Поканетите на свадба
 
 
 
 
 

Поканетите на свадба (09.09.2017 08:29)

Свадбата – тоа е Царството Небесно, чиј предвкус е даруван во Црквата Христова за оние што ќе ја прифатат поканата, за оние што се подготвени, за оние што имаат свадбена облека. При аскетско-исихастичкото толкување на денешното евангелие (види: Матеј 22, 1–14) се издвојуваат неколку моменти:

Прво, однесувањето на повиканите согласно нивните страсти.

Едните од нив го одбиваат повикот затоа што одат на нива. Тие се олицетворение на страста сластољубие. Ним им е поважно тоа со коешто времено ќе ги наполнат своите стомаци, отколку грижата и љубовта кои Бог ги покажува кон нив, канејќи ги на непропадливата трпеза на свадбата на Својот Син во Царството Небесно. Другите што не се одѕиваат на повикот се оние што одат по трговија. Очигледно, таквите Го одбиваат Бог заробени од среброљубието и претставуваат олицетворение на таа страст. Нивниот бог се материјалното богатство и парите. А, третите од оние што биле повикани, ги исмеале и ги убиле слугите на Царот. Таквите се олицетворение на страста славољубие. Како што знаеме од Евангелието, тоа се старозаветните свештеници, книжниците и фарисеите кои Го предаваат Господ Исус Христос на смрт (но и новозаветните – кои Го убиваат Христос во душите на луѓето), плашеjќи се за својата човечка слава, која со Неговото присуство била крајно засенета. („Ете, цел народ тргна по Него...“ – види: Јован 12, 19.) 

            Како и во минатото евангелие што го слушнавме, така и во ова, преку евангелските случувања пред нас се пројавуваат трите главни вида на страсти, а тоа се: сластољубие (безобразна борба за задоволување на најниските телесни нагони), среброљубие (безобразна борба за пари и имот) и славољубие (безобразна борба за човечка слава и власт). Според Светите Отци на Црквата, тие ги претставуваат и возглавуваат трите главни подгрупи на страсти, кои извираат од главната човекова страст – самољубие. Бог нè создаде ни од што претходно постоечко, според Својот образ и подобие, како богољубиви и човекољубиви, а не како самољубиви, безобразни и бесперспективни.

            Втор момент што се нагласува во оваа парабола е тоа што не сите што одговориле на поканата и дошле, имале свадбена облека.

            Што е тоа „свадбена облека“? Тоа е подвигот на очистување на срцето од страстите. Без овој подвиг никој не може да се нарече христијанин. За монасите и свештенството „свадбена облека“ е нешто повеќе од тоа. За нив, тоа е дарот на умно-срдечната молитва и просветленоста на умот; за нив, тоа е и внатрешно духовно покритие за чиновите што ги носат.  Инаку, како духовно ќе го водат народот Божји? Тоа се гледа и оттаму што во Евангелието се нагласува дека свадбената облека е чиста, бела и светла. „Чиста и бела“ значи доволно очистено срце од страстите (и отворено за молитвата на умот во срцето), а облеката е „светла“ затоа што луѓето со очистено и отворено срце имаат ум преобразен и просветлен од божествената благодат, која после Светото Крштение престојува во срцето. Кај Светиите, умот, душата и целото тело се толку многу преобразени и обожени што тие со своите очи ја гледаат и несоздадената Божја светлина.

И третиот момент што се нагласува е молкот на оној што бил запрашан зошто нема свадбена облека.

            Господ никого не остава без можност за спасение, дури и до последниот момент. Кога Господ веќе му се обраќа на необлечениот во свадбена облека со зборот „пријателе“ и кога со таа постапка веќе му дава можност за комуникација и заедница со Него, редно беше, пред сè, да одговори, а спасително ќе беше да каже едно „прости“. Но, оној што нема направено ништо за да се здобие со свадбена облека, односно што нема направено ништо за да изгради лична заедница со Господ, тешко ќе научи како, всушност, се постапува во тој клучен момент. И што да одговори кога наместо да го води народот кон Царството Небесно, тој го заведува со овосветските шеми на само човечко организирање надвор од Црквата?

            Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум