Polosko-kumanovska eparhija
 
 
 
 
 

На 3 километри од магистралниот пат што води од Куманово до Крива Паланка, високо во селото Псача, во живописната дабова и багремова шума сместена е црквата посветена на свети Никола чудотворец.

 

Историските податоци се оскудни, но се смета дека е изградена во 1354 година. Црквата, како и нејзиниот ктитор властелинот Влатко се спомнуваат во една повелба издадена на 25 март 1358 година. Врз основа на зачуваните портрети на јужниот ѕид може да се заклучи дека севастократорот Влатко и неговиот татко кнезот Паскач се ктитори на црквата.

ктиторите на манастирот

За време на конзерваторските работи на оваа црква е утврдено дека натписот што се наоѓал над западната влезна врата е уништен во 1876 година бидејќи во него се спомнувале кралот Урош и Волкашин. Уништени се и натписите на овие владетели на нивните портрети на северниот ѕид.

свети Меркуриј
 
сигнатура на мечот на свети Меркуриј

Црквата е во форма на впишан крст во правоаголно пространство со купола што се издига на четири столба и припрата, исто така со купола. Куполата над централниот дел била срушена, а црквата долго време била наполно откриена. Во недостиг на средства, црковните власти место купола направиле полукружен свод. Фасадите на црквата се профилирани и украсени со шари, изведени во керамопластика. На исток завршува со тристрана апсида. Изградена е од блокови со клепан камен, кршен камен и тули.

свети Григориј Богослов и свети Василиј Велики
свети Јован Златоуст и свети Атанасиј Велики

Живописот е од времето кога е градена црквата и спаѓа во редот на најдобрите зографски остварувања од македонското средновековно сликарство. Висока вредност имаат реалистичките портрети на ктиторите, севастократорот Влатко, татко му, кнезот Паскач и на нивните сопруги. Зачувани се и фрески од св. Јоаким Осоговски (од 1371 година), св. Меркуриј (со сигнатура на мечот), св. Климент (од 1366 година), како и св. Ахилеј, св. Дионисиј, св. Константин и Елена, св. Спиридон. Во олтарната апсида во цел раст се претставени св. Атанасиј Велики, св. Јован Златоуст, св. Григориј Богослов и св. Василиј Велики.

свети Ахилиј
свети Климент
свети Јоаким Осоговски