Za postot
 
 
 
 
 

 

  Кога се пости

Помени

Православната Црква има еднодневни и повеќедневни пости.
Во Календарот овие денови се означени со рамка околу датумот.

Еднодневни пости:

Среда и петок (освен т.н. редовни седмици)

  • Водокрст (спроти Богојавление) – 18 јануари
  • Отсекување на Главата на Св. Јован Крстител – 11 септември
  • Крстовден – 27 септември

Повеќедневни пости:

  • Велигденски пости
    (од 18.03 до 04.05)
  • Петровденски пости
    (од 01.07 до 11.07)
  • Богородични пости
    (од 14.08. до 27.08.)
  • Божиќни пости
    (од 28.11. до 06.01.)

Редовни седмици:

Во среда и петок се блажи во следниве седмици:

  • Од Божиќ до Водокрст
    – од 07.01 до 17.01
  • Седмицата на митарот и фарисејот – од 24.01 до 31.01
  • Месопусната седмица
    - од 07.02 до 28.02
  • Светлата седмица
    - од 04.04 до 11.04
  • Духовденската седмица
    – од 24.05 до 30.05

Свети Јован Златоуст вели: „Кога ќе слушнете за постот не плашете се од него како од страшен војвода: тој не е страшен за нас, туку за лошите духови. Ако те обзел лошиот дух, покажи му го лицето на постот, а тој окован со страв и врзан како со железни синџири ќе стане понеподвижен и од каменот, особено кога ќе ја види со него и неговата другарка молитвата.“ Затоа и Христос вели: „Овој род се истерува само со пост и со молитва“ (Матеј 17, 21). Па тогаш, штом е постот толку страшен за нашите непријатели и ги прогонува, потребно е да го сакаме и радосно да го примиме, а не да се плашиме од него.

Како се прави просфора...Постот и молитвата ни се голем дар Божји, без кој за нас луѓето нема обожување и спасение. Тие се наше благодатно учество во Крстот Христов, па затоа и во Неговото Воскресение. Постот и молитвата ги осветил и ни ги подарил во Црквата Самиот Господ, Богочовекот Исус Христос, преку севкупниот Свој живот во тело меѓу нас луѓето. Господ постеше во пустината четириесет дена и четириесет ноќи и често се повлекуваше насамо на молитва. Оттогаш пa наваму, постот и молитвата во Црквата се запазуваат и се живеат како една од нашите најголеми светости. Доволен показател за спомнатото е животот на кој било од нашите Светии од Пресвета Богородица и Светите Апостоли, па до денес.

Вистински пост и молитва како благодатни дарови Божји постојат само во Црквата и никогаш надвор од неа. Тоа значи дека тој што пости и се моли треба да е крстен, да се причестува, да се исповеда, да ги почитува и да учествува во сите други Свети Тајни на Црквата.

Под пост, во поширока смисла на зборот, се подразбира севкупниот наш христијански живот и начин на постоење во Црквата, опфаќајќи ја тука и молитвата. Затоа, условно, постот можеме да го поделиме на телесен и духовен. Во потесна смисла под зборот пост најчесто го подразбираме телесниот пост, којшто е воздржува-ње од некои јадења во деновите и временските периоди што Црквата ги одредила во текот на годината. Овие денови точно треба да се запазат и никој да не измислува, без благослов, повеќе или помалку од она што Црквата од Светиот Дух вдахновена го определила.

При определувањето на телесниот пост треба многу да се внимава. Не е можно секој човек, секоја конкретна личност да си наложува и да се оптоварува со иста тежина. Во Црквата живеат, се спасуваат и деца во развој (од кои до нивната седумгодишна возраст воопшто не се бара телесен пост како подготовка за Причест) и изнемоштени, остарени луѓе, потоа луѓе болни или оптоварени со тешка физичка работа, како и жени, бремени или со доенчиња. На сите овие духовниот отец, свештеникот, ќе им определи пост според нивните телесни сили или ако треба и сосема ќе ги ослободи од него.

Постојат и луѓе коишто иако можеби немаат телесна слабост, духовно се слаби и не можат да го издржат целото правило на постот. Меѓу нив има и такви коишто допрва приоѓаат кон Црквата или после подолг период и се враќаат. Духовниот отец треба да биде многу внимателен со овие браќа и сестри христијани и да не ги оптовари со пост којшто е поголем од она што тие можат слободно и љубовно да го поднесат и да го прифатат. Одредувајќи им ја на овие луѓе вистинската мера на постот, но и пристапувањето кон Светите Тајни, ние многу ќе им помогнеме во понатамошното духовно растење. Од друга страна, пак, претераноста, неодмереноста во постот може да го парализира и запре нивниот духовен развој. Знаеме дека ни на новороденото дете не му се дава веднаш тврда храна, туку најнапред млеко. Ако оваа претпазливост е потребна за телесното растење дотолку повеќе е значајна и за духовното.

Еве што за ова пишува нашиот светогорски монах, големиот испосник и духовен отец, Епископот Велички Гаврил од Лесновскиот манастир, кој постојано живееше во најстрог пост: „Оние што воопшто не постат нека почнат да постат, ако мислат да се спасат и душата да им влезе во Царството Небесно. Но тие не можат веднаш да го усвојат целото правило, туку најнапред нека постат во среда и во петок, во првата и во последната недела од постот, а потоа со текот на времето ќе се трудат, а Господ ќе им помогне да го примат полното правило, така што по некое време и тие ќе постат уредно... Освен тоа, почетникот најнапред може во посните дни да не јаде месо и маст, а да јаде сирење и јајца, така што со текот на времето ќе мине на целосен пост.“ („Правила и одредби на Право-славната Црква за постот“, Епископ Велички Гаврил Светогорец). Како што можеме да забе-лежиме, карактеристика на светите луѓе од Црквата е голема строгост спрема себеси и големо снисходење и милост спрема послабите браќа и сестри.

Телесниот пост е неразделно поврзан со духовниот пост. Нема вистински пост без покајание и плач, без смирение, без молитва, без трпение, без љубов и милост кон ближните и без другите Свети Добродетели. Од телесниот пост духовниот отец, како што видовме, може да неразреши, но од духовниот пост - никој, па дури ни ангел од небото. Затоа, телесниот пост не е секогаш неопходен како подготовка за Света Причест, додека пак, духовниот е неопходен. Духовниот пост е самата суштина на христијанското живеење и постоење во Црквата. Сепак и телесниот пост многу го помага духовниот. На пример, многу помага за да се вежбаме во трпение, смирение и молитва, да владее во нас дух на покајание, а покрај тоа, од она што би го заштедиле постејќи, можеме да им дадеме милост и помош на сиромасите. Кога вака правилно би се разбрал постот, веруваме дека не би постоел христијанин кој би можел да се оправда ако не го држи постот.1

Оние пак, што побожно и редовно го запазуваат постот, секогаш треба да го почувствуваат како подготовка за Света Причест со Телото и Крвта Христови.

(извадок од Посланието „За постот, за молитвата, за исповедта и за Светата Причест“, од книгата „Слово од Елеуса“)

 

'64. Апостолско правило одШестиот Вселенски Собор:

Ако некој клирик се најде дека пости во ден Господов (не-дела) или во сабота, освен во едната (Великата) сабота, да би-де расчинет; а ако е мирјанин да биде одлачен.

69. Апостолско правило одШестиот Вселенски Собор:

Ако некој епископ, презвитер, ѓакон, ипоѓакон, чтец или пе-вец не пости во Светата Четириесетница или во среда и петок, освен кога за тоа му пречи телесна немоќ, нека биде расчинет, а мирјанин да биде одлачен.