Што вели Преданието за содржината на Велики Четврток
 
 
 
 
 

Што вели Преданието за содржината на Велики Четврток (21.04.2006)

Целоноќната служба на Велики четврток ѝ е посветена на Тајната Вечера, на којашто Спасителот ја востанови Тајната на Светата Евхаристија, оставајќи заповед Пасхата на Новиот Завет да се вкусува во Негов спомен, на Неговото Тело и Неговата Крв пролеана за отпуштање на гревовите. Во богослужењето на овој ден се говори и за предавството на Јуда.

 

„Беззакониот Јуда, којшто на Тајната вечера ја стави раката во чинијата заедно со Тебе, кон беззакониците ги пружи рацете за да ги прими сребрениците: тој ја пресмета и цената на мирото и не се исплаши да Те продаде Тебе, Кој немаш цена; тој ги пружи и нозете за да му ги измиеш, Му даде лажен целив на Господа, за да им Го предаде на беззакониците: откако се одрече од соборот на апостолите, иако ги фрли триесетте сребреници, не се удостои да го види Твоето тридневно Воскресение. Господи, Кој воскресна, помилуј нѐ.“ (стихира од Вечерната на Велики Четврток)

 

За Велигден постои обичај да се обојуваат варени јајца во различни бои, но централното место им припаѓа на јајцата обоени црвено. Историјата ни го сочува тоа предание. После Воскресението на Исус Христос Неговите ученици и следбеници заминаа во различни земји, насекаде возвестувајќи ја радосната вест за тоа дека повеќе не треба да се плашиме од смртта. Неа ја победи Христос, Спасителот на светот. Тој воскресна и ќе го воскресне секого што ќе поверува во Него и што ќе ги сака луѓето со љубовта со којашто Тој ги љубеше.

 

 

Марија Магдалена се осмели со таа вест да отиде кај самиот римски император Тивериј. Бидејќи постоел обичај кај императорот да не се оди без подароци, Марија Магдалена понела со себе едно обично, бело јајце од кокошка. Го избрала јајцето како подарок со одредена смисла. Јајцето секогаш било симбол на животот: под кревката лушпа се наоѓа, скриен од нашите очи, животот којшто во одреден час ќе се ослободи во вид на малечко пиле. Но, кога Марија почнала да му зборува на Тивериј за тоа дека Исус Христос исто така се ослободи од оковите на смртта и воскресна, императорот се насмеал велејќи: „Тоа е исто така невозможно како и твоето бело јајце да се претвори во црвено.“ И уште не ја завршил реченицата, а јајцето во рацете на Марија Магдалена станало црвено. Оттогаш за спомен на овој настан, кој ја изразува нашата вера во Воскреснатиот Господ, ние ги обојуваме јајцата.

 

преземено од http://www.paskha.ru/presents/why.html