Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Промислата Божја за нас нема граници (17.05.2015 07:47)

Промислата Божја за нас нема граници. Он невидливо нѐ води. Ништо не се случува без волјата Божја, за сѐ е одреден ден и час. Положи ја сета своја надеж на Бог и Он ќе промислува за тебе; а ако се грижиш за самиот себе, Он ќе ти помага, но Неговата седејствувачка промисла ќе отстапи од тебе.

 

            Во угоеното тело не се вселува Светиот Дух, па макар некој бил исполнет со добродетели. За да бидеме храм Божји, треба и душата и телото да бидат чисти и свети.

 

            Во едноставните срца почива Светиот Дух. Внатрешната едноставност треба да се излева и на сета наша надворешност. Едноставност во сѐ: во говорот, во надворешниот изглед. Немој да се правиш побожен, не гледај надолу, не зборувај лицемерно со тивок глас, зашто ако, макар и со добра намера, ја местиш својата надворешност, благодатта ќе отстапи од тебе.

 

            Секоја благословена душа е едноставна, праведна, милостива, љубезна, не се гордее, незлоблива е, не се велича, не е дрска, воздржана е и има страв Божји.

 

            Незлобливоста и едноставноста повеќе од сите добродетели ја привлекуваат на нас благодатта и милоста Божја.

 

            Не избрзувај на делото за спасение; не барај посебни патишта; не си наложувај посебни подвизи, туку попрво прави како што ти се заповедува, според силата што Господ ти ја праќа; само непрестајно и беспоштедно присилувај се на секое добро.

 

            Со Бог е добро насекаде, а без Него многу е мачно и во рајот и во пеколот. Зашто сличен на небесниот, и на земјата постои Рај, но постои и пекол, само тие се невидливи, како и Бог на небесата, Кој е и на земјата; тука сѐ е невидливо, а таму сѐ е видливо – и Бог, и Рајот и пеколот.

 

            Ако Бог е со нас на земјата невидливо, тоа е знак дека ќе биде со нас и на небесата. Ако, пак, со срцето не Го видиме Бог на земјата, ни на небото нема да Го видиме.

 

            Човек со сите свои сили, а без содејството Божјо, не може да располага ниту со својот надворешен живот, ниту со состојбата на својата душа. Без Бога ни до прагот.

 

            Во нашата човечка волја е само да посакуваме добро и да бараме начини за негово извршување, а извршител и дејствувач на секое добро е Бог.

 

Преподобен Партениј Киево-Печерски