Евангелие и поука на ден
 

 

Евангелие и поука за 13/11/2026

Почеток
 
 

Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 12:2-12

2. Нема ништо сокриено, а да не се открие, ни тајно – што не ќе се узнае;
3. па затоа, што сте рекле во темнина, ќе се чуе на видело; и што сте рекле на уво во скривница, ќе биде разгласено од покривите.
4. А вам, на Моите пријатели, ви велам: не бојте се од оние, што го убиваат телото и потоа не можат ништо повеќе да направат;
5. но ќе ви кажам од кого да се боите: бојте се од Оној, Кој по убивањето има власт да фрли во пеколот; да, ви велам, од Него бојте се!
6. Зар не се продаваат пет врапчиња за два асарија? И ниедно од нив не е заборавено од Бога.
7. А вам, и косата на главата ви е изброена. Па така, не бојте се: од многу врапчиња вие сте поскапи.
8. И ви велам: секој што Ме признае Мене пред луѓето, и Синот Човечки ќе го признае пред Божјите ангели;
9. а кој се одрече од Мене пред луѓето, и тој ќе биде одречен пред Божјите ангели.
10. На секој, што ќе каже збор против Синот Човечки, ќе му биде простено; но на оној, кој похули на Светиот Дух, нема да му се прости.
11. А кога ве одведат во синагогите и пред властите и началствата, не грижете се како ќе одговорите, или што ќе кажете;
12. зашто Светиот Дух ќе ве научи во истиот час, што треба да кажете.”

Апостол на денот: Прво послание на светиот апостол Павле до Солунјаните 5:9-13;5:24-28

9. зашто Бог нe определи не за гнев, туку да добиеме спасение преку нашиот Господ Исус Христос,
10. Кој умре за нас, та ние, будни ли сме, или спиеме, да живееме заедно со Него.
11. Поради тоа советувајте се помеѓу себе и поправајте го својот ближен, како што и правите!
12. И ве молам, браќа, да ги уважувате оние, што се трудат меѓу вас, што се ваши претстојници во Господа, и оние кои ве учат.
13. И кон нив да имате преголема љубов заради нивното дело. Живејте во мир помеѓу себе!
24. Верен е Оној, Кој ве повикува, Кој и ќе го направи тоа.
25. Браќа, молете се за нас!
26. Поздравете ги сите браќа со свет целив!
27. Ве заколнувам во Господа ова послание да го прочитате на сите свети браќа.
28. Благодатта на нашиот Господ Исус Христос нека биде со вас. Амин!

Поука на денот: Авва Макариј Александриски

Ако сакаш да извојуваш победа над страстите и лесно да ги натераш во бегство мноштвото мислени иноплеменици, собирајќи се во себе преку молитвата и со помош Божја слегувајќи во длабочините на срцето – побарај ги во себе оние три силни ѓаволски џинови, т.е. заборавноста, мрзливоста и незнаењето, од коишто се хранат, дејствуваат, живеат и се крепат во сластољубивите срца и во невоспитаните души сите останати страсти... Кога умот ќе ја спознае безуспешноста на своите спротивставувања на поранешните претстави, и ќе Му ја исповеда на Бог својата поранешна вина, веднаш исчезнува самото искушение и тој одново стекнува власт да внимава на срцето и со сета претпазливост преку молитвата да го чува, настојувајќи да влезе во највнатрешниот и невознемирлив простор на срцето, каде што веќе нема никакви лукави помисли.