Pouka za denes
 
 
 
 
 

Испитувајќи што му е најпотребно на молитвеникот за да беседи со Бога, по кој пат доаѓа молитвата, Богородица го пронаоѓа свештеното тихување - ‘безмолвие на умот', оддалеченост од светот, заборав на сè земно и стремење кон Божествените откровенија, избор на ‘подобриот дел'. Открива дека ако умот не се расејува кон земните работи, би можел да се оддаде на подобро и повозвишено дејствување, што значи да се сврти кон самиот себеси: единственото дејствување преку коешто би можел да се соедини со Бога.

…Пресветата Дева престојувајќи во храмот се ослободи од сите тварни окови и ги отфрли сите врски, истовремено воздигнувајќи се над сожалувањето кон сопственото тело и собирајќи го умот во сосредоточеност кон него самиот, со внимание и во непрестајна молитва. И преку неа (молитвата), Таа целата Своја стана и се воздигна над разнородното мноштво помисли, воспостави нов и неискажлив пат кон Небото, којшто јас ќе го наречам ‘молчание на умот'. И предавајќи го Својот ум на ова молчание ја наткрили сета твар, и подобро од Мојсеј ја виде славата Божја и беше посветена во Божествената благодат, којашто никако не е подложна на силата на чувствата, туку претставува прекрасно и свештено созерцание, својствено за непорочните души и умови. Бидејќи причесна на ова созерцание, Пречистата, како што пеат црковните химни, стана светлоносен облак на навистина Живата вода, зора на таинствениот ден и огнена кочија на Логосот.

...Оние кои така чинат, кои со свештено тихување ги очистиле срцата и на неискажлив начин Му се приближиле на Оној Којшто Е над секое чувство и мисла, во себе како во огледало Го гледаат Бога. Тихувањето е значи брз и директен патеводител, успешен и соединувачки со Бога, особено за оние коишто во сè и потполно го практикуваат. А што да кажеме за Богородица, Која од детството престојуваше во исихија? Молитвено тихувајќи натприродно, од најраните години, Таа токму затоа - не знаејќи за маж - и ја стекна благодатта да Го роди Богочовекот Христос.

Свети Григориј Палама