Евангелие и поука на ден
 

 

Евангелие и поука за 13/03/2025

Почеток
 
 

Паримија на денот: Книга пророк Исаија 6:1-12

1. Во годината кога умре цар Озија, јас го видов Господа, седнат на престолот висок и издигнат, а полите на одеждата Негова го исполнија целиот храм.
2. Околу Него стоеја серафими; секој од нив имаше по шест крилја: со две секој го криеше лицето свое, со две други ги криеше нозете свои, а со две леташе.
3. И викаа еден кон друг и велеа: „Свет, свет, свет е Господ Саваот! Целата земја е полна со Неговата слава!”
4. И се разниша, горништето на вратите од гласот на оние што викаа, а домот се исполни со дим.
5. И реков: „Тешко ми мене, зашто сум човек со нечиста уста и живеам среде народ исто така со нечиста уста, – а очите мои Го видоа Царот Господа Саваот!”
6. Тогаш долета до мене еден од серафимите со разгорен јаглен во раката што го беше зел со клешти од жртвеникот,
7. се допре до устата моја и ми рече: „Ете, тоа се допре до устата твоја – и твоето беззаконие се оттргна од тебе, гревот твој се очисти.”
8. И го чув гласот на Господа, Кој рече: „Кого да испратам у кој ќе отиде заради нас?” А јас реков: „Еве ме мене, испрати ме мене!”
9. Тогаш Он рече: „Оди и кажи му на тој народ: »со ушите ќе чуете и нема да разберете, и со очи ќе гледате – и нема да видите.«
10. Зашто срцето на тој народ е закоравено, и со ушите тешко слушаат и ги затвориле очите свои за да не гледаат со очи, со уши да чујат и со срце да разберат, та да се обрнат да ги излекувам.”
11. И реков: „До кога, Господи?” Он рече: „Додека запустат градовите и останат без жители, и куќите без луѓе, земјата сосема не се запусти,
12. додека Господ не ги оддалечи луѓето и голема пустош во таа земја да има.

Паримија на денот: Прва книга Мојсеева (Битие) 5:1-24

1. Ова е родословот на Адама. Кога Бог го создаде човекот, го создаде според образот Божји.
2. Маж и жена ги создаде, и ги благослови, и ги нарече – човек – во денот кога беа создадени.
3. Адам поживе двесте и триесет години, кога му се роди син според подобието свое и според образот свој, и му даде име Сит.
4. А откако го роди Сита, Адам поживе уште седумстотини години, раѓајќи синови и ќерки.
5. И сите денови, што ги поживе Адам, изнесуваа деветстотини и триесет години; потоа тој умре.
6. Сит, пак, поживе двесте и пет години и му се роди Енос.
7. По раѓањето на Еноса, Сит живееше уште седумстотини и седум години, раѓајќи синови и ќерки;
8. така поживе Сит вкупно деветстотини и дванаесет години; и умре.
9. Енос, пак, живееше сто и дваесет години, кога му се роди Каинан.
10. А откако го роди Каинана, Енос живееше уште седумстотини и петнаесет години, раѓајќи синови и ќерки;
11. и така сите денови на Еносовиот живот изнесуваа деветстотини и пет години; потоа тој умре.
12. Каинан, пак, поживе сто и седумдесет години и го роди Малелеила;
13. а по раѓањето на Малелеила Каинан живееше уште седумстотини и четириесет години, раѓајќи синови и ќерки.
14. И така Каинан поживе вкупно деветстотини и десет години; и умре.
15. А Мелелеил поживе сто шеесет и пет години, и го роди Јареда.
16. По Јаредовото раѓање Малелеил живееше уште седумстотини и триесет години, раѓајќи синови и ќерки.
17. А сите денови од животот на Малелеила беа осумстотини деведесет и пет години; потоа тој умре.
18. Јаред, пак, поживе сто и шеесет години и го роди Еноха;
19. а откако го роди Еноха, Јаред живееше уште осумстотини години, раѓајќи синови и ќерки.
20. Сите денови, пак, од животот на Јареда изнесуваа деветстотини шеесет и две години; и умре.
21. Енох, откако поживе сто шеесет и пет години, го роди Матусала;
22. а по раѓањето на Матусала, Енох одеше според волјата Божја двесте години, раѓајќи синови и ќерки.
23. А сите денови од Еноховиот живот изнесуваа триста шеесет и пет години.
24. И Енох, живеејќи според волјата Божја, исчезна, бидејќи Бог го зеде.

Паримија на денот: Книга Мудри Соломонови изреки 6:3-20

3. Затоа направи, синко еве што, за да се избавиш, бидејќи, си паднал во рацете на својот ближен: оди, падни пред нозете на блискиот свој и моли го;
4. не им давај сон на очите твои и дремка на клепките свои,
5. спасувај се како срна од стапица и како птица од мрежа.
6. Оди кај мравката, мрзливче, види ја нејзината работа и биди мудар.
7. Таа нема ниту началник, ни настојник, ниту заповедник;
8. но ја приготвува храната лете, ја собира во време на жетва храната своја. Или оди кај пчелата и види, колку е трудољубива, каква пофална работа врши; трудот нејзин го употребуваат за здравје и царевите и обичните луѓе; неа сите ја сакаат, и таа е славна; иако по силата е слаба, но по мудроста е почитувана.
9. До кога, мрзливче ќе спиеш? Кога од сонот ќе станеш?
10. малку ќе поспиеш, малку ќе подремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш:
11. и ќе дојде сиромаштијата твоја како патник, и немаштијата твоја како разбојник. Ако, пак, не бидеш мрзелив, жетвата твоја ќе дојде како извор, а скудноста ќе избега далеку од тебе.
12. Човек лукав, човек нечестив со лажлива уста,
13. намигнува со очите, говори со нозете, дава знаци со прстите,
14. во срцето негово има подмолност: тој мисли зло во секое време, сее раздори.
15. Затоа ненадејно ќе дојде неговата пропаст, наеднаш ќе биде сотрен – без излекување.
16. Еве шест работи, кои Господ ги мрази – дури седум, што му се одвратни на душата Негова:
17. очи горделиви, јазик лажлив и раце, што пролеваат невина крв,
18. срце кои крои лоши планови, нозе, кои брзо трчаат кон зло,
19. лажен сведок, кој измислува лаги, и оној, што сее раздор меѓу браќа.
20. Синко, пази ја заповедта на татка си и не отфрлај поуката на мајката своја;

Поука на денот: Старец Софрониј Сахаров

...Во евангелските заповеди се содржи Божјото самооткривање. Колку подлабоко влегуваме во нивниот дух толку поконкретно станува нашето согледување на Бога. И кога овие заповеди, по милоста Негова, ќе станат единствен принцип на целото наше битие, времено и вечно, ќе Му станеме слични Нему, зашто ќе Го видиме Каков што Е (1 Јов. 3, 2).