Божествена Литургија во Водоча (28.06.2009)






Никој не може да им слугува на двајца господари
Рече Господ: „Светило за телото е окото. Затоа, ако твоето око биде чисто, и целото твое тело ќе биде светло; ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината што е во тебе е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?
Никој не може да им слугува на двајца господари: оти, или едниот ќе го замрази, а другиот засака; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да им служите на Бога и на Мамона.
Затоа ви велам: немојте да се грижите за душата, што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за телото, во што ќе се облечете. Зар не чини душата повеќе од храната, и телото – од облеклото?“ (Матеј 6, 24).
Деца, немам скоро ништо ново да ви кажам во оваа беседа. Целта ми е уште еднаш да го повториме она што го учевме, затоа што repetitio est mater studiorum, како и наученото да го погледнеме од различни агли и во различен сооднос за уште еднаш да се воодушевиме од совршенството на хармонијата на духовниот живот. Но, за разонода имаме една колатерална штета, а тоа е смешниот и безопасен Мамон, наречен уште од Отците и мајмун или имитатор на Бог.
Знаете од светите Отци дека умот се нарекува и око на душата. Ако суштината на умот е чиста, што значи просветлена, тогаш и нашата душа и нашето тело ќе бидат светли; а ако пак суштината на умот е извалкана и затемнета од прифатените и во дело спроведени лоши помисли, тогаш и нашата душа и нашето тело ќе бидат темни. И телото е учесник во несоздадената светлина на преображението. И ако умот во нас стане темнина, односно ако првата просветленост на енергијата на умот ја користиме за забележување и осудување на туѓите гревови а не на своите, тогаш каква ли ќе е темнината од зависта, стравот и омразата кон личноста и успесите на нашиот ближен. Тоа е крајна темнина, пред крајната темнина.
Сум говорел за ова и другпат и за тоа како умот се просветлува преку молитвениот престој во срцето. Сега само да се потсетиме дека сета оваа нељубов кон ближниот е последица на заробеноста на нашето срце од страстите. Колку повеќе ја задоволуваме страста, толку повеќе таа зајакнува. И колку поголема контрола имаат страстите над нас, толку помалку ние можеме самите себе да се контролираме.
Видовте, исто така, во една од претходните беседи од каква грижа бара Богочовекот Христос во Своето Евангелие да се ослободиме. И знаеме, заробеноста од каков вид грижа нè прави сите нас слични на незнабошците – на оние кои им се поклонуваат на идолите, односно на ѓаволот. Да повторам уште еднаш, тоа е прекумерната грижа за телесното и општо за сè световно, која произлегува од заробеноста на нашето срце од страстите. Видовме и кои се манифестациите и кои се последиците од световната грижа по нас.
Значи, демонот, преку задоволувањето на страстите, од една страна ги прави луѓето поклоници на идолите, а од друга страна им го затемнува умот и целото нивно битие. Таквите не само што не можат туку често и не сакаат да се наречат христијани. Не е ни чудо што, после гледаме дека, се случува во светот. Затоа Богочовекот Христос нè опоменува дека не е возможно истовремено да им служиме на Бог и на Мамон.
Деца, треба да правиме разлика помеѓу Оној Кој секогаш е Господар, и во вечноста и во времето, и оној кој е господар само кога некој му служи, и тоа само времено. Нашиот Бог – Света Троица е секогаш Господар, Творец на небото и на земјата и на сè видливо и невидливо. Бог е и наш Творец и наш Отец, односно Устроител на нашето спасение. Бог е Господар без оглед на тоа дали ние на Него Му служиме или не. Ѓаволот е господар само на оние кои му служат, инаку е смешно ништо. Посебно после Воплотувањето Христово и Неговиот Домострој на нашето спасение, ѓаволот станува како играчка со која малите деца си играат (св. Атанасиј Велики) или како спаринг партнер за оние кои се вежбаат во доброто; како некој што постојано ни ги покажува нашите слабости и страсти и како одличен слуга во процесот на нашето самопознание.
Бог може да Го засакаме или замразиме само свесно. Исто така и ѓаволот. Но, презир – во смисла на игнорирање, се случува повеќе несвесно или во незнаење, кога се поведуваме по искушението да ги задоволиме нашите страсти. Второто е, за мене, поглупаво и побезнадежно. И најчесто се случува. Терминот приврзување не изразува многу длабока врска.
Никој од нас не сака свесно да му служи на демонот и сите ние се сметаме себеси за слуги Божји. Но, секојдневниот живот нè демантира. Секој пат кога ќе се поведеме по нашите страсти и ги задоволиме, секогаш велам, ќе му послужиме повеќе или помалку на демонот поврзан со нив. И секогаш кога на злото ќе вратиме со зло, му служиме на демонот. А срцето останува извалкано и затворено за молитвата во него. Најлошо е кога мислиме дека на Едниот Му служиме, а во суштина му служиме на другиот. Тоа се нарекува прелест. Тоа се случува кога начинот на нашиот живот не е восогласен со степенот на духовниот раст на кој се наоѓаме. Токму тука се пројавува целата вештина на демонот како имитатор на Бог и тоа најмногу треба да нè плаши – дали сме на правиот пат. Интересно е што и кога ќе слушнеме како треба, не сакаме или не собираме сила да се покаеме.
Ајде да не му служиме никако на оној што е поставен само и единствено за наш слуга, а не за наш господар. Сигурно не сакаме свесно да станеме пасачи на свињи при нивниот сопственик, страдни да го наполниме својот стомак со нивната храна, кога знаеме дека многу наемници при нашиот Отец небесен имаат леб во изобилие.
Пресвета Богородице спаси нè!
Митрополит Струмички Наум