Kalendar, zitija, posti
 
 
 
 
 

Светиот апостол Јуда

Еден од Дванаесеттемина. Син на Јосиф и Салома (но не Саломија Витлеемска), а брат на Јаков, братот Господов. Со Салома, ќерката на Ангеј (син Варахиин, Захариев), Јосиф дрводелецот имаше четири сина: Јаков, Јосија, Симон и Јуда. Овој Јуда понекогаш се нарекува и Јуда Јаковов, по брат му Јаков, којшто е попрочуен од него. Своето послание Свети Јуда го почнува вака: „Од Јуда, слуга на Исуса Христа, брат Јаковов.“ Иако и тој можеше да се нарекува брат Господов колку и Јаков, тој тоа не го правеше од смирение и срам, зашто во почетокот не Му веруваше на Господ Христос; и кога старецот Јосиф пред смртта сакаше да му даде дел од имотот и на Исус како на сите свои деца, сите па и Јуда, се спротивставија на тоа, освен Јаков, којшто драговолно одвои дел од својот имот и го намени за Исус. Јуда уште го нарекуваат и Левиј и Тадеј. Има уште еден Тадеј, од Седумдесеттемина апостоли (21 август), но овој Тадеј или Јуда когошто Црквата го слави на денешен ден беше еден од големите апостоли. Го проповедаше Евангелието по Јудеја, Самарија, Галилеја, Идумеја, Сирија, Арабија, Месопотамија и Ерменија. Во Едеса, градот на Авгар, ја дополни проповедта на оној другиот Тадеј. Кога проповедаше во пределите околу Арарат, го фатија незнабожците, го распнаа на крст и го убија со стрели, за вечно да царува во Царството Христово.

Преподобен Паисиј Велики

Мисирец по раѓање и јазик. После едно видение во сон, мајка му го заветуваше да Му служи на Бога. Како момче дојде кај преподобен Памво, а овој го прими за ученик и соученик на преподобниот Јован Колов, којшто и го опиша житието на Паисиј. На голема радост на својот духовен отец, Паисиј најусрдно се трудеше, додавајќи подвиг врз подвиг. Повеќепати му се јавуваше Пророкот Еремија, кого што тој особено го сакаше и почесто го читаше; често му се јавуваа и ангели Божји, па и Самиот Господ Христос. „Мир на тебе, возљубен Мој угоднику!“, му рекол Господ Исус Христос. Со голема благодат од Бога, Паисиј имаше голем дар да се воздржува од јадење. Често не вкусуваше леб по петнаесет дена, уште почесто по една недела, а еднаш, според сведоштвото на Јован Колов, седумдесет дена помина не вкусувајќи ништо. Имаше голема борба со духовите на злобата, коишто некогаш му се јавуваа такви какви што се, а некогаш во вид на светли ангели. Но благодатниот слуга Божји никогаш не даде да се прелаже и не се опрелести. Беше проѕорлив и во сиот Мисир прочуен по чудотворството. Во вечноста се пресели во 400 година. Преподобен Исидор Пелусиот ги пренесе неговите мошти во својата обител и чесно ги погреба.

Светиот маченик Зосим

Римски војник во времето на царот Трајан. Храбро ја исповедаше својата вера во Господ Исус Христос, за што претрпе тешки маки. Сред мачењето слушна глас од небото: „Држи се, Зосиме и крсти се. Јас сум со тебе!“ Во затворот му се јавуваа ангели Божји. После мачењата беше расечен со секира, во 116 година.

Преподобен Јован Отшелник

Се подвизувал во 6 век близу Ерусалим. Со подвигот доспеа до голем степен на чистота и сила, па и ѕверовите му се покоруваа. Се упокои во Господа во длабока старост, 586 година.