Промоција на книгата за деца „Светилници на светот (книга 2)“
 
 
 
 
 

Промоција на книгата за деца „Светилници на светот (книга 2)“ (21.06.2019 11:21)

Неодамна, со благослов на Митрополитот Струмички г. Наум, од печат излезе книгата за деца „Светилници на светот: за македонските светители“, втората книга за деца од оваа едиција, во издание на манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, Струмица.

Книгата ја подготви Катерина Божинова, дипл. теолог и професор специјалист по религиско образование, а илустрациите за книгата ги изработија децата од училиштата во Струмица под нејзино менторство.

Книгата содржи кратки житија на светители што се почитуваат и кои дејствувале на нашите простори – почнувајќи од свети апостол Павле, свети цар Јустинијан, свети Еразмо Охридски, свети Константин Кавасила, преподобен Прохор Пчински, преподобен Јован Рилски, свети Иларион Мегленски, светиот маченик Анастасиј (Спасо) Радовишки, светиот маченик Агатангел Битолски, светите Пречистански маченици Евнувиј, Паисиј и Аверкиј, свети Гаврил Светогорец, Епископ Велички, сè до преподобен Јоаникиј Ракотински и преподобен Кипријан Слепченски.

Вчера, со благослов на Митрополитот Струмички г. Наум, во манастирот „Светите Петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, Струмица, се одржа и промоција на книгата, што ја одржа викарниот Епископ г. Јаков Стобиски, а по тој повод беше организирана изложба на која беа изложени сите цртежи од децата, кои поради ограниченоста на бројот на страници не беа опфатени во книгата. Исто така, беше организирана и хуманитарна акција за младиот фудбалер Томе Јанев, при што децата со радост изработија велигденски и божикни ракотворби. Изложбата ќе биде поставена во просториите на манастирот во наредните седум дена.

Авторот на книгата, Катерина Божинова, во своето поздравно слово на присутните им се обрати: „Сакам, денес, да ги пофалам децата пред сите вас, бидејќи неуморно работеа цела година. Тие учествуваа во литијата за Божик, низ градските улици на -20 степени, а радосно пееја и во Велигденскиот хор. Тоа значи, во период од месец и половина, штом започнат Великите пости, почнуваме и ние со проби двапати неделно. Покрај тоа, тука се и проектите кои го красат училиштето и кои не сте ги виделе, но верувајте ми, се прекрасни... Со заедничка работа и многу труд успеавме за период од пет месеци да издадеме две книги. А тоа е навистина многу работа. Но, како што вели нашиот Владика Наум: Никој не рече дека е лесно, но секој кој пробал знае дека е многу радосно“. Единствениот Урнек, Кој треба да се следи е Самиот Христос. Него следејќи Го, според Неговите зборови: „Земете го јаремот Мој на себе и поучете се од Мене... зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11, 29–30), обичните луѓе од нашите простори се издигнаа во вистински светилници на светот. Нивната многубројност и значај прави да не можат да се опфатат во една или две книги со житија. Затоа, Ви ја најавувам и третата книга на која веќе се работи“.

На сите деца им беа поделени благодарници за активен придонес во детската книга и за учество во изложбата.