Vesti i nastani
 
 
 
 
 

Зошто пискаат некои српски Епископи и нивните слуги во Македонија (07.08.2005 )

 

Навистина не е убаво, како што вели еден наш новинар, кога се гледа како човек во свештеничка мантија заминува во затвор. И многу жалиме заради тоа. Секако, не е убаво да се види кој било да оди во затвор ниту пак некому му го пожелуваме тоа. Напротив, Црквата секојдневно се моли и должна е да се моли и за оние што се затворени. Но, исто така, не е убаво и не само што не е убаво туку е и многу грдо, и големо зло е - и да бидеме докрај отворени, вистинско сатанско дело - кога некој се обидува, со помош на големи лаги, закани и политички игри три милиони православни христијани (само заради тоа што се родиле и се чувствуваат како Македонци, а тој некој ги негира или не ги признава под тоа име) и Црквата во која заедничарат со Христос да ги држи затворени (изолирани) за заедницата со останатите Православни Цркви и со останатите православни народи.

            Навистина не е убаво да се сруши или оштети чиј било верски објект или храм. И жалиме заради тоа. Но, големо зло и право сатанско дело е кога некој се обидува преку создавање на паралелна ерархија да сруши и да растури жива Црква, Тело Христово, и тоа само заради административното име што Црквата го носи. Да разруши Црква составена од милиони живи личности. Составена од луѓе кои сакаат да се спасат, луѓе кои постојано ја бараат и им треба Божјата помош, луѓе кои со солзи и покајание ги исповедаат своите гревови и луѓе кои со копнеж ги очекуваат и се причестуваат со Телото и Крвта Христови. Составена од луѓе кои се браќа наши православни и за кои Христос многу пострада. Божји чеда со кои Христос се поистоветува: доколку не сте го направиле тоа на еден од овие Мои најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле (Мат. 25, 45)! И тоа, се прави обид да се сруши жива Црква Која во последните десетина години ги дава своите најубави плодови, а тоа се возобновеното монаштво и живите манастири, прибежиште и утеха на многубројни повредени и болни души, но и духовни центри од кои веќе произлегоа и новите Епископи на нивата Божја.

            За затворање на свештено лице во физички затвор врз основа на судска одлука и за физичко рушење на материјален храм врз основа на одлука на надлежен државен орган (заради немање дозвола за градба) обвинети се пред светот македонската Држава и Црква. За обидот за држење во затворот на административната изолација и за обидот за рушење на живата црковна заедница на Светиот Дух, составена од живи личности на кои неопходно им е потребна и ја бараат видливата евхаристиска заедница и со останатите православни браќа, ние ги обвинуваме српската Црква и Држава. Сето ова, да не се лажеме, им е познато на сите православни Епископи. Но, чие дело е потешко, ако може каква било споредба да се направи? Телесното затворање на еден човек и физичкото рушење на започнатиот материјален храм или духовниот затвор на цел еден народ и рушењето на духовниот храм сочинет од живи богообразни личности? Очигледен е, за секој нормален и добронамерен човек, а камоли за православен христијанин или Епископ, несразмерниот, би рекле благ одговор на македонската Држава во однос на големото злосторство што се обидува да го спроведе српската Црква и Држава во Република Македонија. Одговорот на нашата Држава во однос на српскиот братоубиствен потфат може да се оцени како обична педагошка мерка или детска игра.

            И што се случува после сè...? Додека првите (македонската Држава и Црква) од позиции на државна и црковна изолација се обидуваат срамежливо да му ги објаснат на светот и на помесните Православни Цркви својата состојба и своите постапки, вторите (српската Црква и Држава) од своите изградени црковни и државни позиции дополнително им се закануваат на првите, а истовремено ги клеветат по цел свет претставувајќи ги своите слуги и платеници, кај православните како маченици за верата (?), а пред западниот свет - како страдалници за човековите верски права и слободи. Гледаме дека барем тоа многу добро го знаат... каде и како да се претстават.

             Еве, да речеме и да признаеме дека и двете работи не чинат, особено кога се случуваат помеѓу православни браќа. Но, просто паѓа во очи големата несразмерност во односите и се наметнува прашањето: како е можно страшното злосторство што српската Црква и држава се обидуваат да го спроведат, односно пастирското промашување и негирање на еден цел народ и обидот за изолација (затворање) и рушење на неговата Црква, да го оправдуваат и прикажуваат како добро, а законската казна што нивните слуги и платеници ја издржуваат во Република Македонија, односно рушењето на еден започнат храм и затварањето на еден човек, да им изгледа толку големо зло, та да мораат да лелекаат и да пискаат по цел свет? Секако, да знаеја што е разликата помеѓу ’медиумски политички маркетинг’ и ’маченички етос’ сигурно немаше да го направат тоа.

            Кога би одговориле на горе поставеното прашање, со јазикот на светите Отци би рекле: луѓето, по сѐ изгледа, се обземени од ’мнение’, односно од ’високо мислење за самите себеси’ и за своите дела, односно од ’демонска прелест’. Ова е така, затоа што само комплексот на виша вредност или високата идеја за самиот себеси може до толку да го заслепи човекот та и своите зли дела да ги оправдува и глорифицира, а дури и добрите дела на другиот, „понискиот“, „ништожниот“ да му се причинуваат како зли и безвредни. Да Го немавме Христос како критериум, како и споредбата или несразмерноста помеѓу она што го прави и она што го трпи Српската Православна Црква и она што го прави и она што го трпи Македонската Православна Црква, можеби мнозина ќе бевме излажани од српската пропаганда, но сега не. Особено е важно што никој не се излажа во Република Македонија, па обидот што го направи Српската Православна Црква да го подели нашиот верен православен народ и овојпат не успеа.

Конечно, не можеме во очигледната непропорционалност на силите и постапките кај нашите две страни во актуелната ситуација да не ја препознаеме најголата илустрација на Христовото предупредување: Зошто ја гледаш раската во окото на брата си, а гредата во своето око не ја чувствуваш? Или, како ќе кажеш на брата си – ’чекај да ти ја извадам раската од окото’, а, пак, ете, во твоето око има греда? Лицемере, извади ја прво гредата од твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брата си (Мат. 7, 3 - 5)!             

            Ако некој мисли дека сме престроги во оценките на постоечката ситуација, нека повели и нека дојде да живее со нас како православен христијанин или Епископ и нека се распне на крстот наречен Македонија, па кога крвта што ќе ја пролева за Божјата Црква овде постојано ќе ја гледа помешана со плуканиците на непризнавањето што ќе ги добива како возврат за своето страдание, тогаш ќе види дека сме многу, многу благи и воздржани кога го пишуваме сето ова и во речникот што притоа го користиме.

 

 

Митрополит Струмички Наум

 

        Дневник, 2824/30 јули 2005, Форум:

http://www.dnevnik.com.mk/?pBroj=2824&stID=59999