Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Монашење во манастирот во Рајчица (06.05.2010)

„Сестрата наша се облекува во облека на веселба и духовна радост, на одгонување и газење на сите таги и метежи кои наидуваат од ѓаволот, од телото и светот, и на постојано веселие и радување нејзино во Христа, во името на Отецот и Синот и Светиот Дух, да речеме сите за неа, Господи помилуј!“ ( извадок од чинот на монашење)

Каква радост е тоа кога една млада душа ке ги приклони колената свои пред Бога и ќе го прими на себе Неговиот благ јарем! Се радува таа затоа што се заветила на Најблагиот, Најпрекрасниот, Најмилостивиот, затоа што во Него, Единствениот го има залогот на своето спасение и вечна радост во царството на праведниците. Се радува и светот затоа што во таа кревка душа стекнал нов молитвеник и застапник пред Бога. Но најголема е радоста на небесата зашто се родил нов воин за борба против злото, некој што ќе биде светлинка во овој свет што се задушува во мрачните стеги на гревот, што на сите ќе им ја сведочи вистинската Светлина и  Љубов и Вистина.

Затоа во светиот дом на Победоносецот, каде монашкото сестринство и братство заедно со големото мнозинство на верници, придојдени од сите страни, го прославуваа неговиот свет спомен, насекаде бликаше од радост. Светиот Великомаченик Георгиј, кој во цутот на својата младост со чудесна ревност, несфатлива за овој себичен свет,  целиот себе си се предаде на Бога, поднесувајќи заради него страшно измачување па дури и смрт, со посебно ликување ги поздрави новите птички во раичкото монашко јато, ги посети со силна благодат, како завет дека ќе бдее над нив во секој миг од нивниот живот, ке им биде моќен застапник и ќе ги штити од секакви замки на лукавиот и зла. Но и сестрите, чувствувајќи ја неговата голема закрила и љубов, се потрудија најдостојно да го прослават неговиот празник. Со најнежна љубов тие подготвија раскошен престол украсен со прекрасни цвеќиња во хармоничен сплет на бои, кој со своите живи пламени нијанси просто зрачеше во храмот и беше достоен украс за светите мошти на славниот маченик.

И додека присутните во храмот, нахранети од силната благодат што се излеваше од благоуханите мошти на Победоносецот и од торжествените византиски напеви на распеаните псалти, ги упатуваа своите срдечни молитви за новозамонашените сестри Ана и Нина, овие растреперени души ги подигаа очите на своите срца кон Прекрасниот Жених, предавајќи му ги сите свои мисли, желби, воздишки и прозби за да им даде сили достојно да Му послужат во овој привремен живот за потоа со радост да се вселат во Неговата брачна одаја, каде не престанува веселието и каде Тој за нив приготвил неискажливи богатства и дарови.

Секако, не помала беше и радоста на митрополитот Дебарско-кичевски и Плаошки, г. Тимотеј, кој го изврши чинот на замонашувањето. Тој во својата проповед до присутните, со пригодни зборови се обрати и до новите монахињи, татковски советувајќи ги во својот монашки подвиг да го имаат како светол пример токму Светиот Великомаченик и Победоносец Георгиј. „Тој нека ви даде духовна и телесна сила за да можете достојно и чесно да ги носите и да ги оправдате заветите што ги зедовте, за да добиете награда од Благиот Христос и вечен живот во царството небесно. Исполнете ги зборовите Христови: Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец, Кој е на небесата. Носете го монашкиот подвиг за прослава на нашата Светиклиментова и Светинаумова православна Црква, на радост на ангелите и пораз на нечестивиот.“

 

                                      

 

              

 

    

 

                

 

                  

Известуваат: сестрите од Рајчица