Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата (18.11.2015 15:50)

 

Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата (1. Мој. 1, 1). Чудесноста на мислата не ми допушта да зборувам. Што попрво да кажам? Од каде да ја започнам беседата? Да ги разобличам заблудите на нехристијаните ли? Или вистината наша да ја опевам?

Грчките мудреци многу расправале за природата, но ниедна нивна теорија не останала цврста и непоколеблива: секогаш следната теорија ја побивала претходната. Да ги побиваме нив е залудно; доволнo самите се побиваат еден со друг. Зашто оние што не знаеле за Бог, не прифаќале дека пред постоењето на светот била присутна разумна Причина, туку, согласно своето првобитно незнаење, заклучувале и за тоа што следи. Поради тоа, едни прибегнувале кон идејата дека основата на светот е вештествена, тврдејќи дека причината на сѐ лежи во вештествените елементи на светот[1]. Други, пак, си замислувале дека природата на сѐ видливо е составена од атоми и неделиви тела, тежина и празен простор. Бидејќи неделивите тела час заемно се соединуваат, а час се разделуваат, од тоа зависи настанувањето или пропаѓањето, а најсилниот сплет на атоми на најтрајните тела станува причина за одржување на светот[2].

Навистина, пајакова мрежа ткаат оние што така пишуваат, односно оние што поставуваат такви слаби и неосновани начела на небото и земјата и морињата. Тие не умееле да кажат: Во почетокот Бог ги создаде небото и земјата. Затоа безбожноста, која била вгнездена во нив, им всадила заблуда дека сѐ што постои е без поредок и управување и се движи случајно. Но, за и нам да не ни се случи истото, оној што го опишал создавањето на светот уште со првите зборови го просветлува нашиот ум со името Божјо, велејќи: во почетокот Бог ги создаде.

            Каков прекрасен поредок! Најпрвин го употребува зборот почеток, за никој да не си помисли дека светот е беспочетен; потоа додава ги создаде, за да покаже дека создаденото претставува најмал дел од силата на Создателот. Како што грнчарот со една иста вештина прави безброј садови, не исцрпувајќи ја со тоа ни својата вештина ни својата сила, така и Создателот на сѐ што постои, само со еден двиг на Својата волја ја привел во постоење величественоста на сѐ видливо, иако Неговата творечка сила не е по мерата на само еден свет, туку во бесконечен број пати го надминува.

            Па, бидејќи светот има свој почеток и бидејќи е создаден, истражувај за да дознаеш кој му подарил постоење и кој е неговиот Создател. Но, за да не се случи, истражувајќи со своите човечки помисли, да застраниш од патот на вистината, Он те претекнува со Своето учење, втиснувајќи го во душата наша многупочитуваното име Божјо како некаков печат, велејќи: Во почетокот Бог ги создаде. Значи, Оној Кој е блажено Естество, преизобилна добрина, Кој е возљубен од сите словесни битија, Кој е многупосакувана Убавина, Начело на битијата, Источник на животот, умствена Светлина, непристапна Мудрост, Он во почетокот ги создаде небото и земјата.

            Затоа, о човеку, не сметај го за беспочетно сѐ што е видливо, и оти и небесните тела се движат кружно, а нашето сетило не може на прв поглед да го забележи почетокот на кругот, не заклучувај дека природата на телата со кружно движење е беспочетна. (...) Бидејќи, според природата на нештата, почетокот му претходи на она што произлегло од него, неопходно е, говорејќи за она што настанало во одредено време, пред сѐ, да му го претпоставиме овој израз: Во почетокот Бог ги создаде. Зашто, како што се гледа, постоело нешто и пред овој свет, нешто што е разбирливо за нашиот ум; но тоа е сфатено како неистражливо, како несоодветно за оние што допрва се воведуваат во знаењето и кои се младенци по знаење. Тоа била состојба што е постара од настанувањето на светот, соодветно на небесните сили: состојба што го надминувала времето, вечна и бесконечна. Во таква состојба Создателот и Творецот на сѐ привел во постоење: умствена светлина што му доликува на блаженството на оние што Го љубат Господ, словесните и невидливи битија, и на сиот хармоничен свет на умствените битија што го надминуваат нашиот разум, така што не е можно ни имиња да им пронајдеме. Тие созданија ја сочинуваат суштината на невидливиот свет, како што нѐ учи Павле, велејќи: Бидејќи преку Него е создадено сѐ што е на небесата и што е на земјата, видливо и невидливо; било престоли, било господства, било началства, било власти (Кол. 1, 16), и ангелски воинства и архангелски одреди.

            А кога дошол час во битие да премине и овој свет, најпрво како школа и училиште на човечки души, а потоа и како соодветно место за престој на сѐ што воопшто настанува и пропаѓа, како основа на сѐ е создаден текот на времето што му е сроден на светот и на животните и на растенијата што се во него; тек што непрестајно брза и поминува покрај нив и никаде не го прекинува своето течение. Зарем не е такво времето, зашто во него минатото изминало, идното уште не настапило, а сегашното им се искрадува на сетилата, без да биде познаено? Во извесна смисла, таква е и природата на создаденото во овој свет, која секако расте и се троши, и не се одликува со ништо цврсто и постојано. Значи, требало за телата на животните и растенијата, кои се, на некој начин, по неопходност поврзани во еден тек и кои се зафатени од движењето што ги води кон постоење и пропаѓање, да бидат затворени во природата на времето, чие својство им е сродно на променливите нешта. Затоа и Мојсеј, кој премудро ни го објаснува битието на светот, расудувајќи за него, своето раскажување мошне умесно го започнал: Во почетокот Бог ги создаде, односно во овој временски почеток. Зашто, кога сведочејќи кажува дека станало во почетокот, со тоа не мисли дека времето настанало прво во однос на сѐ создадено, туку дека после невидливите и умствените битија се зборува за почеток на постоење на овие видливи и со сетилата дофатни нешта.

 

Свети Василиј Велики

           



[1] Анаксимандар, Анаксимен, Емпедокле и Хераклит.

[2] Така учеле Леукип и Демокрит.