Хиротонија на новоизбраниот Епископ Полјански г. Јаков во манастирот во Водоча
 
 
 
 
 

Хиротонија на новоизбраниот Епископ Полјански г. Јаков во манастирот во Водоча (25.11.2018 13:52)

Денес, на 25 ноември 2018 година, беше извршена хиротонија на новоизбраниот Епископ Полјански г. Јаков на Божествената Литургија во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, Водоча, Струмица.

На Литургијата чининачалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, во сослужение на архиереите на САС на МПЦ – ОА: Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, Митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки и Aдминистратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, надлежниот Митрополит Струмички г. Наум, Митрополитот Повардарски г. Агатангел, Митрополитот Европски г. Пимен, Митрополитот Брегалнички г. Иларион, Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, Митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф и Епископот Хераклејски г. Климент.

На хиротонијата присуствуваше претседателот на Владата на Р. Македонија, г. Зоран Заев, потпретседателот на Владата и министер за внатрешни работи, г. Оливер Спасовски, градоначалниците на Струмица и Дојран, г. Коста Јаневски и г. Анго Ангов, претседателот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, г. Даријан Сотировски. На Литургијата присуствуваше и јеромонахот и претстојател на светогорскиот манастир Дохијар, о. Филотеј, како и многуброен верен народ од цела Македонија.

Слово на Архиепископот Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, на хиротонијата на Полјанскиот епископ Јаков

 

Бидете пример во верата, надежта и љубовта

 

Возљубени во Господа,

Еве, продолжуваат нашите духовни радости! Во годината во која одбележуваме 1100 години од создавањето на Охридската Архиепископија, 60 години од нејзиното возобновување како Македонска Православна Црква, како и годишнини од повеќе настани и за повеќе личности од нашата национална и црковна историја, го причислуваме и денешниов - хиротонијата на архимандритот Јаков за викарен епископ на Струмичката епархија, со титула - Полјански.

 

Преосвештен Владико,

По неодамнешниот избор на богољубивите архијереи, членови на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија, а денес со силата и дејството и наитието на Светиот Дух, се воздигнавте во епископски чин. Со положените раце и отвореното Свето Евангелие врз Вашата глава, се помоливме за да слезе „Божествената благодат која секогаш ги лекува слабостите и ги потполнува недостатоците“[2].

Со Синодската одлука[3] сте избран за викарен епископ на Струмичката епархија, за помошник на струмичкиот Митрополит. На денешнава Света Литургија, во моментот на хиротонијата, сите заедно молевме Семоќниот Бог, по Својата милост, со благодатта на Светиот Дух, да Ве вброи кон апостолските преемници и да Ве удостои за епископ во Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија.

Во изминативе дваесет столетија, од апостолско до нашево време, во Црквата Христова се родиле и израснале бројни архијереи, кои со својот живот и дела биле и останале да бидат пример како за своите, така и за генерациите по нив. Да Му благодариме на Бога што, по мисијата на светиот апостол Павле, по македонската земја и од нашиот род, од Бога биле избирани и испраќани архијереи, вистински пастири и духовници, кои поради своето богоугодно дело, останале како светли примери во небоземната Црква и во меморијата на нашиот верен народ. Трудете се и Вие да го следите примерот на тие доблесни мажи и делата што тие ги оставиле.

Како помошен епископ, трудете се достојно и достоинствено да ги исполнувате задолженијата што ќе Ви бидат возложени, а, пред сè, трудете се постојано да го проповедате Светото Евангелие[4]. Бидете постојано исполнет со љубов за сите и со трпение кон сите. Одѕивајте се на духовните потреби на верниот народ. Бидете секогаш подготвен да им дадете утешителен збор и потребен совет на оние што тоа ќе Ви го побараат. Оние коишто скршнале, упатувајте ги на правиот пат. Бидете секогаш подготвен да им помогнете на оние коишто останале без надеж, оние на кои им исчезнала љубовта, или им изгаснала верата.

Поучувајте со збор, но најмногу со добар пример. Советувајте ги луѓето во доброто и благочестието, за да напредуваат и растат во верата и добродетелите. Постојано и единствено надевајте се на милоста Божја, секогаш и насекаде поткрепувајќи се со сведоштвата на верата. Бидете во постојана радост во Господа! И во овој миг се молиме - Бог на надежта да ве исполни со сета радост и мир во верата, та преку силата на Светиот Дух вашата надеж да се преумножи[5].

Љубовта евангелска нека Ви биде главна движечка сила во Вашиот живот, во архијерејската служба и во односот кон другите. Од Вас, како архијереј, секој и насекаде ќе сака да слушне добар - благ збор, збор што ќе смирува и збор што ќе утешува[6]. Бидете пример во верата, во верата која дејствува преку љубовта[7]; бидете пример во надежта за слава на Бога[8], во надежта која спасува[9]. Никогаш не гледајте во луѓето кој е и што е, ни по возраст, ни по положај, ни по професија, ни по јерархија, или по какво било овоземно припаѓање, туку гледајте во тоа какви се луѓето и колку се родени во Бога и колку Го познале Бога[10], гледајте колку љубов имаат и кон Бога и кон другите. Оти љубовта се состои во тоа да постапуваме по Неговите заповеди[11].

Исто така, учете ги луѓето да не се сакаат со зборови, туку со дела и вистина[12], стремете се кон праведноста, верата, љубовта и мирот[13], трудејќи се да имате мир со сите и  да имате светост, без која никој нема да Го види Господа[14]. Подгответе се, за да благовестите мир[15], но најпрво имајте мир во себе, за да можете во оние околу Вас да всадите копнеж на духот кој е живот и мир[16].

Бидете им оддаден на Господа, на мајката Македонска и Охридска Црква, на Татковината - Македонија, на Струмичката епархија и на нејзиниот возглавител - Митрополитот Наум, со што ќе ја оправдате довербата на нас коишто ги положивме своите раце за да добиете дух на сила, љубов и разбраност[17]. И не заборавајте дека од Господа секој ќе ја добие својата награда според својот труд[18], како и тоа дека кому му е многу дадено, многу и ќе се бара од него[19].

Грижете се и чувајте го единството со браќата архијереи, свештенството, монаштвото и нашиот народ. Секогаш и пред секого бранете ја вистината за нашата мајка Македонска Црква, правото за нејзината автокефалност, како и правата на нашиот народ. Бидете архијереј кој верно ќе го проповеда словото на вистината[20], совесно сведочејќи со простодушност и искреност, и пред Бога и пред луѓето[21].

Во овие вознемирени времиња, преполни со неизвесности, предизвици и искушенија, како меѓу многу народи и земји во светот, така и меѓу православните народи и Цркви, па и меѓу нашиот народ, барајте и наоѓајте вистински одговори, одговори потпрени врз правда и вистина, како и врз молитвата, секогаш знаејќи дека секој и сите проблеми и прашања ќе се надминат и решат само преку слободата и вистината[22].

Возљубен во Господа верен народе,

Да се помолиме, светиот апостол Јаков - првиот епископ Ерусалимски, и сите апостоли, светите 15 Тивериополски маченици, кои бранејќи ја верата со својата крв ја натопиле струмичката македонска земја, светиот Климент Охридски - патронот на нашата света Црква, светиот Леонтиј Ерусалимски, во чиј храм денес се молиме, и сите светии, да му бидат напомош во извршувањето на оваа света и одговорна должност.

Возљубен владико,

Примете го овој жезол, за да го пасете довереното Ви паство Христово: на оние коишто ќе Ве слушаат, бидете им сила и поткрепа, а непослушните и неразумните, пак, упатувајте ги кон поправање, кротост и послушание, та во должна оддаденост да живеат!

На многаја лета, преосвештен Владико!

 



[1] Од молитвата при ракополагање.

[2] САС бр. 134/18.

[3] Сп. 2 Кор 4, 2.

[4] Рим 15, 13.

[5] Сп Дела 13, 15.

[6] Гал 5, 6.

[7] Рим 5, 2.

[8] Сп Рим 8, 24.

[9] Сп 1 Јн 4, 7,8.

[10] Сп 2 Јн 6.

[11] Сп 1 Јн 3, 18.

[12] 2 Тим 2, 22.

[13] Евр 12, 14.

[14] сп. Ефес 6, 15.

[15] Сп Рим 8, 6.

[16] Сп 2 Тим 1, 6, 7.

[17] 2 Јн 8.

[18] Лк 12, 48.

[19] 2 Тим 2, 15.

[20] Сп 2 Кор 1, 12.

[21] Сп Јн 8, 32.

 

 

 

 

Беседа на новоизбраниот Епископ Полјански г. Јаков

    

 

Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух.

 

Ваше Блаженство,

Ваши Високипреосвештенства, 

Ваше Преосвештенство, сечесни оци,

Почитуван Претседателе на Владата на Република Македонија,

Почитуван министре,

Почитуван директоре на Комисијата за односи со верските заедници,

Господа градоначалници,

Возљубени браќа и сестри во Христа,

Благословен народе Божји,

 

Денес, по неизглаголивата и неопислива милост и промисла Божја стојам пред сите вас овде, во еден од најдревните храмови на нашата Света Црква, на највозвишеното и најстрашно место во Црквата, во епископскиот чин. Во повеќевековните строителства на Водочкиот комплекс на цркви, секогаш сум го согледувал историскиот континуитет на патувањето на нашиот богољубив народ низ времето и историјата кон Есхатонот, носен во прегратките на љубената ни Охридска Архиепископија кон вечното Царство на Триипостасниот наш Бог. 

Ние, во Црквата, никогаш не зборуваме за историја исклучувајќи ја иднината, бидејќи Светата Евхаристија е нашиот начин на постоење, во која ја живееме реалноста на Царството Небесно, кое доаѓа и веќе е. Оттаму, и овој свештен и евхаристиски собор, возглавен од Блаженејшиот наш Архиепископ и Архиереите на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, опкружен од народот Божји, е жива икона на Царството Божјо, но исто така, и моја лично-соборна Педесетница, која не може да биде само лично моја или, подобро кажано, сопствена; впрочем, како и ништо друго во Црквата.

Способноста за градење љубовна заедница најпрво со Личносниот Бог, а потоа и со секој човек е она што најсилно ја карактеризира личноста како словесна и ја устремува кон соборност. Боголиката личност своето постоење го осмислува во заедница, поради тоа што единствено во Црквата како Богочовечка заедница ние се градиме, зрееме и на крајот, се реализираме како личности, и никако поинаку. Епископот ја предводи Црквата на тој пат на оличноснување во заедница со Оној од Кого сме, и заради Кого сме создадени.  

Епископот не станува Епископ поради некаква своја заслуга, туку исклучиво по благоволение Божјо, во послушание кон Светиот Архиерејски Синод, поради молитвите, и најважно од сѐ, заради потребите на Црквата. Затоа, надвор од Црквата и нејзината Евхаристија, Епископот нема идентитет, и не постои како Епископ, но и Црквата не може да го оствари своето литургиско постоење без Епископот, кој ја возглавува.

Епископот излегува од својот манастир, каде што го научиле дека местото на срцето е последното место на кое седнуваш доброволно, станувајќи им слуга на сите; дека вистинскиот живот е оној кога умираш за другите да живеат, и дека критериум за сѐ и мерката според која мериш сѐ, а особено себеси, е Богочовекот Христос. Затоа, кога свети Игнатиј Богоносец вели дека Епископот седи на место и во обличје Христово, тој сака да каже дека тоа место не е позиција на власт и моќ, туку пред сѐ, Голготското место и место на Крст и страдање, а обличјето Христово е обличје на слуга, кој доаѓа да служи, а не да му служат.

Епископот го иконизира присуството Христово во Црквата, бидејќи налик на Него е кроток и смирен по срце, го мрази гревот, а го љуби грешникот. Неговите зборови изгонуваат секаков сомнеж и му објавуваат на светот дека Христос навистина воскресна. Тој зборува за Христа, живее за Него и умира за Него. Го молам Великиот Архиереј, Единородниот Син Божји Исус Христос, и мене недостојниот да ми подари такво епископство.

На почетокот напомнав дека Евхаристијата, што буквално значи благодарење, е начинот на кој постоиме во Црквата Христова.

Затоа, Му благодарам на Бог, и особено се радувам што во овој ден не стојам пред непознати луѓе и на непознато место, што не морам да зборувам за себеси и да се претставувам, затоа што сите ме знаете, и моето срце ве знае вас и љубовта што ја имате кон мене. Ти благодарам, Господи, што не стојам на непознато место, туку во саканата ми Водоча. Овде дојдов првпат пред осумнаесет години, налик евангелскиот млад човек, барајќи и прашувајќи што треба да направам за да имам живот вечен. Му благодарам на Владиката Пимен, тогашен игумен Водочки, и на сите браќа – монаси за сета љубов и трпение, и што ми ја покажаа, пред сѐ, со својот живот есхатолошката перспектива на монаштвото. Овде примив монашки потстриг, ѓаконска, свештеничка благодат, и еве денес, повторно во оваа црква, на мојата глава слезе Пресветиот Дух, Кој ги крева паднатите и ги подига раслабените.

Бог знае колку му благодари мојата душа на мојот Старец и Владика, нашиот Митрополит Струмички г. Наум, во чие охристовено срце се родив духовно и пронајдов пат натапкан и прооден, пат светоотечки што води на Гората Таворска. И повторно, на негово барање, а со благослов на Светиот Архиерејски Синод, станувам негов сотрудник на нивата Господова.

Особено Му благодарам на Блаженејшиот Архиепископ наш г.г. Стефан и на сите архиереи за довербата да бидам причислен кон епископите на нашата Света Црква.

Му благодарам на Претседателот на Владата на Република Македонија за неговото ценето присуство, но и за сè што прави и што во иднина ќе направи за добробит на нашата света Црква.

На крај, најсмирено ги просам вашите свети молитви, поради тоа што знам дека сите дарови што сум ги добил од Бог, сум ги добил поради молитвите и воздишките на другите, а јас самиот со ништо не сум ги заслужил. А, за сѐ и над сѐ, Му принесувам благодарност, поклонение, чест и слава на Триипостасниот наш Бог, Отецот, и Синот, и Светиот Дух, сега и секогаш, и во сите векови. Амин!