Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Последните усилби (02.05.2015 13:03)

До куќата имавме мала градина. И таа ни беше на располагање, бидејќи стопанот на куќата не живееше тука. Бурата на срцето ми ме одведе таму, та никој да не ѝ попречи на жестоката борба што ја имав започнато со себе и чиј крај не го знаев, но Ти го знаеше. Тоа мое безумие ме доведе до разум, а смртта до живот. Го знаев злото во себеси, но не знаев за доброто, што го здобив по кратко време.

Се осамив во градината. Алипиј[1] ме следеше одблиску. Неговото присуство не ѝ пречеше на самотијата ми. А и како би можел да ме остави во такво душевно страдање! Двајцата седевме колку што е можно подалеку од куќата. Целиот треперев и вриев од негодување, зашто не одев по Тебе и не влегував во заедница со Тебе, Боже мој, не одев каде што „сите коски мои“ ми викаа да одам и да Ти вознесуваат пофалби до небото. А за да се отиде таму нема потреба ни од брод, ни од кочија, ниту од одење пеш, како што ги поминав тие неколку чекори од куќата до местото каде што седевме. Не само одењето до Тебе, но и стигнувањето таму не е ништо друго освен желба да се оди, но желба поткрепена со силна и решителна волја, а не со некаква си полуздрава волја, што се клацка натаму-наваму, така што издигнатиот дел треба да се бори со паднатиот.

Така се мачеше мојата болна душа. Се обвинував со најгорките укори како никогаш досега. Се вртев и се удирав од веригата моја, за најпосле да се ослободам од неа. А таа, иако веќе доста слаба, сѐ уште ме држеше окован. Но Ти, Господи, таму, во тајните катчиња на мојата душа ме победи. Твојата строга милост ме биеше со два камшика – на стравот и на срамот, за одново да не ја сопрам борбата, туку да ги скршам останатите алки на веќе слабата верига, та таа одново да не закрепне, за уште посилно да ме врзе.

Си кажував: „Сега ќе ставам крај... Еј, сега! Донесов решение на зборови. Се залагав да го исполнам и не го исполнував, но не паѓав во пропаста на стариот живот, а се принудував кон врвот и земав здив. Потоа повторно тргнував и стигнував до врвот, речиси го допирав, иако се држев за него – но не, сосем не бев блиску до врвот и ниту го достигав, ниту го држев. Далеку бев и бавен бев да умрам за смртта и да живеам за животот. Вкоренетото зло во мене ме владееше посилно отколку непознатото добро, на кое не бев навикнат. Колку повеќе наближуваше мигот кога душата ми требаше да се промени, толку поголем ужас ми предизвикуваше: и не можеше ниту да ме врати назад ниту да ме оддели, туку ме држеше неуверен на средината. Тоа што ме држеше, беше глупост над глупостите, суета над суетите – моите стари пријатели. Тие ме држеа за облеката на плотта и тивко ми шепотеа: „Ќе нѐ оставиш ли? Никогаш ли нема да бидеме со тебе и од тој миг па натаму никогаш ли нема да ти биде дозволено ова или она?“ Какви нешта ми спомнуваа тие со тие зборови „ова или она“, какви нешта, Боже мој! Твојата милост да го изгони сето тоа од душата на Твојот слуга. Какви гнасотии, какви бесрамија ми спомнуваа тие. Но јас веќе многу слабо ги слушав, тие како да не смееја да се појават пред мене како чесен противник, но ми шепотеа зад грб, за да ме одвратат. Тие успеваа да ме задржат, затоа што се бавев во колебањето да се одделам од нив, за да скокнам таму каде што бев повикан. И сесилната навика ми говореше: „Помисли, ќе можеш ли да живееш без тие нешта?“ Но гласот на таа навика веќе беше многу слаб, зашто лицето веќе ми беше свртено натаму каде што се плашев да одам. Таму се откриваше образот на целомудрието со својата возвишена чистота – ведра и насмевната, без да биде распуштена, и чесно ме канеше да се приближам кон неа. Таа ги протегаше своите свети раце, преисполнети со многу добри примери, да ме прими и да ме прегрне. Таму имаше многу младичи и девојки, луѓе од секаква возраст – чесни вдовици и жени, чиј живот преминува во девственост. Во сите тие души воздржливоста не останала бесплодна, зашто Ти, Господи, нејзиниот сопруг, си ја направил мајка, плодоносна за деца на радости.  

Таа се насмевнуваше за да ме охрабри, чиниш сакаше да ми каже: „Зарем ти не можеш да го сториш тоа што го можат тие деца и жени? Или ти мислиш дека тие успеале да го постигнат тоа со сопствени сили, а не од Господ? Он ним ме даде. Зошто се надеваш само на себе, без така да можеш да се поткрепиш? Предај Му се на Бог без страв. Он ќе те прими и ќе те излекува“. Бескрајно се срамував, зашто сѐ уште го слушав шепотот на суетата, се бавев и не донесував решение. Воздржливоста како одново да ми говореше: „Биди глув за нечистите искушенија на твојата плот и ќе ја умртвиш. Таа ти зборува за наслади, но тие не се слатки како законот на Господа, Твојот Бог“. Сето тоа се случуваше во моето срце, во него се борев со самиот себе. Алипиј стоеше молчалив до мене и го очекуваше резултатот од таа необична борба.

***

            Кога благодарение на тоа длабоко размислување од длабочината на душата ја извлеков целата своја ништожност и ја изнесов пред очите на срцето ми, страшна бура се дигна, бура придружена од голем порој солзи. За да го излеам тој порој слободно и докрај, се одделив од Алипиј. Самотијата ми се чинеше попогодна за да се исплачам и доста се оддалечив, за да не ме вознемирува неговото присуство. Во таква состојба се наоѓав тогаш и Алипиј го чувствуваше тоа. Мислам дека кажав нешто, потоа станав. Тој остана на местото избезумен. Не знам како, паднав под едно смоквино дрво и ги пуштив солзите. Потоци потекоа од очите ми – жртва благоугодна за Тебе. И, иако не точно со тие зборови, но во таа смисла Ти зборував: „А Ти, Господи, до кога? До кога, Господи постојано ќе се гневиш? Не спомнувај ги нашите поранешни беззаконија“ (Пс. 78, 5; 8). Зашто чувствував дека тие сѐ уште ме држат. И жалосно плачев: „До кога, до кога ќе продолжува тоа ‘утре’ и ‘утре’? Зошто не сега? Зошто во тој час да не биде крајот на мојот срам?“

            Така зборував и плачев горко во моето скршено срце. И ете, одеднаш чув глас од соседната куќа, на девојче или на момче – не знам – пееше и во различни тонови повторуваше: „Земи, читај! Земи, читај!“ Веднаш ми се смени изразот на лицето. Се замислив за да се сетам дали тоа беше припев на некоја песна што децата ја пеат во своите игри, но не можев да се сетам дека сум слушнал такво нешто. Вложив напор да ги сопрам солзите и станав. Единственото објаснување за тоа што го чув беше дека Божји глас ми заповедаше да ја отворам книгата на апостолот и да го прочитам првото што ќе го видам. Имав чуено за свети Антониј дека еднаш случајно, присуствувајќи на читањето на Евангелието, слушнал зборови кои толку многу го трогнале што ги примил како совет, упатен кон него: Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене!” (Мт. 19, 21). По тој знак тој веднаш се обратил кон Тебе. Побрзав да отидам до местото каде што седеше Алипиј, зашто таму ја оставив книгата на апостолот пред да станам. Ја зедов, ја отворив и тивко ги прочитав зборовите што ги видов: Да одиме чесно како дење – не во срамни гоштавки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту, пак, во препирка и завист; туку облечете се во Господ нашиот Исус Христос, и грижата за телото не претворајте ја во похоти (Рим. 13, 13-14). Повеќе не сакав да читам, ниту, пак, беше потребно. Едвај ги прочитав тие стихови и чиниш светлината на сигурност ми го исполни срцето и сите облаци на сомневањето исчезнаа од мене.  

***

            Ти ме обрати кон Себе, за да не барам повеќе жена или нешто друго, на кое светот ги полага своите надежи. Сега стоев до мајка ми во законот на верата, како што Ти ѝ покажа во едно откровение пред многу години. Ти ѝ ја претвори жалоста во радост (види: Јован 16, 20) и притоа во многу поголема отколку што таа посакуваше, и радоста ѝ беше многу помила и почиста отколку онаа со која би очекувала внуци родени од мојата плот[2].

            О, Господи, јас сум слуга Твој, јас сум слуга Твој и син на Твојата слугинка. Ти ги скрши моите окови. Тебе ќе Ти принесам благодарствена жртва“ (Пс. 115, 7-8). Нека Те прослават срцето и јазикот ми и сите коски мои нека речат: Господи, кој е подобен на Тебе? (види: Пс. 34, 10). Така нека кажат тие, а Ти одговори ми и „кажи ѝ на душата моја: „Јас сум спасение Твое!” (Пс. 34, 3). (...) Ти ги виде длабочините на мојата смрт и од длабочините на срцето ја изгреба тињата, мојата погибел. Сега, повеќе не го барам тоа што го сакав, но го сакам тоа што Ти го сакаш.

***

            Доцна Те возљубив, о прастаро и секогаш нова Убавино, доцна Те возљубив. Ти беше внатре во мене, а јас – надвор од себе, и Те барав, и во грозотијата моја се нафрлав врз убавината што си ја создал. Ти беше со мене, а јас не бев со Тебе. Далеку од Тебе ме држеа нештата, што не би суштествувале ако не беа во Тебе.

            Но Ти ме повика, Твојот повик се слушаше сѐ посилно и ја растргна глувоста моја. Ти ме просветли и Твојата блескава светлина ја изгоре слепоста моја. Ти ми го вдахна Духот Свој, јас го примив и сега дишам со Тебе.

 

Блажен Августин, извадоци од „Исповеди“



[1] Алипиј – пријател од детството и соподвижник на Блажен Августин, кој подоцна исто така станал епископ.

[2] Света Моника – мајка му на блажен Августин, девет години со солзи постојано Му се молела на Бог да го изведе нејзиниот син од ереста на манихеите. По нејзините молитви блажен Августин повторно се вратил во христијанството.