Епархијата Полошко-кумановска го зафаќа северозападниот
дел од Република Македонија и е дел од живиот организам на Македонската Православна Црква.
Во Полошко–кумановската Епархија функционираат сите нејзини епархиски органи и тела. Епархијата се состои од пет aрхиерејски намесништва, во кои има 202 цркви, 28 манастири, 54 параклиси и 194 места каде се поставени крстови, а на кои во годината по разни поводи се собираат голем број верници.
- Архиејско намесништво Тетово: 72 цркви, 10 манастири,
6 параклиси и еден крст.
- Архиерејско намесништво Гостивар: 45 цркви,
6 манастири, 20 параклиси и 4 крстови.
- Архиерејско намесништво Куманово: 60 цркви,
8 манастири, 12 параклиси и 120 крстови.
- Архиерејско намесништво Кратово: 12 цркви,
3 манастири, 9 параклиси и 19 крстови.
- Архиерејско намесништво Крива Паланка: 13 цркви,
еден манастир, 7 параклиси и 50 крстови.
Најпознати манастири во оваа епархија се:
- Манастир на свети великомаченик Георгиј, Старо Нагоричане
- Манастир на свети Јоаким Осоговски, Крива Паланка
- Манастир на свети Никола, Псача
- Манастир на свети Атанасиј Велики, Лешок
- Манастир на Пресвета Богородица, Матејче
Оваа епархија обединува околу 200.000 верници, православни христијани. Преку петте архиерејски намесници и преку црковните и манастирските настојателства, се координираат работите на црковно-духовен и финансиско-материјален план на целиот нејзин простор. Административно-организационата дејност се извршува од страна на надлежниот Епархиски Архиереј г. Кирил и секретарот на истата, протоѓагонот Вичко Гочевски.
Поради малиот број верници во оваа Епархија, што се должи на емиграцијата во прекуокеанските и европските земји или миграцијата на населението од селата главно во градовите во нашата суверена држава, со текот на времето голем број селски парохии беа крајно осиромашени. Еден подолг временски период во нив како да престана да пулсира не само црковно-духовниот, туку и обичниот живот. Со големи напори и лични посети на епархискиот архиереј, на секретарот, како и на нивните најблиски соработници, речиси во сите, дури и најоддалечени селски населби, отпочна повторно да заживува верата, со што и самите места доживеаја преродба. Не се допушти да згасне кандилцето на светото Православие пред ликот на Спасителот Господ Исус Христос, на Пресвета Богородица; на вечно живите пред Бога свети Климент и свети Наум охридските чудотворци и пред ликот на сите светии-застапници пред Бога за вековно опстојување на нашиот благороден македонски народ и на овие простори на светата библиска и апостолска македонска земја.
Оваа Епархија има над 40 активни свештеници и неколку пензионери.
Во текот на овие години се изградени 26 цркви, 11 манастири, 69 обновени и изградени објекти за крштевки и парастоси. Над поголем број цркви и манастири се извршени сеопфатни санациони и реставраторски работи, со што тие се заштитени од понатамошно пропаѓање.
Најголем проблем со кои оваа Епархија се соочува во моментов се огромните пустошења и штети кои се направени во текот на 2001 г. од страна на терористичките банди. Во овој период се ограбени, осквернети и опожарени околу 30–тина цркви и неколку манастири, меѓу кои манастирот на Свети Атанасиј Велики во с. Лешок, кој беше миниран и до земја разрушен, и манастирот на Пресвета Богородица во с. Матејче.
Исто така, голем и сложен проблем бил и останува да биде прашањето со одземените црковни и манастирски имоти од страна на државата, кои за голема жал сè уште не се вратени на нашата Светиклиментова Македонска Православна Црква.