Pravoslaven Bogoslovski Fakultet "Sv. Kliment Ohridski", Skopje
 
 
 
 
 

Православен Богословски Факултет Св. Климент Охридски, Скопје

Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје е основан во 1977 година, десет години од возобновувањето на Македонската православна црква (1967-1977).

Тој е, всушност, возобновител на Светиклиментовиот универзитет од пред 1122 години како негов директен наследник. Името на Факултетот беше дадено според патронот „Св. Климент Охридски“, аналогно на основоположникот на културно-просветниот центар во Охрид, наречен Светиклиментов Универзитет. Од причини што Факултетот тогаш не можеше да се вклопи во високото државно школство во Република Македонија, тој егзистираше со статус под други високообразовни установи.

Македонската православна црква со самото осамостојување го создаде прво средното училиште – Богословијата и имаше потреба од дипломирани теолози за идните архиереи, за професорите во Богословијата, за свештенството во градските средини, како и свештеници за новоформираните македонски црковни општини во дијаспората. Овие и други  потреби на Црквата беа основната причина Синодот да донесе одлука за отворање на Православен богословски факултет во Скопје.

Указот [1] за прогласување на Уредбата за основање на Богословски факултет во Скопје беше објавен на 8 декември 1977 година, на денот на с вети Климент, патронот на Факултет от, и со тоа практично започна да работи оваа највисока црковно-просветна институција на Македонската православна црква. Со редовна настава Факултетот започна во летниот семестар.

Матичната комисија за основање на Богословскиот факултет беше составена од универзитетски професори на Философско-историскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и од Македонската академија на науките и уметностите. Главен иницијатор за отворање на Факултетот и негов прв декан беше тогашниот митрополит Повардарски Гаврил, а подоцнежен трет поглавар на Македонската православна црква.  Првите професори на Факултетот беа најистакнатите црковно-просветни дејци и професори од Богословијата. Тоа беа учени луѓе, со теолошки факултет, а некои од нив и уште со друг факултет од општествените, односно историско-философските науки. Некои од нив подоцна станаа и архиереи на МПЦ. Меѓувремено Факултетот се дополнуваше со млади професори кои се враќаа од последипломските студии во земјата и странство, а професорски кадар едновремено имаше и од Белград, како и континуирано за одредени општествени дисциплини од Скопскиот Универзитет.

Денес Православниот богословски факултет има петнаесеттина реномирани професори, кои се познати во современата теолошка мисла кај нас и пошироко. Тие своето образовно и научно оформување го здобија на овој Факултет, на некои од универзитетите во нашата земја и во странство, како на пример на познатите теолошки центри во Рим, Атина, Белград, Софија, Бари и др. Учествуваат на научни конференции во земјава и во странство и даваат свој придонес во современото богословие.

На Факултетот се ангажирани и седуммина асистенти, кои се школуваа, исто така, во некои од странските  теолошки Универзитети, а тројца од нив во  Русија.

Богословскиот факултет во својот почеток располагаше со скромни погодности за работа. За изведување на наставата, на Факултетот му беше дадена на располагање административната зграда на манастирот „Св. Јован Крстител“ во месноста Капиштец – Скопје заради можнота за извршување на богослужби, односно практичната настава во непосредна близина на спомнатата зграда. Локацијата се покажа извонредна, можеби и поради манастирскиот комплекс, но најмногу и заради убавината на овој кварт од градот. Финансирањето на Факултетот, пак, го обезбедуваше Македонската Архиепископија заедно со епархиите на МПЦ.

Манастирскиот храм во 1995 година беше срушен до темел и беше обновен во поголеми димензии. Факултетската зграда, пак, на двапати се доградуваше и денес располага со корисна површина над 800 м2 и дворно место од еден хектар.

Нешто првично што требаше да се направи беше формирањето на Факултетската библиотека. Во почетокот библиотечниот фонд беше прибран преку донации и подароци од пријатели и институции. Во таа смисла една Швајцарска организација со одредена сума пари континуирано неколку години помагаше Факултетот да се здобие со многу значајни богословски изданија од познати светски издавачки куќи.

Денес, Факултетот располага со една општа библиотека со читална, со која се користат наставниците и студентите. Библиотечниот фонд изнесува над  9000 примероци. Освен неа, постои и легат – завештена библиотека,  оставштина од првиот декан на Факултетот архиепископот Гаврил и таа брои 2000 примероци. Има и кабинетски библиотеки кои им служат на наставниците. Својата задача библиотеките ја остваруваат со набавка и средување на книги, списанија и други публикации од областа на предметите што се изучуваат во Факултетот, како и од други дисциплини.

Во склопот на Библиотеката има Археографска комисија која се грижи за прибирање на ракописни и старопечатени книги во специјален библиотечен фонд при Факултетот. Таа води грижа за заштита на ракописите и старопечатените книги, како и за нивно проучување и презентација пред научната јавност.

Факултетот издава Годишен Зборник на трудови на професорите од овој Факултет, додека, пак во организација на Друштвото на студентите се издава билтен под наслов “ Православен благовесник ”. Билтенот излегува семестрално, а целта е да делува стимулативно за работата на студентите, па врши посебна мисија меѓу заинтересираните.

До денес Факултетот има околу 1250 запишани студенти, од кои 275 се дипломирани. На Факултетот под исти услови се запишуваат кандидати од двата пола, машки и женски. Оваа бројка од дипломирани девојки значително ја пополни вероучителската фела, којашто стартуваше со учебната 2008/09 година. Дипломирани теолози од овој факултет денес се на последипломски студии надвор од земјата, на познати теолошки центри во светот.

Православниот богословски факултет 2008/09 студиска година доби Државна акредитација со целосно финансирање од Државата. Тоа е голема сигурност и можност Факултет забрзано да се развива и трансформира според Европските норми за образование и наука. Факултетот се обврза да работи според Европскиот Кредит Трансфер Систем и според  Болоњската конвенција.

На Православниот богословски факултет во Скопје од наесен ќе може да се запише на постдипломските студии, додека, пак,  секое лице од христијанска вероисповед да се здобие и со научен степен - доктор по богословски науки. Научен степен доктор на науки може да се стекне со докторски студии и одбрана на докторска дисертација или со пријавување и одбрана на докторска дисертација.

Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, по своето три децениско постоење, денес функционира со статус на најмлада придружна членка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (Статут на УКиМ, член број 58). Многу време требаше да се посвети на неговото конституирање, кое требаше да се направи не само според Уставот на Македонската православна црква, туку и според прописите и одредбите на Законот за Високото образование во Република Македонија.

Приклучувањето на Православниот богословски факултет кон Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје не беше само негова потреба, туку и на Универзитетот. Некогаш во светот не постоел, и денес нема Универзитет со високо реноме на којшто не постојат теолошки студии. Богословскиот факултет со ваква инцијатива се носеше од основањето, но поинтензивно од пред неколку години, но, за жал, интеграцијата одеше многу тешко. Меѓутоа, и покрај административните пречки, професорите од Богословскиот факултет ја одржуваа соработката со професорската елита од Универзитетот. Тоа го прават и денес: учествуваат во повеќе заеднички проекти, научни собири и магистерски и докторски дисертации, а тоа е највидно и најпримерно со сродните науки на теологијата, како што се: средновековната книжевност, лингвистиката, историјата, уметноста, архитектурата и др. Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, соочен со динамичниот прогрес на науката и техниката, и следејќи ги сегашниве демократски и други промени во нашиот политички и општествен живот, а имајќи ја превид потребата од високообразовен научен и стручен кадар за потребите на Црквата и општеството (професори, свештеници, монаси, вероучители и др.), овој пат се обиде цврсто постојниот Православен богословски факултет да биде вброен во семејството на државните високообразовни институции, заради обезбедување соодветни услови и гаранции за успешно извршување на поставените задачи. Поддршката за тоа ја доби од целата Македонска православна црква, но и пошироко, која е изразена со Одлуката на САС бр.72 од 15.04.2002 година. Собранието на Република Македонија на 1 јули 2008 година (07-2621/1) на предлог на Владата го донесе Законотза високообразовните установи на верските заедници . Овој Закон имаше за цел создавање нормативно-правни претпоставки Православниот богословски факултет, основан од Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, да стане дел од системот на високото образование со статус на приватно-јавна непрофитна високообразовна установа, притоа да има можност да биде во состав на јавен универзитет како придружна членка. Православниот богословски факултет се одлучи да членува при Скопскиот Универзитет, откако САС на МПЦ ја прифати иницијативата за акредитација како државен факултет (САС бр. 144, од 26.06.2007).

Подготвил: деканот на Православниот богословски факултет , протоереј-ставрофор, проф. д-р Ацо Гиревски.

_________

[1] Одлука на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква, чл. 174 став 3 од Уставот на СФР Југославија, чл. 225 став 3 од бр. 360 од 22.07.1977 год., врз основа на чл. 66 точка 12 од Уставот на Македонската православна црква, точка 4 од Резолуцијата на Црковно -народниот собор, донесена на 30 октомври 1974 година Уставот на СР Македонија, како и согласноста на Републичката комисија за односи со верските заедници бр. 05-78/2 од 5.07.1977 година, согласно членовите 18,19, 20 и 21 од Законот за високо образование во СР Македонија.