откако веќе го присвоиле лозјето?

            Согласно светиот апостол Павле, плодот на Духот што лозарите (свештенството) требаше да Му го принесат на Бог од Неговото лозје (верниот народ Божји) се добродетелите: „љубовта, радоста, мирот, долготрпеливоста, добротата, милосрдноста, верата, кротоста, воздржливоста“ (Гал. 5, 22).

            За да се постигне оваа црковна цел, свештеникот Божји (епископот, презвитерот) најнапред треба самиот да се очисти од страстите на срцето, да го просветли умот и ако може, да се обожи, а потоа и доверениот народ Божји да го поведе по тој пат на чистење од страстите, просветлување и обожение. Самиот смирено да се вгради во единството на Црквата, а потоа и со своите духовни чеда да го надградува тоа единство.

            Страстите се главната причина поради која се нарушуваат, прво, внатрешниот мир и духовниот развој на самите членови на Црквата, а потоа и љубовта и мирот меѓу нив, односно црковното единство. Еве како светиот апостол Јаков ја опишува борбата што во нас и меѓу нас настанува поради страстите: „Од каде се војните и расправиите меѓу вас? Не оттаму ли – од вашите страсти, кои се борат во органите ваши? Пожелувате и немате; убивате и завидувате, и не можете да добиете; се препирате и војувате, а немате, бидејќи не молите. Просите, а не добивате, оти зло барате, за да го трошите во вашите страсти“ (Јак. 4, 1–3).

            Така, на оние лозари (свештеници) кои се обземени од самољубието не им одговара лозјето (народот Божји) да принесува плодови што Му се угодни на Бог, туку главно плодови што ќе ги хранат нивните страсти. А многу е очигледно дека сè започнува од страстите славољубие, среброљубие и сластољубие на лозарите: „Овој е Наследникот! Ајде да Го убиеме и наследството ќе биде наше“ (Марко 12, 7). Денес, во пракса, повторно можеме да ги забележиме истите три подгрупи на главната страст самољубие што се пројавуваат кај лозарите, т.е. свештенството:

            Славољубието ги принудува луѓето да се борат меѓу себе за власт и слава, па дури и на штета на црковното единство и на штета на севкупното сведоштво Христово што Црквата треба да го покаже во овој свет, за негово спасение: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13, 35). Денес, сите сме сведоци дека наместо љубов и црковно единство, во свештенството се случува борба за црковна превласт, за човечка слава и пофалби, од локално ниво, па до ниво на цела православна екумена. „Ако живееме со Дух, по Духот сме должни и да постапуваме. Да не бараме лажна слава, еден друг да не предизвикуваме, еден на друг да не завидуваме“ (Гал. 5, 25–26).

            Среброљубие – оваа страст ја задоволуваат така што му даваат предност на она служење во Црквата од коешто финансиски се богатат, а служењето што финасиски не ги задоволува, се запоставува. Сведоци сме сите дека денес се запоставува Светата Тајна Евхаристија, причестувањето со Телото и Крвта Христови, како и Светата Тајна Покајание, исповедување на гревовите и духовното раководство – за кои, фала Му на Бога, не се наплатува.

            Сластољубието ги принудува луѓето да ги задоволуваат своите телесни страсти, било да е тоа насладување со храна или насладување со блуд. Оваа страст се пројавува, на пример, и во тврдењето на некои од свештенството дека секогаш можат да се причестат и без да постат, додека истовремено верниот народ го условуваат и принудуваат да пости и повеќе од она што Светата Црква водена од Светиот Дух го определила.

            Можеби сето ова што го говорам не е многу популарно да се каже, но зошто да го премолчуваме она што Светото Евангелие толку јасно ни го предочува? Говорејќи го ова, не се изземам себеси од оние што сè уште се борат со своите страсти, да не си помисли некој. Говорам заради оние што немаат ни поим што им се случува, иако е тоа толку очигледно. Сепак, да се молиме за нашето свештенство, а не да го озборуваме и осудуваме... На тој начин, Божјиот благослов ќе остане со сите нас!

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум