Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Пресвета Богородица – нашата Мајка, на сите нас (25.09.2014 20:47)

Секое создание дало, на свој начин, придонес во делото на воплотувањето на Божјото Слово. Ние, нашата човечка природа, принесе најголема жртва (дар) кон Божественото схисходење на Исус во светот, без сомнение, најсовршениот од даровите – Пресветата Богородица, Која стана Негова Мајка, и на сите нас.

 

И од тоа произлезе нешто неописливо. Како Таа станала толку способна да ѝ послужи на таа голема цел и да Му се принесе на Бог, нешто недостижно за сите останати созданија? Бидејќи ако не се случело тоа принесување како дар на Пресвета Богородица, би можеле да речеме дека, залуден би бил целиот Божјиот домострој, и потоа не би се случило и спасението на човекот, и заживувањето и востановувањето на сите твари во нивното достоинство, и враќањето во рамнотежа на распадливото создание.

 

И оваа висина која се достигнува со човековата природа – не само што е највеличенствена во целата нејзина историја, туку и не може да се повтори, бидејќи претставува наш преголем дар, односно таа ја смири Божјата Љубов и повторно ја спроведе кај нас.

 

Благословената ќерка сега Ја нарекуваме Богородица, и од тогаш, па до денес, Таа постојано претстојува на едно особено место помеѓу Бог и нас. Поради тоа Нејзино посредство Божјиот Син ја прими човековата природа и истовремено стана и Бог и Човек. Таа Му дала сѐ што имала, Му се принела како дар. И затоа и Тој Ѝ подарил обожение, колку што може да прими човековата природа, бидејќи да Ја претвори во Бог по природа било невозможно. Сепак, по благодат, Тој Ја обожил.

 

Благодарение на сето ова и ние сме удостоени да Му се приближиме на Бог. Бидејќи, благодарение на сродството со Неа, ние доаѓаме до тој степен да бидеме вистински „Божји наследници, сонаследници на Неговиот Син“.

 

И затоа нашата Црква на денот после Христовото Рождество, денот посветен на безсеменото зачнување и Рождество на Божественото Слово, го празнува Нејзиниот собор. Таа Ја слави во мајчинско достоинство и за Нејзиниот приоднес, бидејќи Таа содејствувала како никој друг во исполнувањето на таа голема Тајна.

 

И видете, со колкава мудрост Божјата промисла ја трансформира оваа „тажна“ слика! Ѓаволот соблазнил една личност од двете создадени од Бог, тој ја соблазнил жената и ја искористил како орудие за измама и причина за штетата. Божјата промисла била преку Неа, орудието за измама сега да стане орудие за спасение и враќање. И тоа го направил еднаш засекогаш.

 

И сега ние со смелост прибегнуваме кон благодатниот престол на тоа мајчинство и како Нејзини синови, Ја молиме својата Мајка, а Таа не може да не нѐ чуе. Не може, бидејќи како е возможно во тоа совршено мајчинство да го сокрие своето срце од повикот и молбите на своите деца?

 

Имајќи ја Мајката Која стои помеѓу нас и Бог ние имаме совршена надеж дека никакво очекување, желба, молба или потреба, мината и идна, не може да не биде остварена.

 

А што треба да направиме ние? Длабоко да размислиме за нашиот синовски однос кон Неа, поискрено и поверно да Ја љубиме, знаејќи за Нејзиното вистинско достоинство и да живееме во увереност дека сите наши страдања ќе бидат разрешени, бидејќи Таа е посредник меѓу нас и својот Син... Од нашиот опит знаеме дека не може совршената Мајка да излезе со барање пред совршениот Син и Тој да Ја одбие. Тоа едноставно е невозможно.

 

Ние само треба, во душата, да ги поттикнеме сите свои чувства во однос на Нејзината мајчинска љубов и тоа да го излиеме во сите возвишени химни на благодарност, славословие, молба и повик кон Неа, како и сѐ останато достојно за Нејзиниот Божествен карактер.

 

Таа е надарена со сите добродетели. Особено изобилува со Нејзиното смирение и чистота, затоа и Ја нарекуваме Секогашдева. Таа не е Секогашдева затоа што живеела девствено и не знаела за маж, туку и затоа што ниту со мислите не направила грев; во чистотата на Нејзиниот душевен мир не влегла распадливоста на гревот. И токму затоа Таа е и останува Пресвета и Секогашдева.

 

Се обраќам кон младите, кон неженетите и немажените, кон монасите, ако сакате да Ја почитувате, тогаш принесете Ѝ го како дар вашиот живот во чистота. Имено така и ние Ја славиме Неа.

 

Вториот квалитет кој е карактеристичен за Неа, иако таа има и други добродетели, е смирението. Кога архангелот дошол кај Неа, Таа не се возгордеала, туку покажала смирение и послушание: „Нека биде според Твоите зборови“.

 

Тие добродетели и на сите нас треба да ни бидат основа за сѐ. Затоа што тие, особено за нас монасите, претставуваат основа за нашето постоење како монаси, но исто така, на нашите ближни и на нашата Црква им покажуваат кои сме и им даваат пример, односно им го покажуваат курсот за понатамошното патување по морето на животот, на сите христијани.

 

И затоа оние што сакаат да Ѝ оддадат почит на нашата Пречиста Дева и сакаат да бидат удостоени Таа да им ја открие својата мајчинска љубов, нека ги пораснат во себе тие добродетели: смирението и послушанието. Да не зборувам и за чистотата...

 

И затоа и вие, каде и да се наоѓате, можете да Ѝ пеете песнопенија. Пејте го Богородичниот тропар и наполнете ја својата уста со благоухание од Нејзиното име.

 

Гледате што кажала самата Таа за себе? Исполнета со Светиот Дух, рекла: „Отсега па натаму ќе ме почитуваат сите родови“. Тоа Ѝ го јавила благодатта на Светиот Дух, која се вселила во Неа засекогаш. Таа Ја поттикнала да го каже тоа. Благодатта на Светиот Дух, вселената во Неа, ја исползувала таа ситуација, односно Нејзината уста, подобно на музичарот кој со своите раце свири на жиците за да произведе музика. И тогаш Таа почнала, во својата душа, смирено да го говори тоа.

 

Се разбира, слава! Што може да биде поголемо од фактот дека во Неа се вселила целата Божја полнота? Само еден зрак од благодатта, само едно зракче е во состојба целото создание да го претвори во Божјо достоинство. Но во Неа не се открил само еден зрак од благодатта, во Неа се вселила целата Божја полнота.

 

За ова сакав, денес, да ве потсетам сите вас, возљубени мои, за да станете огнени восприемачи на Нејзината љубов. Ние имаме жив пример за тоа, нашиот Старец, кого Таа многу го сакаше, но и тој Неа. Ако нашиот блажен Старец сега беше тука и го слушаше сето ова, без сомнение, ќе лееше неисцрпни солзи, бидејќи само од едно спомнување на Нејзиното име тој трепереше како мало дете! И затоа многупати Таа му ја покажуваше својата љубов и го удостои да го напушти светот во истиот ден, кога и Таа го напушти.

 

И нас да ни даде сила благодатта и застапништво од Неа и сите светии. Амин.

 

Старец Јосиф Ватопедски