Панихида по повод 100-годишнината од упокојувањето на Митрополитот Струмички Герасим
 
 
 
 
 

Панихида по повод 100-годишнината од упокојувањето на Митрополитот Струмички Герасим (01.12.2018 15:06)

Денес, по повод 100-годишнината од упокојувањето на Митрополитот Струмички Герасим, Митрополитот Струмички г. Наум, заедно со викарниот Епископ Полјански г. Јаков, отслужи панихида на неговиот гроб во црквата „Светите Кирил и Методиј“, Струмица.

Митрополитот Герасим се родил во 1860 година, во тракискиот град Мустафа паша (денешен Свиленград), со име Георги Димитров Бајрамов. Во 1874 година го завршил местното класно училиште, но за да може да го прехрани своето семејство, почнал да учи занает. Подоцна го завршил духовното училиште во Одрин и бил замонашен. Своето образование го продолжил во Киевската семинарија, која ја завршил во 1889 година. Од 1889 до 1891 година бил законоучител во Солунската машка гимназија и бил ѓакон. Истата година добил и свештенички чин, и бил испратен од Бугарската егзархија како претседател на Бугарската општина во Струмица. На 20 јули 1894 година бил произведен во чин архимандрит. На 22 декември 1897 година е хиротонисан за Митрополит Струмички. Се упокоил на 1 декември 1918 година во Софија. Погребан е во криптата на соборната црква „Светите Кирил и Методиј“, Струмица.