Тоа што си го приготвил, кому ќе остане?
 
 
 
 
 

Тоа што си го приготвил, кому ќе остане? (02.12.2017 10:07)

Целиот наш живот е дар Божји. И сиромаштвото е дар Божји, кога сиромавиот со смирение и трпение Му благодари на Бог за него, и го препознава овој дар. И богатството е дар Божји, кога богатиот со смирение и трпение им служи на сиромасите со своето богатство и на тој начин Му благодари на Бог за него, и го препознава овој дар. Кога луѓето би ги препознавале даровите Божји и нивната цел, и кога со смирение и благодарност би се однесувале кон нив, даровите Божји би служеле како средство за надградување и остварување на нашата заедница во Богочовекот Христос – која е нашиот најголем дар Божји – и би служеле како средство за наше спасение.

Со други зборови, само на тој начин можеме да Му благодариме на Бог, кога Неговите дарови повторно Нему Му ги принесуваме: „Твои дарови од Твоите, Тебе Ти ги принесуваме за сите и за сè“. Делотворниот однос на благодарењето од севкупниот наш живот соборно се исполнува со нашето учество во Светата Евхаристија (Благодарење) на Црквата Божја.

            Но, како богатиот конкретно „успева да собира“ добра само за себе, а не се богати во Бог, поинаку речено, како тој своето богатство како дар Божји не Му го принесува конкретно на Бог? За да го објасниме овој негативен пример, ќе се послужиме со друг негативен пример од случувањето на Страшниот суд:

            Тогаш ќе им каже и на оние коишто се од левата страна: „Одете од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и неговите ангели. Зашто гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте“.

            Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: „Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор и не Ти послуживме?“ Тогаш ќе им одговори и рече: „Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа, и Мене не сте Ми го направиле“ (Матеј 25, 41–45).

            Гледаме дека Господ се поистоветува (дури и најмногу) со секој еден страдалник. Затоа, секогаш кога со своето богатство ќе му помогнеме на еден од овие најмали Христови браќа што страдаат, ние не собираме за себе, туку се богатиме во Бог.

            Сето ова погоре напишано начелно важи, најнапред и најмногу, за луѓето коишто живеат и работат во светот. За монахот – како оној што е мртов за овој свет – начелно важи друго правило. Монахот е должен да Го нахрани, напои, прибере, облече, посети и да Му послужи на Христос во своето срце. Секако, за да го оствари ова, најнапред треба да го очисти своето срце од страстите, да го осознае местото на срцето, да го открие Царството Небесно внатре во себе и да застане пред Царот на славата, распнат заради нас и нашето спасение.

            Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум