Известување: свечена литија со иконата на Пресвета Богородица „Брзопослушничка“ во Струмица
 
 
 
 
 

Известување: свечена литија со иконата на Пресвета Богородица „Брзопослушничка“ во Струмица (19.03.2019 13:40)

Во спомен на пристигнувањето на иконата на Пресвета Богородица „Брзопослушничка“ и оваа година ќе биде одржана свечена литија во Струмица. Пред две години, во втората недела од Великиот пост, посветена на свети Григориј Палама, заштитникот на Струмичката епархија, иконата беше донесена во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, Струмица, како подарок од братството на светогорскиот манастир Дохијар.

Во сабота, 23 март 2019 година, во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ ќе биде отслужена воскресна Вечерна богослужба, со почеток во 15 часот.  Потоа, со свечена литија иконата на Мајката Божја „Брзопослушничка“ ќе биде однесена во црквата „Свети Григориј Палама и свети великомаченик Димитриј“, каде ќе се отслужи Молебен канон, а иконата ќе биде оставена за поклонение на верниот народ.

Следниот ден, 24 март 2019 година, во црквата „Свети Григориј Палама и свети великомаченик Димитриј“, Утрената служба ќе започне во 7 часот, а во 8.30 часот, по пречекот на архиереите, ќе започне Божествената Литургија. Во 11 часот ќе започне свечената литија со иконата, по булеварот „Маршал Тито“ до градскиот плоштад „Гоце Делчев“. На плоштадот е предвидено молитвословие (доксологија), проследено со кратки поздравни слова, по што литијата ќе продолжи по старата чаршија до манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, каде што ќе биде подготвена трпеза на љубовта за сите присутни.

Најсрдечно ве покануваме да дојдете во градот на славните Тивериополски свештеномаченици и да го споделите со нас ова духовно ликување заради благодатното присуство на Богомајката, Која преку Својата чудотворна икона „Брзопослушничка“ ја посети Струмица и изобилно го излеа Својот благослов врз нашата земја.