Предизвикани размислувања
 
 
 
 
 

Предизвикани размислувања (22.09.2018 08:12)

Невротичен човек е човек што не може да си ги исконтролира своите мисли и чувства, честопати и своите зборови, а понекогаш и своите дела.

Невроза: прва фаза – слаба контрола над мислите и чувствата; втора фаза – слаба контрола над зборовите; и трета фаза – слаба контрола над делата. Тоа се фази на разболување.

Прв степен на духовното растење – чистење на срцето од страстите: прва фаза – воздржување од лоши дела; втора фаза – воздржување од лоши зборови; трета фаза – контрола над лошите мисли и чувства. Тоа се фази на исцелување.

И во двата случаи, сите фази се поврзани: колку не успева човек да ги исконтролира мислите и чувствата, толку нема да може да се воздржи и од лоши зборови, како и од лоши дела. И обратно, колку човек успева да ги исконтролира мислите и чувствата, толку ќе може да ги исконтролира и своите зборови, како и дела.

Неврозата завршува со растројство на личноста. Доволното очистување на срцето завршува со просветлувањето на умот. Разликата е голема. Затоа, невротичниот, а особено психопатот, не можат да сфатат што просветлениот човек се обидува да им објасни. Тие секогаш ја бараат човечката правда – наместо Божјата, и никогаш не ја гледаат големата слика. А, сѐ се состои во тоа – на злото да се врати со љубов.

Суштината на подвигот е во контролата над мислите и чувствата. Когнитивна и емоционална зрелост. Контролата над мислите и чувствата зависи од молитвениот опит на човекот. Затоа, христијаните се повикани непрестајно да се молат (види: Сол. 5, 17).

Потребно е да се разграничи процесот на разболување од процесот на исцелување, односно трите нивоа на развој на личноста – очистување, просветлување и обожение, од трите нивоа на разболување на индивидуата – невроза, растројство на личноста (психопатија, социопатија) и психоза; заради препознавање на сопствената состојба.

Што е разликата помеѓу индивидуа и личност, од христијански аспект? За личност – потенцијално, говориме дури кај оние што преку послушание кон духовен отец во Црквата, зачекориле по патот на очистување на срцето од страстите – што не значи дека не покажуваат и знаци на невроза. Индивидуата се наоѓа во некои од нивоата на разболување на личноста: невроза, растројство и психоза. Надвор од послушание на својот Епископ.

Оттука, јасно е зошто толку збунети и невротични луѓе гледаме околу нас. Нивни главни карактеристики се еуфоричноста, агресивноста и очајанието (депресијата).

Митрополит Струмички Наум