Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Философија за животот (26.03.2015 16:01)

А што да кажеме за човекот? О дури во него се одигрува најинтересниот и најдраматичниот натпревар помеѓу невидливото и видливото. Тука невидливото се прегрнало со видливото во страстна прегратка, прегратка што нема крај ниту во овој ниту во оној свет. Погледнете, човекот си го жртвува своето видливо тело за одредени убедувања на својата совест. А гледај, совеста е нешто невидливо. Ако не е така, покажете ми ја за со очи да ја видам. – Човек оди во смрт за одредена мисла, за одредена идеја. А гледај, мислата е нешто невидливо, идејата е нешто невидливо. Ако не е така, покажете ми ги за со очи да ги видам. – Мајка со своето видливо тело го брани своето дете кога тоа е во опасност, и го жртвува своето видливо тело. Поради што? Поради љубовта. А гледај, љубовта е нешто невидливо. Ако не е така, нека мајката ми ја покаже нивната љубов за со очите да ја видам. – Што е тоа мисла, што е тоа чувство, што е тоа совест, покажете ми ги за со очи да ги видам во нивната независност и вештествена, очигледна стварност! Но вие не можете да ми ги покажете, бидејќи сето тоа според својата природа е невидливо.

            Значи: тоа што е најглавно во човекот е невидливо. И уште: всушност, човекот живее со она што е невидливо во него. Кога тоа невидливо ќе го напушти човекот, тогаш телото умира. Да не е така, и мртовецот би можел да ги врши животните функции, барем додека е на мртовечката маса, бидејќи ги има истите сетила, истите физички состојки како и еден жив човек. Само едно нема: нема душа во телото, душа што го држи телото во живот, душа што гледа со очи, што слуша со уши, преку сетилата дејствува, преку мислата умува. Таа невидлива душа е извор на сето видливо човеково живеење. Можеби вам не ви се допаѓа што душата е невидлива? Та, што гледаме и од телото наше? Само кожа, а сите главни функции: функциите на нервите, на срцето, на белите дробови, црниот дроб, мозокот, сето тоа е сокриено од нашите очи. Во нас ползат или се веат сѐ некои невидливости, сѐ некои привиденија. Во овој поглед, мислата што од неодамна ја искажа познатиот биолог д-р Алексис Карел, во своето познато дело: Lhomme cet inconnu, е едноставно генијална. Таа мисла гласи: „Секој од нас е само поворка на привиденија низ која патува несфатлива реалност – la réalité  inconnaissable[1]. Навистина, човекот е нешто што најмалку го знаеме, што најмалку го познаваме. Д-р Карел вели: „Треба отворено да признаеме – од сите науки, науката за човековото битие претставува најголема тешкотија[2].

            Да бидеме искрени: сите три света – и космосот, и земјата и човекот се претставуваат како некоја невидлива сила, облечена во материја. Разоткриј што било или кого било, некој непознат невидливко од сѐ и од секој право гледа во тебе со своите таинствени очи. Но, ако сме логички доследни и духовно смели луѓе, да ја доведеме докрај својата мисла. Јас тоа и го сакам: сите три видливи света – космосот, земјата и човекот се само проекции на невидливото во видливото. Видливата природа е материјална проекција на нематеријалното, на невидливите мисли Божји. А човекот? – Човекот е истото тоа и нешто далеку повеќе од тоа: човекот е видлива проекција на невидливиот образот Божји.

            Секоја твар во овој свет е рамка во која Бог врамил по една Своја мисла. А сите твари заедно сочинуваат раскошен мозаик на мислите Божји. Одејќи од твар до твар, ние одиме од една мисла Божја до друга, од една фреска Божја до друга. А одејќи од човек до човек, ние одиме од една икона Божја до друга. Бидејќи, кога Бог во тварите на овој свет ги врамил Своите мисли, во човекот го врамил образот Свој, иконата Своја. Кажано е во Светото Писмо: И го создаде Бог човекот според образот Свој, според образот Божји го создаде (1. Мој. 1-27).

            Гледај, превеликиот Бог го врамил образот Свој, иконата своја во човековото тело од кал. Затоа, секој човек е – мал бог во кал. Да, мал бог во кал. Таа боголикост е она што го издигнува човекот над сите битија и над сите твари, над сите ангели и архангели, го издигнува и воздигнува до Самиот Бог. Бог не праќа ниту еден човек во овој свет без Својот образ. Затоа, секој човек е богоносец од утробата на мајката своја. На таинствената граница помеѓу двата света стои благиот Господ Христос и секоја душа што ја праќа во овој свет ја надарува со Својот прекрасен образ (види Јован 1, 9). Затоа, секој човек по природа е христолик, по природа е христоносец.

            Господа, зад густата коприна на видливото се протегаат безбројни бескрајности на невидливото. Всушност, не постои груба граница помеѓу видливото и невидливото, помеѓу овдестраното и одандестраното, помеѓу природното и натприродното. Во сѐ, на сѐ и низ сѐ видливо и невидливо царува и владее Он, чудесниот и таинствен Бог и Господ, Богочовекот Христос. Он ја разлеал Својата божествена вредност на сѐ видливо и невидливо, та сѐ – од бескрајно малото до бескрајно великото, има своја божествена вредност. Особено човекот. Бидејќи, надарен со боголика душа, тој ги претставува сите божествени вредности во еден мал свет. Во тоа се состои божественото величие и божествената неприкосновеност на неговата личност. Божественото величие и божествената неприкосновеност на човековата личност е најскапоцената вистина во нашиот човечки свет. Затоа, секој човек е – наш брат, наш бесмртен брат, бидејќи секој човек има образ Божји во својата душа. И со самото тоа има вечна божествена вредност; затоа на ниту еден човек не треба да се гледа како на материјал, како на средство, како на алатка. И најништожниот човек претставува апсолутна вредност. Затоа, кога и да сретнеш некој човек, кажи си во себе: гледај, мал бог во кал! Гледај, мил мој, мојот бесмртен брат и вечен собрат!

 

Преподобен Јустин Ќелиски



[1] L’homme, cet inconnu, Paris, Plon, 1938, стр. 4

[2] Таму, стр. 11