Архиереј на Руската Задгранична Црква предаде дел од моштите на преподобните маченички Елисавета и Варвара на Владикавкаската епархија на Московската Патријаршија (27.06.2006)
На 22 јуни 2006 г. во текот на својата посета на Северна Осетија, Архиепископот Берлински и Германски Марк (Руска Задгранична Црква) ѝ предаде на Ставрополската и Владикавкаската епархија на Московската Патријаршија дел од моштите на преподобните маченички, великата кнегиња Елисавета и монахињата Варвара.
Како што е познато, Московската Патријаршија и Руската Задгранична Црква потпишаа спогодба за заедничка изградба на рехабилитационен центар во спомен на жртвите во Беслан, на територијата на Богојавленскиот манастир во Северна Осетија.
Преподобната маченичка велика кнегиња Елисавета која го посвети целиот свој живот на болните и на оние што страдаа беше ѕверски убиена од болшевиците во 1918 година. Името на светата Елисавета и името на со неа загинатата монахиња Варвара станаа симбол на пожртвувано служење и христијански подвиг. Сега моштите на Светителките се наоѓаат во Гетсиманската женска обител во Ерусалим.
Дадените мошти на преподобните маченички се планира да се чуваат во храмот на Покровот на Пресвета Богородица во Владикавказ, а потоа да бидат пренесени во Богојавленскиот женски манастир каде што се гради рехабилитациониот центар.
известува: Одделот за надворешни црковни врски на Московската Патријаршија