Vikaren Episkop Stobiski Jakov - biografija
 
 
 
 
 

Роден е на 23 ноември 1983 година во Куманово. Доаѓа како искушеник во манастирот „Свети Антониј и свети великомаченик Георгиј Победоносец“, во Ново Село, на празникот Успение на Пресвета Богородица, во 2004 година. Во 2005 година, на празникот Воведение на Пресвета Богородица, е замонашен од Митрополитот Струмички г. Наум во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица Елеуса“, во Велјуса, а истата година, на 28 август, на празникот Успение на Пресвета Богородица е ракоположен од Митрополитот Струмички г. Наум во јероѓаконски чин во манастирскиот храм „Покров на Пресвета Богородица и свети Леонтиј“, во Водоча. На 22 август 2010 година e ракоположен во чин јеромонах од Митрополитот Европски г. Пимен во манастирот во Водоча. За игумен е произведен на 5 ноември 2012 година, во Водоча. Од 2010 година до денес е старешина на манастирското братство во манастирот „Свети Антониј и свети великомаченик Георгиј“, во Ново Село.

Дипломирал на Теолошкиот факултет во Скопје, во 2018 година.

Со одлука на САС на МПЦ – ОА од 13 декември 2016 година е одликуван со архимандритско достоинство, а на 19 јануари 2017 година е произведен за архимандрит во храмот „Свети Григориј Палама и свети Димитриј Солунски“, во Струмица.

На 29 септември 2018 година, Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА донесе одлука за негов избор за архиереј на МПЦ – ОА. Хиротонисан е за Викарен Епископ на Митрополитот Струмички г. Наум, на 25 ноември 2018 година, во Водочкиот манастир, со титула Викарен Епископ Полјански. Титулата што ја носи денес е Викарен Епископ Стобиски.

Од 2018 година е главен уредник на православното списание „Премин“, а во 2019 година со негови заложби е основана хуманитарната фондација „Елеуса“. Исто така, од 2019 година под негово раководство функционира православниот сајт „Тивериопол.мк“.