Mitropolit Strumicki Naum - biografija
 
 
 
 
 

Роден е на 13 декември 1961 година во Скопје. Монашкиот подвиг го започна во мај 1987 година во манастирот Григоријат на Света Гора. Во 1991 година е замонашен во Голема схима од архимандрит Георгиј Капсанис, игумен на манастирот Григоријат. Три години подоцна, во 1993 година, е ракоположен за јероѓакон од Митрополитот на Трикала, г. Алексиос од Грчката Православна Црква. На 15 август 1995 година од Епископот на Арџеш и Мушчел г. Калиник од Романската Православна Црква е ракоположен за јеромонах.

За епископ на Македонската Православна Црква е хиротонисан на 27 август 1995 година. На 28 август истата година од Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква е востоличен за надлежен Архиереј на Струмичката Епархија, како Митрополит Струмички. Оттогаш го возобнови православниот духовен живот во својата Епархија, особено монашкиот. Во тие рамки ги заживеа градежната, издавачката, културната и хуманитарната црковна дејност.

Член е на Комисијата на Македонската Православна Црква за разговори со Српската Православна Црква и со останатите помесни Православни Цркви.

Активно се користи со грчки, англиски и руски јазик.

Ги има завршено студиите на Правниот факултет „Јустинијан I“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и на Теолошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Во 2008 година ја одбрани докторската дисертација на Теолошкиот факултет при Универзитетот „Свети Климент Охридски” во Софија на тема „Исихазмот во светогорското монаштво од 20 век“. Во 2015 година ги заврши магистерските студии по Клиничка психологија на Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ во Свети Николе на тема „Психолошки аспекти на процесот на загуба, тагување и надминување на загубата на член во семејството“. Од 2010 година доцент е на Педагошкиот Факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Трудови и дела

Превод од руски на грчки јазик

ΑΓΙΟΣ ΜΑΞΙΜΟΣ Ο ΓΡΑΙΚΟΣ Ο ΦΩΤΙΣΤΗΣ ΤΩΝ ΡΩΣΩΝ („Свети Максим Грк, просветител на Русија“), ΙΕΡΑ ΜΟΝΗ ΟΣΙΟΥ ΓΡΗΓΟΡΙΟΥ ΑΓΙΟΥ ΟΡΟΥΣ, 1991.

Превод од грчки на македонски јазик

„Од маска до личност” на Пергамскиот Митрополит Јован Д. Зизиулас, 1998
„За духот и животот” на Старец Софрониј (Сахаров), 1999
„Вовед во монашкиот живот” на Старецот Паисиј, 1999
„Исихастички сведошта” на Старецот Јосиф Спилеот, 1999
„Свети Григориј Палама и православната мистика“ на Јован Маендорф, 2001
„Поуки за Исусовата молитва” на Старецот Ефрем Филотејски, 2001.

Во 2000 година е добитник на наградата „Архиепископот Гаврил“ за превод од грчки јазик на делото „Исихастички сведоштва“ во издание на манастирот Свети Леонтиј, с. Водоча, која ја доделува Сојузот на литературните преведувачи на Македонија за најуспешен превод на дела од духовната литература. Почесен член е на Друштвото на писатели на Р. Македонија.

Сопствени дела

До денес се објавени тринаесет книги со пастирски посланија, писма, беседи, интервјуа и аскетско-исихастички есеи на Струмичкиот Митрополит Наум:

„Православната Црква и Унијата“, 1992
„Слово од Елеуса”, 2001
„Слово од Водоча”, 2002
„Соочување со апсурдот“, 2007
„Ни Јас не ви кажувам...“, 2008
„Исихазмот во светогорското монаштво од 20 век (Умносрдечната молитва во хармонијата на аскетско-исихастичкиот подвиг)“, 2009
„Не знаете од каков Дух сте“, 2010
„Школа за исихазам – основна“, 2011
„Плодоносна девственост“, 2012
„Само едно е потребно“, 2013
„Надминување на дуализмот“, 2014
„Премин од душевност во духовност“, 2015
„Нови личносни односи“, 2016.

Во електронско издание на англиски јазик се објавени книгите: „Ни Јас не ви кажувам...“ и „Само едно е потребно“
Книгата „Ни Јас не ви кажувам...“ е преведена и издадена на романски и бугарски јазик.

Со негово залагање и иницијатива од 2000 година се подготвува и се објавува православното периодично списание „Премин”. Изготвувањето и функционирањето на официјалната веб-страница на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија е негова иницијатива и труд, Дневниот центар за прифат, третман и продолжено лекување на болести на зависност „Света Елисавета“ во Струмица и Терапевтскиот центар „Покров“ во село Водоча се, исто така, резултат на неговиот личен ангажман и грижа.

Научни симпозиуми

1. Научен симпозиум по повод 2000 години од христијанството: „Христијанството во културата и уметноста на Струмичката Епархија“, во манастирот во Водоча, во август 2000 година, на којшто настапи со воведно излагање „Беседа во Водоча“;
2. Научен симпозиум „Скопје меѓу античкото и модерното време“, во рамките на манифестацијата „Денови на Јустинијан Први“, Скопје, 11-13.05.2006, со темата: „Улогата на цар Јустинијан Први во континуитетот на организираниот црковен живот во Македонија“;
3. IV Македонски психијатриски конгрес со меѓународно учество, Охрид, 27-31.05.2009, со темата: „Основи на православната психотерапија“;
4. Международен симпозиум „Триалог между авраамичните религии: юдаизъм-християнство-ислям (преоткриване на традиции и ценности)“, Софийски Универзитет, 13-15.11.2009, со темата: „Роля и функции на религиозния ръководител в Православната Църква“;
5. Меѓународен научен собир „1100-години од упокојувањето на свети Наум Охридски“, Охрид, 3-5.10.2010, во организација на МПЦ–ОА, со темата: „Светоотечко толкување – откровение на внатрешниот духовен живот на свети Наум Охридски“;
6. Меѓународен научен собир „Свети Наум Охридски и словенската духовна, културна и писмена традиција“ во Охрид, 4-7.11.2010, во организација на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје, со темата: „Свети Наум Охридски и суштинскиот континуитет на христијанското предание“;
7. Прилози (Official Journal of the Macedonian Academy of Sciences and Arts), Македонска Академија на науките и уметностите, Одделение за медицински науки, Скопје, со темата: “Basics оf the Ascetical (Christian) Psychotherapy”, ISSN 1857-9345, XXXVI 1, Скопје, 2015, стр. 165-173;
8. 4th PAR International Leadership Conference: “Change Leadership: Key to Successful Growth”, Опатија, Хрватска, 13-14 март 2015 г., со темата: „Spiritual Crisis of Leadership“;
9. Втора меѓународна научна конференција „За душата“ во Скопје, 1-3 јуни 2016 година, во организација на Здружението за компаративна книжевност на Македонија, Скопје, со темата: „Православен аспект на душата, со посебен осврт на разликата ум и разум“;
10. DGPPN Congress, Berlin, 2016, “Psyche – Mensch – Gesellschaft”, 23–26 November 2016, CityCube Berlin, со темата: "Basics of Christian Psychotherapy – Integration of Psychology and Spirituality in the Psychotherapy";
11. DGPPN Congress, Berlin, 2016, “Psyche – Mensch – Gesellschaft”, 23–26 November 2016, CityCube Berlin, со темата: "Therapeutic Community POKROV – Integrative Concept in the Treatment of Addictions and Hazard".