Наречение на новоизбраниот Епископ Полјански Јаков
 
 
 
 
 

Наречение на новоизбраниот Епископ Полјански Јаков (24.11.2018 22:22)

На 24 ноември 2018 година, во црквата „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, во Струмица, се одржа Наречение на новоизбраниот Епископ Полјански г. Јаков. Радосната вест пред верниците ја соопшти Светиот Архиерејски Синод, на чело со поглаварот на МПЦ – ОА, г.г. Стефан, со што одлуката беше потврдена пред црквата и народот.

Неговата хиротонија ќе се одржи утре, 25 ноември 2018 година, во 08.30 часот, во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј Ерусалимски“, Водоча, Струмица, на Божествената Литургија на која ќе чиноначалствува Архиепископот г.г. Стефан, заедно со членовите на САС на МПЦ – ОА.

Отец Јаков е замонашен во 2005 година од страна на Митрополитот Струмички г. Наум, во манастирот во Водоча. Од 2010 година е старешина на манастирското братство во манастирот „Свети Антониј и свети великомаченик Георгиј“, во Ново Село. Дипломирал на теолошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Во 2017 година е произведен за архимандрит во храмот „Свети Григориј Палама и свети Димитриј Солунски“, Струмица. Во септември годинава е избран за викарен епископ на Митрополитот Струмички г. Наум, со титула Епископ Полјански.