Свечена литија во Струмица
 
 
 
 
 

Свечена литија во Струмица (24.03.2019 21:53)

Во спомен на пристигнувањето на иконата на Пресвета Богородица „Брзопослушничка“, и оваа година беше одржана свечена литија во Струмица. Пред две години, во втората недела од Великиот пост, посветена на свети Григориј Палама, заштитникот на Струмичката епархија, иконата беше донесена во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, Струмица, како подарок од братството на светогорскиот манастир Дохијар.

Во сабота, 23 март 2019 година, во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“ беше отслужена воскресна Вечерна богослужба, а потоа со свечена литија иконата на Мајката Божја „Брзопослушничка“ беше однесена во црквата „Св. Григориј Палама и св. вмч. Димитриј“, каде беше отслужен Молебен канон, а иконата беше оставена за поклонение на верниот народ.

Следниот ден, 24 март 2019 година, во црквата „Св. Григориј Палама и св. вмч. Димитриј“, по архиерејската Божествена Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение со Митрополитот Европски г. Пимен и викарниот епископ Стобиски г. Јаков, започна свечената литија со иконата, по булеварот „Маршал Тито“ до градскиот плоштад „Гоце Делчев“. На плоштадот се одржа молитвословие (доксологија), проследено со кратко поздравно слово, по што литијата продолжи по старата чаршија до манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, каде што беше подготвена трпеза на љубовта за сите присутни.

Викарниот Епископ Стобиски г. Јаков на верниот народ му се обрати со следното слово:

„Слава Му на Отецот, и Синот, и Светиот Дух – Триипостасниот наш Бог, Кој нѐ собра сите нас во овој славен ден на Воскресението Христово, а по мoлитвите на Онаа што Го роди Христос, нашиот Спасител, и исто така, нѐ удостои меѓу нас да биде Нејзината чудотворна икона – иконата на Неговата Пречиста Мајка.

Знаеме дека за секој дар што од Бог го добиваме, го добиваме од Неа и преку Неа, и поради Нејзините молитви, бидејќи самите со ништо не сме го заслужиле. Сѐ што имаме добро во нашиот живот, во нашиот град, во нашата епархија, во нашата држава, е поради молитвите на Пресвета Богородица. И, убаво е да се види како народот Божји оди по својата Пречиста Владичица, оти тоа е образот што го иконизира оваа литија. Таа почнува од храмот, извира од Светата Литургија, а нејзиниот крај е во вечноста, во Царството Божјо. Оти, тоа е крајот на животниот пат на сите оние што Ја следат и одат по Богородица, и Ѝ се молат. Богородица оди пред нив и е секогаш со нив. Затоа, на сите нас, кои сме Христови, во Црквата, ова треба да ни биде едногласна молитва – сите што не се дел од оваа литија, да станат; сите што не тргнале и не одат по тесниот пат кон Царството Божјо, по молитвите Нејзини и по милоста Нејзина, да станат дел од таа литија, која е упатена во еден правец – кон вечноста, кон Царството Божјо; да влезат и да најдат покој и мир во прегратките на Отецот Небесен. Таа е главната Виновничка за нашето спасение.

Затоа најпрво Ѝ благодарам, во ваше име, за тоа што, по Својата голема милост, ги испрати браќата – архиереи да присуствуваат и со тоа да направат нашата радост да биде полна. Ѝ благодарам што наместо друг одговор да му даде на архангелот Гаврил, рече: „Нека ми биде според зборовите твои; еве ја слугинката Господова!“ (види: Лука 1, 38). Токму поради тие зборови се удостоивме да станеме браќа Христови, а преку Христос се удостоивме да станеме синови на Отецот Небесен. Ѝ благодарам што со чудата кои ги точи секојдневно преку Својата света икона покажува дека е непрестајно со нас и меѓу нас. Ѝ благодарам што нѐ трпи и непрестајно се моли за нас пред Својот Син и Бог. Ѝ благодарам што не заборави на Својот удел – Света Гора и Македонија.

Таа е нашата Заштитничка, покрај светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици и великиот отец на Црквата, Свети Григориј Палама, чиј спомен денес го чествуваме. Ние сме немоќни да кажеме што било убаво, чесно и свето за Пресвета Богородица, но слушнете го овој велик отец на Црквата што вели: ’Погледнете Ја Онаа што ја премина бездната што ние никогаш не можевме да ја преминеме. Погледнете Ја Онаа што стана мост и помирување помеѓу Создателот и созданието. Таа е наша врата во Царството Небесно, и кон сѐ што е добро. Таа е единствената наша надеж‘.

Затоа, никогаш да не престанеме да Ја следиме и секогаш да бидеме дел од оваа литија, која секогаш ќе чекори и ќе оди по Пресвета Богородица. Но, и со својот живот да посведочиме дека живееме во согласност со Евангелието на Нејзиниот Син. Единствено така ќе се покажеме како Нејзини достојни чеда. Сите ние што чекориме по тој пат со нашите мали, несигурни чекори, Таа да ги зацврсти, да ги направи силни, а оние што сѐ уште не зачекориле – да зачекорат и никој во овој свет да не остане надвор од закрилата на Пресвета Богородица. Само таквата молитва, само таквиот крик ќе нѐ направи да бидеме чеда на Пресвета Богородица.

Да излеземе и да бегаме од себичните молитви што ги принесуваме за себе самите. Имаме одговорност за сѐ околу нас и за секој еден покрај нас, дури и за непријателите. Ако нашата молитва не го опфати целиот свет, не сме Христови и не сме деца на Пресвета Богородица. Исто така, да освестиме дека тоа е поентата и на тоа да се научиме од секоја литија, која станува традиција во нашиот град и во нашата света епархија. Ја користам оваа можност и да ви го пренесам благословот и поздравот од светиот Владика наш, Митрополитот Струмички г. Наум. По неговите молитви, по молитвите на Пресвета Богородица и по молитвите на светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици, на свети Теофил Исповедник Струмички и на светиот отец наш Григориј Палама, и на сите Светии, Господи Исусе Христе, биди милостив кон нас, грешните, и помилуј нѐ! Бог да ве благослови! Амин.“