Vesti i nastani
 
 
 
 
 

ШТО НЕ МОЖЕ ДА ЗАБОРАВИ ДЕМОКРАТСКА И СЛОБОДНА ЕВРОПА (15.08.2005)

 

Одговорните функционери во организациите и институциите на слободна и демократска Европа и на Меѓународната заедница треба да се чуваат од замката на големосрпската пропаганда која е насочена кон поттикнување на вродената чувствителност на европскиот граѓанин, кога е во прашање заштитата на човековите верски права и слободи, со цел да предизвика симпатија за осудениот клирик на Српската Православна Црква кој ја издржува затворската казна во скопскиот затвор Идризово, а да ја изгубат на тој начин од вид целосната слика на работите. А вистинската позадина на она што денес се случува во Република Македонија е следната: истите црковни, политички и криминални (воено-профитерски) структури кои ги предизвикаа и ги искористија крвавите настани на поранешните југословенски простори, а кои по сè изгледа сè уште во своите (црковни) објекти или во нивна непосредна близина ги кријат воените злосторници што ги бара Хашкиот трибунал, и денес користејќи ги истите методи и средства сакаат да ја постигнат истата цел, а тоа е остварување на непреболената идејата за Голема Србија - барем до таму до каде што мислат дека во овој момент можат, односно до Р. Македонија, Црна Гора, Косово и Војводина.

И да се потсетиме како сè се случи, односно кои се тие методи и средства за кои говориме: најнапред познатите екстремно националистички насочени епископи на Српската Православна Црква преку духовен и психички терор ги разбудија воените духови на минатото откопувајќи ги во 1990 г. коските на загинатите Срби за време на Втората светска војна на просторите од Хрватска и Босна и Херцеговина, а потоа, откако се создаде критична исплашена маса на луѓе под оружје и од двете страни, и по настанатите крвави инциденти, настапи тогашната ЈНА раководена од српските генерали, како и паравоените криминални структури по нив. Резултатот го видовме сите, од направените злосторства, како на пример од она во Сребреница или во Вуковар, се згрозува секој цивилизиран човек на светот и секој цивилизиран Србин. Само неколкуте епископи на Српската Православна Црква, заради чие пограшно водство најмногу и настрада српскиот народ, уште не можат да го видат и да го сфатат својот грев. Но, недостојно примениот свештенички чин, согласно светите Оци на Црквата, не ги покрива и крие, туку ги открива и ги поттикнува страстите кај човекот. Страстите, пак, го прават човекот слеп, а особено страста на национал-шовинизмот.

Слично се случи и на Косово: најнапред истите луѓе на Српската Православна Црква, служители на идолот ’нација’, спроведувајќи специјална, за тоа подготвена програма, го поставија својот идеолошки проверен епископ во Призрен и во текот на деведесетите години ги возобновија косовските манастири како центри за ширење на големосрпскиот национализам, а потоа со физички терор, како по договор, настапија воено-полициските сили и паравоените криминални структури и се разбира, откако се распалија обата национализми во 1999 г. ја добивме Косовската криза и интервенцијата на НАТО силите во бивша Југославија, со сите жртви на двете страни. И повторно од цел цивилизиран свет уште само некои српски епископи не можат да го видат и да го сфатат својот грев, а манастирите на Косово, под воена заштита на КФОР, и до ден денес се живо-мртви сведоци на неостварената големосрпска идеја и на промашената христијанска мисија меѓу албанскиот и српскиот народ.

            Истите методи и средства на духовен и психички терор под премолчно одобрување на Српската Православна Црква почнаа да се спроведуваат пред три години од страна на истата мала група епископи - со обидот да се воспостави паралелна црковна стуктура во Р. Македонија. И се случи: медиумски напад врз личниот и свештеничкиот интегритет на Епископите на Македонската Православна Црква, негирање на светите Тајни на Црквата и навреда на верските и националните чувства на народот, како и нарушување на владението на Црквата врз сопствениот имот. Сето ова е документирано. Му благодариме на Бога што христијанскиот народ во Р. Македонија остана етнички и црковно неподелен и не се создаде онаа критична маса на луѓе потребна за политичка дестабилизација на земјата и за можна воена интервенција. Доволно ќе беше и денеска Македонија да беше федеративна република заедно со Р. Србија во состав на поранешната федерација а федеративната војска да беше присутна на целата територија, па да го видевме истото сценарио од бившите југословенски простори и од Косово. Истото ова или слично сценарио Српската Православна Црква се обидува да спроведе и во Р. Црна Гора. Но, за тоа другпат.

            Р. Македонија има најмалку потреба некој докажано безопасен, црковно и политички промашен мисионер со многу сомнителен кредибилитет, па уште и клирик на Српската Православна Црква, да го држи во затвор и од него да прави медиумска и виртуелна величина, но последново случување е многу добра можност за целиот демократски и мирољубив свет, ако внимателно погледне зад завесата на сентиментално дозираната медиумска врева пласирана од некои српски медиуми, уште еднаш да го забележи многуглавиот балкански змеј… големосрпскиот национализам ...и да не му даде простор надвор од неговите природни граници повторно да ги уништува духовните и културни вредности на христијанска Европа.

Уште што треба луѓево да изгубат па да се вразумат? Се молиме на Господ, тоа да не бидат нивните души.

 

 

како речиси сите граѓани од Македонија и Србија

гледаат на улогата на некои реакционерни сили

кои и до денеска непречено дејствуваат во СПЦ

 

 

уште една потврда од многуте:

http://www.mpc.org.mk/vest.asp?id=938