Istorija na Makedonskata Pravoslavna Crkva
 
 
 
 
 
 
Св. апостол Павле

Краток историјат на црковното прашање во Република Македонија

Христијанството во Македонија, па и пошироко на Балканот, прв го проповеда и проширува Светиот апостол Павле при своите мисионерски патувања, за што сведочат и Делата Апостолски. На тие негови патувања го придружуваат и апостолите Лука, Тимотеј, Сила и Тихик кои и самите независно од Светиот апостол Павле работат на христијанизација на овие простори. Низ Македонија проповеда и Светиот апостол Андреј Првоповикан кој и го поставува Светиот апостол Урбан за прв епископ во Македонија. Светиот апостол Силуан бил првиот епископ во Солун, а Епафродит во Адрија или Адријакија (погранично место со Тракија). Што значи дека уште тогаш се поставени темели на организирана Црква. Би спомнале тука и дека апостолите Аристарх и Секунд биле Солунјани, Епафродит бил од Филипи, а Гај од Добер (Дервија) кој се лоцира накаде меѓу Струмица и Валандово. Во тоа време Македонија била под римска власт така што често биле менувани нејзините граници. Како резултат на христијанизацијата извршена во првите три века, веќе на почетокот на IV век Христијаните на просторот на Македонија имале организирана Црква со црковна ерархија, чии епископи понатаму редовно учествуваат на помесните и вселенските Собори.

Во V век на просторот низ цела територија на Македонија постојат повеќе митрополии и епископии, од кои попознати биле Солун, Скопје, Хераклеа, Баргала и Стоби. Во тој пероиод и низ цела територија на Македонија никнуваат многу ранохристијански базилики.

За време на владеењето на царот Јустинијан I (527-565), кој потекнувал од с. Таврисион, близу до денешното Скопје, бил изграден нов град наречен Јустинијана Прима, во близината на родното место на царот. Скупскиот митрополит бил издигнат на ниво на автокефален Архиепископ. Кателијан бил првиот Архиепископ на Архиепископијата Јустинијана Прима во тоа време трета по чест меѓу помесните Цркви, после Рим и Цариград. Имало и други архиепископи, како што се: Бененат, Павле, Јован I, Леон, и последниот - Јован IX, кој во 680-681 година учествувал на Трулскиот Собор во Цариград.

Св. Климент ОхридскиДелото на светиот апостол Павле и светиот цар Јустинијан I го продолжуваат светите браќа Методиј и Кирил и нивните ученици светите Климент и Наум Охридски. Во втората половина на X век, во рамките на Самуиловата држава е организирана Охридската автокефална Архиепископија, врз темели на Јустинијана Прима, во достоинство на патријаршија. Подоцна, по паѓањето на Самуиловото Царство, повторно е сведена на степен на архиепископија и како таква постои цели осум века, сè до 1767 година кога е укината од страна на турскиот султан Мустафа III, а нејзините епархии се присоединети кон Цариградската патријаршија. Од овој момент па натаму, македонскиот народ прави постојани напори за нејзино обновување. Нејзините епархии смениле неколку јурисдикции од соседните православни Цркви. Особено жестоки борби биле водени во втората половина на XIX и првата половина на XX век, но поволни услови за враќање на самостојноста се создаваат дури во текот на Втората светска војна (1941-45 г.). Пред самиот крај на војната, во 1944 г. во селото Врановци е создаден Иницијативен Одбор за организирање на Македонската Православна Црква. Во месец март 1945 година во Скопје е одржан првиот Црковно-народен собор, на кој е донесена Резолуција за обновување на Охридската Архиепископија, како Македонска Православна Црква. Оваа одлука е доставена и до Архиерејскиот собор на СПЦ, бидејќи пред војната епархиите во делот на Вардарска Македонија беа во составот на Обединетата Православна Црква на Србите, Хрватите и Словенците, подоцна - Српска Православна Црква. Архиерејскиот собор на СПЦ не ја прифаќа оваа одлука, заради што во своите понатамошни барања Иницијативниот одбор истапува со одредени редукции: наместо како автокефална, бара да биде признаена како самостојна Црква. Но, повторно не наидува на одобрување. Во 1958 година во Охрид е одржан Вториот македонски Црковно-народен собор, каде што е прифатен предлогот за обнова на Свети-Климентовата Охридска Архиепископија, олицетворена во самостојната Македонска Православна Црква, а за нејзин прв епископ е избран г. Доситеј.

Архиерејскиот собор на СПЦ се согласи со одлуките на Македонскиот црковно-народен собор, во одлуката АС. бр. 47/1959 година и 6/1959 година зап. 57 од 17/4 јуни 1959 година.

Одлуката за самостојност на МПЦ беше потврдена преку отслужувањето на заедничка архиерејска Литургија со српскиот патријарх Герман, на 19 јули 1959 година во црквата на Свети Мина во Скопје, и истовремено е извршена и хиротонија на преспанско-битолскиот владика Климент. Со тоа Светиот Архиерејски Синод на СПЦ ѝ дал самостојност на Македонската Православна Црква, со тоа што таа и понатаму останува во канонско единство со СПЦ преку нејзиниот Патријарх. По неколку дена во црквата на Свети Никола во Штип е хиротонисан за владика на Злетовско-струмичката епархија г. Наум. Конституиран е Синодот на МПЦ според Уставот на МПЦ, како и другите административни органи и тела во Архиепископијата и во епархиите.

Во мај 1962 година во придружба од патријархот Герман, со неколку епископи на СПЦ, во посета на МПЦ дошол Патријархот Московски Алексиј, придружуван од митрополитот Никодим, епископот Пимен и повеќе високодостоинственици на Руската Православна црква. На празникот на Свети Кирил и Методиј во црквата на Пресвета Богородица - Каменско во Охрид беше одржана и архиерејска Литургија, на која што служел патријархот Московски Алексиј, во сослужение со патријархот Српски Герман и Архиепископот Охридски и Митрополит Македонски Доситеј. Ова било прво сослужување на поглаварот на МПЦ со поглавари на други автокефални Цркви.

Во 1966 година односите со СПЦ повторно се влошуваат. По новонастанатите недоразбирања и судири, Светиот Синод на МПЦ на 17 јули 1967 година во Охрид го свикува Третиот црковно-народен собор, и на свечената седница во охридската црква на Свети Климент Охридски ја прогласува Македонската Православна Црква за АВТОКЕФАЛНА. Чинот на прогласувањето на автокефалноста на Македонската Православна Црква е совршен на Светата Архиерејска Литургија, отслужена во црквата на Свети Климент Охридски на 19 јули 1967 година, од страна на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ. Точно 200 години по нејзиното укинувањето од страна на турскиот султан.

Диецезата на Македонската Православна Црква не се протега само на подрачјето на Македонската држава, туку и во црковните општини надвор од границите на Републиката.
Според точката 17 од Образложението на Одлуката за автокефалност, Македонската Православна Црква како административен дел од едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, ќе ги чува Светото Писмо, Светото Предание, апостолските Правила и прописите на вселенските и помесните Собори и ќе се раководи согласно со нив и со Уставот на Македонската Православна Црква.

Молејќи се смирено за другите, Македонската Православна Црква секогаш ќе се потпира на молитвите, благословот и врз помошта на постарите свети сестрински и помесни православни Цркви.

После повеќе неуспешни обиди да се најде решение со Српската Православна Црква, Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, со своја одлука од 30 мај 2018 година, одлучи да се заземе за решение на проблемот со признавањето на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска Патријаршија.