ДУХОВНИОТ ЖИВОТ Е СЕКОЈДНЕВНА РАБОТА НА НИВАТА НА НАШЕТО СРЦЕ
 
 
 
 
 

ДУХОВНИОТ ЖИВОТ Е СЕКОЈДНЕВНА РАБОТА НА НИВАТА НА НАШЕТО СРЦЕ (18.04.2006)

Денешното интервју на Рускиот Патријарх Алексиј II за весникот „Известия“, се докосна до прашања од неколку актуелни теми поврзани со духовниот живот на човекот во современото општество. Добар дел од содржината на интервјуто претставува конкретно пастирско обраќање на Московскиот црковен Поглавар до рускиот верен човек и кон современите текови на возобновување на православното духовно предание во различни слоеви на тлото на Руската Црква. Овде пренесуваме извадоци карактеристични за состојби со кои еднакво се соочуваат најголем број средини на современото посткомунистичко општество.

На прашањето како да се реши проблемот на верската и национална нетрпеливост и колку во тоа би помогнале секуларните методи на казнување, во интервјуто Патријархот Алексиј, меѓу другото одоговри:

„На националната нетрпеливост и непријателство Православната Црква гледа како на пројава на гревот на омраза. Истовремено сметам дека самото зголемување на казните за таквите престапи не може суштински да го реши проблемот. Надминувањето на проблемот ќе стане реалност ако се бориме не само со симптомите на болеста туку и со нејзините причини... Убеден сум дека духовно просветлен човек никогаш нема да стане агресивен националист. Зашто по правило екстремизмот е обид на човековото самопотврдување кај личноста што е несигурна во себе и во своите ставови...“

Говорејќи за најновите забележани испади и реакции на екстремизам, во вид на провокации што ги затрогнуваат верските чувства на луѓето, и за општествените механизми за одбрана од ова јавно зло, Рускиот Патријарх подвлекува:

„Руската Православна Црква не еднаш изјави дека богохулењето и потсмевањето над светињите е една од најопасните форми на екстремизам којашто има за цел да го разедини општеството. Слободата на словото не треба да ја потиснува слободата на совеста и на религијата. Во спротивно, веќе не се работи за слобода туку за самоволие коешто треба решително да се пресече. Затоа Меѓурелигискиот совет на Русија во својата изјава ги повикува сите, пред сѐ раководителите на средствата за јавно информирање и новинарите, истражувачите, општествените и државните работници и уметниците, да се воздржуваат од секакви пројави на непочитување на религиозните чувства коишто со векови го сочинуваат духовниот темел на животот на луѓето. Бидејќи, премногу е висока цената којашто светот може да ја плати за ова...“

Појавата на масовно враќање на луѓето кон светата Православна Црква, модерниот човек најчесто ја гледа како гест на човековата малодушност и плод на неадаптираност на светската динамика.

Говорејќи на оваа тема, Патријархот Алексиј посочува:
„Секој човек има свој пат кон Бога. Некои ја наоѓаат верата преку лишувањата. Некои пак, напротив, откако ќе ги искусат сите сладости на светот чувствуваат недостиг од нешто важно, од нешто што е најважно во животот. Господ со љубов го прима секого што пристапува кон Него: било во тага било во радост, било како резултат на долги размислувања било како неочекувано озарување. Духовниот живот подразбира секојдневна работа над самиот себеси, секојдневно обработување на нивата на нашето срце. Животниот пат на христијаниот никогаш не е лесен. Да се пропадне во гревовната бездна и да им се робува на страстите и на похотите е многу полесно. Но, овој пат води во пропаст. Гревот, колку и да изгледа привлечен, неизбежно доведува до уништување на човековиот живот, до распад на личноста, до смрт пред смртта. Издржливоста во искушенијата е, на крајот на краиштата, залог за зачувување на животот, за душевното и телесното здравје на човекот...“

Порастот на бројот на верните во Црквата Божја во Русија, весникот „Известия“ во денешното интервју го подложи на прашањето: „Што мислите, како се смени нашето општество? Дали многумина навистина пристапија кон верата и бараат одговори на суштинските прашања или најчесто едноставно ги води љубопитност кон непознатото, кон обредните обичаи?“

Со својот одговор Патријархот Алексиј оваа појава ја поставува на планот на личноста и на нејзиниот внатрешен избор и слобода:

„Патиштата Господови се неиспитливи“, „Секој верник може да рече дека обраќањето кон Христа и кон Црквата е чудо, благодатно дејство Божјо, тајно или јавно. Надворешните причини за обраќањето можат да бидат различни – во некого оганот на верата се разгорува одеднаш, а некој пак долго и мачно доаѓа до неа. Но, суштината на соединувањето на човекот со Бога е неизменлива: тоа е лична средба со Него во длабочината на срцето. (...) Сепак, фактот дека храмовите сѐ повеќе и повеќе се полнат со народ сведочи дека народот се воцрковува. Погледот на Црквата како на безнадежен собир на несреќни и престарени луѓе, и на јуродиви, којшто го има формирано пропагандата на советска Русија, е веќе минато. Кон активниот живот на Црквата се присоединуваат млади активни луѓе од најразличен социјален статус. Без оглед на материјалните и на други тешкотии, православните семејства имаат многу деца. Додека, пак, оние што не се воцрковени и кои не се верници најчесто се ограничуваат на едно дете или воопшто се откажуваат од радоста на мајчинството и на татковството...“

Во своето пастирско обраќање до читателите, коментирајќи ги односите на долгогодишните членови на Црквата со многубројните новообратени, и упатувајќи на срдечна заедница во Христа, Патријархот Алексиј подвлекува:

„Душата на човекот се стреми кон својот Создател, бидејќи во Него живееме и се движиме (Дела 17, 28). Сметам дека оние што редовно ги посетуваат богослужењата и живеат со животот на Црквата не треба гордо да се однесуваат кон луѓето коишто неодамна пријдоа кон Бога или ги прават првите чекори на патот кон Црквата. Не треба да им се вподобуваме на фарисеите кои исполнувајќи ги религиозните обреди се сметаа себеси за праведници пред Бога, а го немаа она најважното: расудувањето, милосрдието и верата (Мат. 23, 23). Дали секогаш човекот којшто во Црквата има поминато многу години гори од љубовта кон Бога и кон ближниот онака како неговиот новообратен собрат? Дали секогаш таквиот човек има топло покајание за своите согрешенија пред Бога како оној кој штотуку стапил на патот на христијанскиот живот?“

На крајот од своето интервју за „Известия“ Неговата Светост ја повика Божјата милост над сите што Го бараат Бога со чисто срце, за да бидат причесници на Неговата светла радост и на нејзиниот блесок во сите нивни дела.

Интервјуто е преземено од официјаниот сајт на РПЦ