Делегација на Руската Православна Црква ја посети Грција
 
 
 
 
 

Делегација на Руската Православна Црква ја посети Грција (23.06.2006)

Со благослов на рускиот патријарх Алексиј Втори, а на повик на грчкиот архиепископ Христодул од 17 до 21 јуни 2006 год., во Грција престојуваше делегација на Руската Православна Црква. Делегацијата ја посети Грција поради учество во свеченостите околу пренесувањето на моштите на свети Арсениј Еласонски коишто ѝ беа предадени на Грчката Православна Црква на 8 јуни во храмот на Христа Спасителот во Москва од страна на рускиот патријарх. Делегцијата се сретна со поглаварот на Грчката Црква г. Христодул и Митрополитот Еласонски Василиј во машкиот манастир на Олимп, посветен на Света Троица. Свеченостите во градот Еласон вклучуваа Вечерна богослужба, Литија, празнична Утрена и Божествена Литургија, којашто ја отслужи Архиепископот Христодул во сослужение со Архиепископот Владимирски и Суздалски Евлогиј и неколку грчки епископи,  во храмот на свети Арсениј Еласонски каде што беа пренесени моштите. По Литургијата имаше и наградување со почесни грамоти и подароци на сите оние коишто учествувале во изградбата и украсувањето на храмот на свети Арсениј Еласонски.

Предводникот на делагацијата на Руската Православна Црква, Архиепископот Владимирски и Суздалски Евлогиј, во своето слово кон грчкиот Архиепископ Христодул заблагодари „за овозможување на учеството во свеченостите што се симбол за духовно единство на двете братски Цркви.“ Во своето обраќање Епископот Евлогиј изрази желба, по молитвите на светиот Арсениј, братските православни народи уште потесно да се соединат духовно сведочејќи за вселенскиот карактер на православната вера. Во своето словото, пак, Архиепископот Христодул кон Архиепископот Евлогиј, му заблагодари на рускиот патријарх Алексиј за предавањето на моштите на светиот Арсениј Еласонски. Според зборовите на Архиепископот Христодул, тој чин е доказ за пријателството и взаемните братски односи коишто постојат помеѓу двете Цркви. Христодул исто така спомна за страданијата по чијшто пат поминале двете Цркви во својата историја, што е сведоштво за сличноста на нивните судбини и за нивното духовно единство. Делегацијата, за време на својот престој во Грција, ги посети женските манастири во чест на Олимписката икона на Богородица и на Вознесението Христово, Преображенскиот машки манастир каде што свети Арсениј Еласонски некогаш го примил монашкиот потстриг. На покана на Митрополитот Тесалиотски и Фанариоферсалски Кирил, архиепископот Владимирски и Суздалски Евлогиј чиноначалствуваше со молебенот заради поставување на темелите на новиот храм на свети Арсениј Еласонски во неговото родно место – во Калогријана.